Искушенијата на новата политичка сезона

И, секако, останува најголемото искушение на претстојната политичка сезона – предвремени парламентарни избори!

202

Со постпразничен мамурлак, Македонија ќе се втурне во нова турбулентна политичка сезона. Во жесток натпревар ќе влезат темите за спроведување на Преспанскиот договор во Македонија и во Грција (допрва ќе гледаме тензии) и изборот на нов претседател на државата. Потоа, сите теми ќе се измешаат и ќе станат една голема, безлична маса што на површината ќе ги исфрли сите стари и неколку нови болести и искушенија на македонското општество. Без сомнение, ќе предничат добро познатите придружници на македонските политичките процеси: национализам, омраза, поделби…

Ова ќе биде уште еден голем и тежок тест за мобилноста и виталноста на политичките партии, а уште повеќе за политичката писменост и зрелост на граѓанките и граѓаните. Тактот ќе го даваат политичките партии, а луѓето, уморни и разочарани по многу реални и нереални основи, уште еднаш ќе го осетат товарот на политичката пропаганда. Уште еднаш ќе видиме тотална конфузија во политичките пораки и пропаганда, ќе се зборува едно, ќе се мисли на друго, а на теренот ќе се пропагира нешто сосема трето, црната кампања ќе биде највидлива… Како и секогаш.

И, секако, останува најголемото искушение на претстојната политичка сезона – предвремени парламентарни избори!

Граѓанинот уште еднаш ќе остане истовремено безгласна буква и главна мета, без многу можности за избор. Разочарувањата од состојби што немаат врска со претседателските избори ќе се рефлектира во спремноста да се излезе на избори.Тоа ќе биде еден од адутите со кои ќе играат сите што сакаат да го присвојат граѓанското незадоволство за свои теснопартиски цели.

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека нема да ги бојкотира претседателските избори, како тоа да е важно. Не е важно, бидејќи излезноста најмалку ќе зависи од оваа партија во распад. Ни ДУИ (албанското вемеро) не е некој фактор, бидејќи довербата во нив меѓу Албанците е слична на довербата на Македонците во ДПМНЕ. Ако Албанците навистина сакаат да се ослободат од своето вемеро, претседателските избори им се шанса да испратат сигнал, а потоа да му зададат и конечен удар на парламентарни избори (предвремени или редовни).

За тоа време, СДСМ ќе продолжи да еквилибрира меѓу обидите за реформи, заткулисните политички пазарења и фрлањето позиции, тендери, амнестии, неказнивости и други бенефиции во широко отворените клунови на политичките птици од сите бои… Помалите партии ќе останат фокусирани на обидите да се качат барем во вагоните за стока во возот на моќта.

И тоа не е крај на искушенијата…

Претседателската функција во Македонија остава грдо наследство за било кој-а претседател-ка, ако воопшто успее да биде избран-а. Институцијата Претседател на Македонија, што ја водеше Иванов, партиската марионета на ВМРО-ДПМНЕ, сега е извалкана до немајкаде. Кој и да седне на претседателската фотелја, ќе има тежок мандат, да ѝ го врати достоинството на оваа државна институција на сите граѓанки и граѓани на земјата.

Македонскиот политички систем на хартија дава каков-таков простор за политичко артикулирање на желбите и интересите на гласачите, но во реалноста тој простор е стеснет, ако не и непостоечки. Наместо од граѓанките и граѓаните, сѐ зависи од волјата на тесни политички кругови, политичката борба се води меѓу нив, а топовско месо се токму гласачите.

Референдумот беше шанса кога земјата можеше, а не успеа, да покаже високо ниво на политичка култура и единство, без оглед на разликите во ставовите. Таа шанса е пропуштена засекогаш, а лекциите останаа ненаучени. Институциите што треба да обезбедат слободни, фер и демократски избори не работеа на подобрување на изборниот процес, во ниедна смисла на зборот. Сѐ остана во рацете на партиите и нивните партиски апаратчици во институциите. Почнувајќи од Избирачкиот список, завршувајќи со големите кратери во Изборниот законик, нѐ очекува уште еден изборен процес во кој државата, наместо да го заштити, таа ќе го загрози правото на глас на многу различни, видливи и помалку видливи начини, намерно или ненамерно.

Длабоко поделеното општество, неуспехот на институциите да се ослободат од партизираноста и корупцијата и новата руска политичка офанзива на Балканот – ќе го направат своето. Разочарувањата ќе тропнат на погрешни врати, политичката неписменост и агресивноста во политичкиот говор и дејствување ќе ги задушат повиците за вистински граѓански демократски дијалог.

Не! Политички писмени и свесни граѓанки и граѓани сево ова ќе го спречат и ќе ѝ дадат поинаква, демократска и граѓанска перспектива на изборната, пост-Преспанска, НАТО и ЕУ година за Македонија. Или тоа е само убав сон?