Груевски, Иванов и Мицкоски – два антички и еден епски трагичар

521

Што се случува со некогашната најпроатланска и проевропска десничарска партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ? Партијата и нејзиното „прагматично“ и „патриотско“ крило наликуваат на екстремно-анархистичка партија од почетокот на 80-тите години на минатиот век. Партијата се изгуби некаде на релацијата меѓу „епскиот патриотизам во духот на Газиместан од 80-тите“, „бојкотот на референдумот заради фикциите околу името“ и фрустрациите од „остатоците на 11 годишното владеење“. Навистина било тешко да се поседува апсолутна моќ и потоа да се изгуби се, како „губитник во казино“.  Исконската желба на врхушката на ДПМНЕ е „да се вратат годините на владеењето на Груевски“. Битката за името е само параван кој пали кај наивните индоктринирани маси на партијата. Инаку како да се толкува систематскиот анти-институционализам, негацијата и непочитувањето на „судството, законите, собранието, референдумот“?

Залудно потрошени пари за европеизација на ДПМНЕ  

Инспирирани од нивниот алтер его Иванов, „новото лице на ДПМНЕ“ се обидува да докаже дека е верна копија на „старото лице“ на оваа пратија. Независно од сугестиите и препораките на европскиот крем на сестринските партии, тие упорно настојуваат да докажат дека референдумот „не значел и бојкот кон НАТО и ЕУ“, туку само неприфаќање на равенството помеѓу „името и евро-атлантзмот“. „Ние сме за НАТО и ЕУ но против Договорот со Грција“. Мицкоски со епски занес еуфорично  изјавува: „оној што гласал против или бојкотирал покажал дека ова е Македонија, дека овде живеат Македонци, дека овде се зборува македонски јазик, дека ова е земја на нашите предци“. Конечно како пион на старат груевистичка структура Мицкоски бара „избирање на нов јавен обвинител“ кој ќе ги „зврлевизира“ предметите против обвинетите на ДПМНЕ и Пржинска влада за да го „смени токот на историјата“.

Во јавноста сите негови сопартијци кои не го делат таквото мислење немоќно и уплашено молчат пред „заканите и со смрт“ како што истакна една пратеничка. Настојуваат да ги избегнат погледите на довчерашните симпатизери, бараат утеха и спас меѓу странските дипломати и немаат објаснување за ирационална безидејност на антиреферендумците. Тоа се храбри индивидуи на ДПМНЕ кои размислуваат европски и патриотски. Други настапуваат агресивно и антиевропски повеке од инат отколку од некој рационален политички изговор глумејки патриотизам. Претпоставувам дека долгогодишните финансиери на ДПМНЕ, особено од Конрад Аденауер и ЦДУ, не можат да се изначудаат на кого ги „потрошиле силните пари“ и преку кој механизам „некогашните европски перспективни капацитети се изродија во тешки антиевропски националисти“. Препораките на Канцеларката Меркел кон ДПМНЕ беа јасни: „Доколку ви значи подршката на ЦДУ, тогаш подржете го референдумот, во спротивно следи изолација!“. Епилогот е јасен.

Дали ДПМНЕ го претпочитува анархизмот?

Зошто во Македонија се случуваат политички и безбедносни кризи кога со државата владее ВМРО-ДПМНЕ? Во 2001, тоа беше во епохата на првата влада на ДПМНЕ кога државата се најде на работ на граѓанска војна. Во 2007 се случи нов инцидент кога дојде до судир на македонските безбедносни сили со „криминалните групи“ уфрлени од Косово. Од 2012 се случија повеке тешки инциденти во режија на ДПМНЕ. Најнапред во декември 2012 насилно беа исфрлени пратениците на опозицијата од страна на специјалните полициски сили на МВР. Во 2013 беше направен имплантот со „гласачите од Пустец“, а воедно беше институционализиран изборниор штаб на ДПМНЕ во МВР. Следната 2014 пукна аферата со „прислушкувањата“, следеа „ноќта на долгите ножеви“ и „анти-европските и анти-НАТО манифестации“, потоа „Кумановските настани“, „патриотизмот на тврдокорните“ и конечно 27 април „демолирање на Парламентот“, обидите за „физичка елиминација на З. Заев и З.Села“.

