Идентитет и клаустрофобија

 

Националноста (nationality) конотирана во пасошот – универзален документ за меѓународна употреба, не е таа што го дефинира идентитетот на еден народ, туку државјанството на носителот на пасошот.

Секое движење наопаку во јавните расправи и актуелизирање на последните во ред прашања, е ас во рацете на саботерите и рипање на секоја една бесмислена провокација.

 

Ана Чупеска

 

Со оглед на легитимната дискреција поврзана со преговорите за името, какафонија во јавноста околу нив е за очекување. Иако, ми се чини дека помеѓу сите тие разни гласови и мисли за името, еден аспект си доби заслужено внимание од јавноста. Тоа се релациите меѓу поимот националност (nationality), идентитет и државјанство (citizenship).
Сепак, во врска тоа, не се дообјаснија некои елементарни одредници. Имено, мора да се знае дека националноста (nationality) конотирана во пасошот – универзален документ за меѓународна употреба, не е таа што го дефинира идентитетот на еден народ, туку напротив, го дефинира државјанството на носителот на пасошот. Односно, стриктно се однесува на правната релација помеѓу носителот на пасошот што го реализира своето државјанство или каде носителот на пасошот го ужива својот граѓански статус врз основа на своето државјанство. Значи, националноста – nationality во пасошот, не го сугерира идентитетот – а особено не како ексклузивен јадровит аспект на колективното сепство на еден народ, туку го означува местото на државјанството или во која држава граѓанинот има статус на целосен граѓанин. Оттука, оправдано се вели дека националноста во пасошот нема директна врска со идентитетот на народот.
„Пасошка“ националност

Но, за нас ова е уште поважно, заради мултикултуралната и мултиидентитеската реалност, дека нашата социјална реалност бара националноста во пасошот да не биде ексклузивистички аскрибирана, да не биде исклучива, односно да не биде само и единствено – македонска, бидејќи на овој начин ќе ги исклучи другите групни културни идентитети кои не се идентификуваат како македонски (албански, турски, српски, бошњачки, ромски и други). Со други зборови, елеганцијата на едно идно решение ќе треба и ова да го земе предвид, односно инклузивно да ја конципира на „пасошка“ националност, која не би смеела клаустрофобично да конзервира само еден идентитет – македонски, т.е. ќе треба да признае постоење целосен граѓански статус за сите граѓани на земјата и можеби да се размисли за варијацијата како на пример во британскиот пасош (nationality: British Citizen), чешкиот пасош (nationality: Czech Republic), американскиот пасош (nationality: United States of America) или други слични примери. Оти да зборуваме за националноста во пасошот како за етнонационалност е размислување типично за еден радикален наци-републиканизам, којшто е непримерен на мултикултурните околности на 21 век.

Исто така, расфрлањето на ангро со фразата „ерга омнес“, ќе треба малку да се успокои и да се упристоиме околу таа фраза, впрочем, од причина што се однесува на мултилатералните последици од евентуалниот договор. А тоа е на крајот. Не е на почетокот од решавањето на проблемот. Или, за јавната расправа на тема „ерга омнес“ ми се чини не е дојдено време, оти сѐ уште не можеме да кажеме дека преговорите за името се затворени. Оттука, и сето ова што се проблематизира во јавноста мора да добие своја форма, но уште поважно, прашањата треба да се актуелизираат согласно со временска динамика и согласно со градациите во приоритетите поврзани со решението, а не обратно.
Адут на саботерите

Ние не можеме да расправаме сега за референдум и за ерга омнес, на пример. Секое движење наопаку во јавните расправи и актуелизирање на последните во ред прашања, е ас во рацете на саботерите, а мора да признаеме дека слични последици создаваат и инстант реактивните коментари, на ниво на Павлов рефлекс во јавноста, и рипање на секоја една бесмислена провокација (барања за уставни промени – SO WHAT?; ако барале, не значи дека ќе добијат) или не се јаде сѐ што лета, другар(к)и.
Слично, доколку се постигне договор (меѓународен), тоа не мора да значи дека ќе треба да чекаме тој целосно да се спроведе за да влеземе во НАТО. Може ли договорот да вклучува фази, на пример, што мислите?
Се разбира, ова е само еден аспект поврзан со актуелните преговори и со ова невозможно е да се исцрпи темава. Но, ми се чини, во моментов, добро е, доколку некој си дал задача да ја сензибилизира пошироката јавност тоа да го прави структурирано а не „кому иде“. Во спротивно, уште повеќе ќе се мобилизира енергијата на клаустрофобичните идентитети кои ќе ја задоволат социјалната параноја поврзана со членството во НАТО и на тоа слично. (Плусинфо)