Има или нема цензура

439

Филмот „Исмевање (Ругање) со Христос“ и по одржаната премиера сè уште ја бранува јавноста. Главното прашање околу кое се кршат копјата, секако, е прашањето дали има или нема цензура во поглед на прикажувањето на новиот филм на режисерот и сценарист Јани Бојаџи, особено откако државниот правобранител на Република Македонија објави дека ќе го повлече предлогот за времена забрана за прикажување на овој филм.

Факт е дека такво нешто и не требаше да се случи и дека цензурата во никој случај не смее да биде ниту опција ниту решение. Кои и да беа причините за такво нешто, секако дека беа погрешни, бидејќи многу е подобро публиката да може да го види делото и за него да се зборува, отколку да се стави во бункер. Бидејќи, дури тогаш излегува оправдано сè што е направено. А направен е чист пропагандистички филм и тоа многу лошо.

И сега, со сите овие погрешни потези добивме иронични реакции. Филмот на невидено доби толку многу поддршка, која Јани Бојаџи со ова дело можеше само да ја сонува. Сè друго отиде во втор план, па така и прашањето, каков филм, всушност, имаме. Некако, сите како да се плашат да коментираат за филмот за да не бидат погрешно сфатени. Дојдовме до небулозни ситуации, да браниме филм што е сè само не филм, и Јани Бојаџи да биде гостин на сите вести без оглед на тоа што и како направил. Поголема реклама овој исклучително лош и нарачан филм не можеше да добие, па за него прашањето има или нема цензура е нешто најдобро што можеше да му се случи.