Граѓаните ќе го изберат патот што води до напредок

Без оглед на сè, честитки до Зоран Заев за чувството на историска одговорност пред него и на храброста докрај да го истурка процесот и да покаже несебичност и лидерство.

335

Пишува: Елеонора Каранфиловска Ретклиф

Без оглед што ќе се случува во наредните денови, и месеци, ова е историски момент за Македонија, оној што државата и граѓаните го исцртаа при осамостојувањето, избирајќи го патот кон демократија и евроатлантска интеграција.

Од денеска ништо повеќе нема да биде исто за Македонија.
На државата ѝ пожелувам само светли денови во семејството на напредниот свет, а на граѓаните нова надеж за подобра иднина и шанса на оваа генерација тоа и да го оствари, и за себе, но и за идните поколенија.

Договорот ќе го листаме, читаме и препрочитаме, ќе го цепкаме и черечиме, ќе му ги најдеме сите маани и скриени опасности. На крајот тој е секако најдоброто што двајцата премиери можеле да го извлечат во оваа ситуација, секој од нив со она чувство во себе дека можеби можело и подобро.

Без оглед на се, честитки до Зоран Заев за чувството на историска одговорност пред него и на храброста докрај да го истурка процесот и да покаже несебичност и лидерство.
Верувам дека граѓаните на двете држави ќе бидат на висината на моментот и ќе знаат, како и секогаш, мудро да го изберат патот кој води кон пријателство, соработка, напредок и иднина.

Да е вечна Македонија!