Епскиот Мицкоски

Бојкотот на референдумот и „лажното популистичко ветување“ на Мицкоски дека „тој бил никој а народот сѐ, врз кого немал да влијае“ ја покажа неговата политичка  и епска непостојаност. Во улога на лажен „неутралец“, Мицкоски охрабрен од „античкиот гуру“ Иванов и екипата „ДПМНЕ 2006-2017“ го натера членството на ДПМНЕ,  да ја поведе политичката војна против референдумот и владеачкото мнозинство.  Всушност, тоа беше повеќе битка против СДСМ, но и груба порака кон ЕУ и НАТО, и кон нивните елитни политичари кои дојдоа во Македонија да го подржат референдумот.  „Мицко коленчеше“ и го молеше народот да „не ја издаде Македонија“ иако му беше јасно дека „епилогот на консултативниот референдум однапред беше познат“. Целиот овој негаторски однос води кон идејите на Гроф Кропоткин, според кого „приниципот на анархизмот е негација на државата, негација на секој авторитет, негација на правилата врз кои почива општеството…“ Токму од таквата битка настанува и  анархистичката партија како ..револуционерна партија“, пишува Русинот. Белки  ВМРО-то на Мицкоски не тргнало по таа патека.

Трагичниот антички двоец Груевски-Иванов

Груевски и Иванов се меѓу најтрагичните ликови во македонската политика. Каква утеха може да му се испрати на човек за кого се најавува дека „до крајот на овој месец ке треба да се појави во Идризово“? Какви се неговите семејни односи, и како се чуствуваат сопругата, децата, родителите кога ќе се соочат со бремето на казната и на останатите судски процеси на Груевски? Сега не помага никаква патетика. Го изгуби чуството за многу човечки судбини, судеше, апсеше  рушеше, криминализираше… Ѓаволот дојде по своето. Тој е трагичар кој долго време живееше во илузијата на „сопствениот психолошки поредок“, млад менаџер кој дегенерира во „авторитарен популист“ и „градител на новиот македонски идентитет“. На тој пат поплочен со барок и стиропор, со прислушувања, уцени и корупција, се сруши неговиот мит за „лесниот оптимизам“. Груевски наликува на античкиот трагичар исто како и неговиот минималец Иванов.

Иванов – антички лик  

Актуелниот председател во првата деценија на својот антички занес, го повлече и нарцисоидниот Груевски представувајки го како „најголемиот македонски војвода, чувар на македонштината и автентичен потомок на Александар Велики“. Како типичен балкански политичар кој недоволно еволуираше, човек кој го шетал Западот само на интернет,  Иванов е инспириран од православието, панславинизмот. Тој е поклоник на „силната рака на Путин и руската демократија на пипети“. Бидејки ние Балканците сме несовршен народ, најсоодветниот функционален модел на демократија е рускиот модел на „дозирана демократија“ смета Иванов. Затоа и не изненадува и планот за воведување „воена состојба во Македонија на 27 април“. Воедно Иванов нема големо разбирање и за мултиетницизмот, иако токму гласовите на Албанците му помогнаа да стане претседател на државата. Тој себе си се доживува како лик и херој од античката трагедија. Тој е последниот браник на „македонштината и на името“ кого ке го споменуваат идните генерации и учебници, како позитивен и храбар пример во историјата. Настојувајки да ги имитира големите државници, упорен е во неговата тврдоглавост и „принципиелност“, доживувајки се како голем меѓународен авторитет. Слично на  античкиот трагичар, како балкански политички јуришник, го негува духот на отпорот против посилните и помоќните иако е свесен дека ке изгуби.   За негова среќа, мандатот ке му заврши за пет месеци, така што нема да е соочен со императивот на политичкото преживување. Единствено останува дилемата дали е можно да одговара за непочитувањето на Уставот, инаку парафраза, која мистично им ја наметнува на грешниците од другата страна.