Идентитетот на валканата нација

1219

Кога после 100 години ќе пропадне оваа човечка цивилизација и кога после десет илјади години ќе се појави нова, идните археолошки ископувања на територијата на сегашна Република Северна Македонија ќе ги поттикнат футуристичките научници да толкуваат дали ова огромно количество на пластичен отпад и секаков друг вид на смет расфрлан наоколу низ нашиот библиски хабитат мора да имало некаква длабока религиска симболична вредност за сегашнава, наша, примитивна пред-култура?

Бидејќи не може на поинаков начин да се објасни, освен со некаков антички верски фанатизам, нашата тотемска предаденост да го славиме Богот на Ѓубрето со таква упорност, со секојдневно принесување на илјадници и стотици илјади жртви во форма на отпадоци, расфрлани кеси со домашен смет, употребени пластични шишиња и лименки, кој каде ќе стигне низ целата оваа света поср… пардон, послана земја.

Идните истражувања ќе го покажат она што и сега го знаеме, дека нема видлива статистичка демографска разлика, некаква родова, генерациска, образовна, имотна или урбано-рурална карактеристика на оние кои уживаат да скапуваат во сопствената загаденост – фрла секој што ќе стигне, ударнички, како да се натпреваруваме кој е попрост и попримитивен во третманот на окружувањето. Студентите фрлаат преку прозорците на студентските домови, селаните ги затрупуваат каналите за наводнување, административците по паркинзите, пензионерите низ парковите, а една локална бабичка лани во Радожда – жива вистина! – излезе од дворот покрај плажата и кесата со домашното ѓубре ја завитла среде најбистрото езеро во Европа…

Кога, пак, по илјадници години ќе се истражуваат остатоците од сегашната населба Дебар Маало, тогашните археолози и етнолози ќе мора да констатираат дека во оваа некогашна урбана целина – тогаш ова наоѓалиште веројатно ќе го наречат „Големо Боемско Буниште“, според сочуваната кафеанска праисториска керамика и необично големиот број расфрлани карафиндли и пластифицирани ресторански менија – немало речиси никакви јавни канти за отпадоци низ распаднатата урбана опрема. Овде што паднало, не станало, што се искршило или уништило, со години не е сменето или пребојосано, ако светело – прегорело, улиците се толку раскопани и тротоарите распаднати, што не мора ни да се чека толку многу години во иднина за населбата веднаш да не се прогласи како праисториско квази-боемско депониско наоѓалиште, заштитено без закон. Важно по кафеаните слободно место ни за лек!

Се разбира дека овој текст нема да биде ни споделен, ни лајкнат, ни препорачан за препрочитување, бидејќи сите побрзо би се удавиле во расправиите за претседателските кандидати или за најновите досудени и недосудени притвори, одошто би се замислиле за оваа валканица од природа и општество во кои живееме. Викендов возевме надвор од Скопје – толку расфрлани отпадоци мора со бродови да биле увезени од странство, за да може во тоа количество да се расфрлаат покрај патот! Гнасотија невидена, во земја во која од десет души, петмина се невработени и по цел ден не знаат што да прават со себе. Или, можеби, токму во тоа е проблемот?!

Добро, редот ни помина, ајде сега пак за СЈО, за името, за идентитетот, за власта и за опозицијата… А кесите со ѓубре – преку балкон!

Извор: Цивил медиа