Грешки со порака

235

Министерството за внатрешни работи вчера без никаква причина му го одзело пасошот на архиепископот г.г. Јован. Но, како што мене лично ми смрди, овде повторно како да се подготвува терен за одигрување на уште една нова валкана игра. Прво и основно, некој очигледно сакал да ја заташка информацијата за одземањето на патната исправа, па така, единственото место од каде што можевме да прочитаме што точно се случило на Меџитлија беше преку официјалното соопштение на Православната охридска архиепископија (ПОА), но не и, каков што е редот, преку дневниот полициски билтен.

Уште поинтересно, пак, е тоа што преку мои црковни извори подоцна дознав дека сепак станувало збор за некакво недоразбирање, односно дека МВР направило грешка (пак, и пак, и пак!) и дека дејствувало по некоја стара наредба. Како што тврдат моите соговорници, полицијата ветила дека пасошот на архиепископот Јован ќе му биде вратен во текот на следните денови. Прашањето ми е: Кога МВР ќе излезе со официјално соопштение и ќе објасни за што точно станува збор? И уште нешто, како е можно старите наредби тукутака да скокнат во фиоката со сегашните и активните?

Според мене, симптоматично е и тоа што оваа „грешка“ се случува непосредно пред одржувањето на прославата за 1.000 години Охридска архиепископија, која, пак, најверојатно ќе се погоди на ист датум со одржувањето на референдумот за името.

Колку за потсетување, пред неколку месеци со слична полициска грешка се соочи и епископот преспанско-пелагониски г. Петар од МПЦ-ОА, кој беше приведен на аеродромот во Скопје, а подоцна пуштен на слобода. И да, оттогаш веќе глас не му се чу ниту за Бугарите, ниту за Србите, ниту за вселењаците. Да не е нешто такво и со г.г. Јован, си велам?!