Има разлика: Заев фрла ѓуле, Мицкоски вози стипл-чез

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како по секој ТВ-дуел меѓу Заев и Мицкоски, не е толку тешко да се оцени кој „победил“ во таа долга, на моменти мачна дебата, што ни ја одзема целата вечер (со непристојно долгите распродадени паузи за реклами, како да се работи за борба на петли) во изминатиот понеделник. Тоа е така, бидејќи лидерот на власта и водачот на опозицијата се двајца потполно различни политичари и по своите лични карактеристики и по своите политички, лидерски капацитети и портфолија, па како да играат во различни спортови: Заев фрла ѓуле, Мицкоски си вози стипл-чез.

Бидејќи Заев има долга, тешко стекната раководна партиско-државна историја и во опозиција и на власт… Мицкоски само долго има голема желба да дојде на власт. Искуствата им се потполно различни, особено чувството за одговорност и „тежината“ од носењето тешки државнички одлуки – Заев е веќе влезен во македонската историја, додека Мицкоски „од клупата“ редовно се загрева покрај теренот и повремено вика „Уа, судија!“.

Овој дуел ме потсети на еден друга дебата за време на претседателската кампања во октомври 1994 година: од едната страна крутиот, смирен, со долга комунистичка функционерска биографија, државничкиот „гигант“ Киро Глигоров; наспроти интелигентниот, жовијален, со долга интелектуална биографија во комунизмот, режисерот Љубиша Георгиевски… Георгиевски, неоптоварен од потребата за коректност, па дури и елементарно домашно воспитување – со спомнување политички и приватни биографски детали за Глигоров кои и во ерата на денешниве социјални медиуми би звучеле непристојно – го направи Глигоров „партали“ во нивниот единствен радиски дуел, до таа мера што искрено скандализираниот Глигоров потоа одби да се појави на следниот, телевизиски предизборен дуел (патем, Георгиевски си го доби својот дел од времето на „дуелот“ на МТВ, со празно столче на местото на Глигоров…).

По тој вид дебата, изборниот резултат беше 78,4 отсто освоени гласови за Глигоров, наспроти 21,6 отсто за Георгиевски.

Слично ми се стори некни со, меѓу другото, и десетпати повторената алузија на Мицкоски дека лично Заев е виновен што „живи луѓе гореле во Тетово“, што е еден прилично низок и неодмерен безобразлук што нема врска со реалноста, уште помалку со сочувството кон настраданите, но има врска со тешките фрустрации што лидерот на опозицијата мора да ги чувствува поради Заев, кого иако го смета за интелектуално и политички инфериорен, со години не може да го победи на избори. Не е случајно што и во последната анкета на угледната агенција БРИМА, дури и со ова портфолио на проблеми, постигања и политички промашувања со кои се справува (и ги произведува) Заев во изминативе неколку години на власт, Мицкоски континуирано значително заостанува во лидерскиот рејтинг зад Заев. Просто не може да ја потисне суетата што му е надуена како балон за летање исполнет со топол воздух, кој е со помала специфична густина од „атмосферата“ што ја произведува суетата на неговиот конкурент Заев во секоја доба од денот и ноќта.

Заев, пак, во дуелот имаше бремена агенда за „бранење“: смртноста од ковид (тешко одбранливо), понудените оставки по трагедијата во Тетово (тешко одбранливо), состојбата со корупцијата (тешко одбранлива), состојбите во ковид-економијата (полесно за бранење), односите со Бугарија (тука од пред извесно време не се ни брани, туку напаѓа), разноразните афери и скандали (и тоа тешко се брани)…

Човек да помисли дека да е кој било друг политичар од другата страна на Заев – а кога си на власт, секако, во дуелите си страната која е под дефанзивен притисок – денес лесно би поентирал во еден предизборен ТВ-дуел. Но не и Мицкоски, кој никако не може да се ослободи од својата ароганција и со ставовите да се приближи „кон народот“, да освои поголеми предизборни симпатии и наклоност на гласачите во јавноста. Напротив, и по овој лидерски дуел, сите се свесни за потфрлањата и успесите во владеењето на Заев – и за сеирот што го тера „резервниот играч“ Мицкоски, трчкајќи покрај теренот и викајќи „Уа судија!“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот