Формула за успех во политиката – нон стоп агитпроп!

Не се виновни партиите и нивните раководства што имаме инфлација од избори и што живееме во постојан предизборен грч. Самите сме си виновни. Партиите ја освојуваат власта јавајќи на бранот на т.н. индуциран популизам. Ние бараме лажни ветувања, ние сакаме да ни ставаат розови очила на очите, ние молиме да бидеме излажани. И она што го бараме, го добиваме, во огромни количества и во една перманентна кампања.

912

Кога бев гимназијалец, младо, наивно и стармало детиште, по игра на случајот, станав важен младински функционер во мојата општина. Политичката кариера ја почнав во својата петнаесетта година и ја окончав четири години подоцна. Моите задачи беа сериозни и напорни. Во тие години, поднесов молба да станам член на Сојузот на комунистите на Македонија. Успеав вториот пат. Се полагаше испит. Требаше да се познаваат програмата и статутот на СКМ, да се знае нешто за Маркс, Енгелс, Тито и Кардељ, како и историјата на партијата. Положив, но првиот пат бев одбиен. Образложението беше дека сум премногу млад. Ви се верува?

Нормално, не ви се верува. И не е за верување, иако е чиста вистина. Денес политичките партии се собирни центри. Член на партија се станува со пополнување апликација. Пожелно по интернет. Главниот мотив на младите луѓе да членуваат во партиите е да најдат државна работа, кога нивната партија ќе дојде на власт. Просто ко грав.

Ако она беше едноумие, како што велевме, ова денес што е?

Како што стареат генерациите од раните деведесетти, кога сѐ уште имаше квалитетни луѓе кои ги баталија своите занаети и ѝ се посветија на политиката (некои дури и со искрена намера од оваа држава да направат пристојно место за живеење), така во партиите сѐ повеќе преовладува кадар регрутиран на клиентилистичка основа. Денес тие се царства на некомпетенцијата. Во она мое време, некои од денешните важни државни функционери не би успеале да бидат избрани ни за претседатели на куќните совети. А денес, која мајка изгубила дете, ќе го најде во државна фотелја и на буџетска цицка.

Партиите не се финансираат од членарини и од скромни, законски ограничени донации од членството и од симпатизерите, како што е случај во светот на развиените демократии. Не, кај нас главни финансиери на партиите се моќни поединци. Тие, за возврат, очекуваат да зграбат парче од колачот на власта, за да си ги повратат парите „инвестирани“ во политиката. Затоа, според начинот на финансирање и раководење, нашите партии, всушност, се фирми. Друштва со ограничена одговорност. Евентуално, во најдобар случај, акционерски друштва.

И затоа, во овие друштва го нема она што некогаш се нарекуваше партиски живот. Во времето на едноумието, во мојата тогашна партија, СКМ, во органите и телата на сите нивоа, се водеа идеолошки и тематски расправи. Судир на мислења имаше многу повеќе отколку што има сега. И бидејќи сега нема борба на таа основа, не постојат ни политички и идеолошки фракции. Има само групи поврзани врз основа на блискост со овој или оној од партискиот врв и лоби групи поврзани со бизнис-секторот. Ако она беше едноумие, како што велевме, ова денес што е?

Единствениот начин ваквите друштва да опстанат на подолг рок е одвреме-навреме да дојдат на власт и да се „освежат“. Рековме веќе, финансиерите треба да си ги повратат и да ги оплодат парите. Партиските апаратчици треба да си запишат поени во своите кариери. Кадрите за поддршка и симпатизерите, треба да си ги решат егзистенцијалните проблеми, сопствените и на своите сопруги, деца, внуци, кучиња, мачиња… Како вредната мравка во приказната со штурецот, кога се на власт, сите интензивно полнат своите резерви и се подготвуваат за периодот кога оние другите ќе дојдат на власт, а тие ќе останат без пристап до народната каса, без привилегии.

Е сега, по оваа долга експликација на она што на сите ви е познато, доаѓаме до прашањето – зошто ви го кажувам сево ова? За да ви скоривам јадови? Не, сакам да ве охрабрам да развиете емпатија кон нашите квазиполитичари и кон нивниот патолошки порив да се борат за малку власт по секоја цена. Да се биде макар заменик на некоја функција. Макар помошник или советник во некоја агенција за која првпат слушаме дека постои. Не велам дека во таа збирштина од квазиполитичари не може да се најде и по некој вистински посветен и образован човек, вистински професионалец со чесни намери (секогаш има будали што гинат за идеали, нели), но тие луѓе се само исклучок што го потврдува правилото. Има и меѓу нас, граѓаните, такви што мислат со главите, што излегуваат на избори откако ќе ги проучат програмите што им се нудат и откако ќе размислат за сопствените мотиви да гласаат за овој или за оној, а и дали воопшто да гласаат. Но, какво фајде од тоа?

Ние сакаме да ни ставаат розови очила на очите

И така доаѓаме до нас и до тажната вистина дека не се виновни партиите и нивните раководства што имаме инфлација од избори и што живееме во постојан предизборен грч. Самите сме си виновни. Партиите ја освојуваат власта јавајќи на бранот на т.н. индуциран популизам. Што значи тоа? Едноставно, во кампањите ни се ветуваат чуда и севозможни лаги, затоа што ние бараме лажни ветувања, ние сакаме да ни ставаат розови очила на очите, ние молиме да бидеме излажани. И она што го бараме, го добиваме, во огромни количества и во една перманентна кампања.

Да си признаеме, ретко кој денес е спремен да се соочи со вистина во какво општество живееме и што сѐ треба да сториме за да го промениме. Затоа што вистината засега секого. И боли. Зошто тогаш да се измачуваме? Кој во оваа земја бара длабоки општествени промени? Народот не бара такво нешто. Шака луѓе дрдорат за промени и за реформи. И дури не сум сигурен дека меѓусебно се разбираат кога зборуваат за истата работа. Зошто партиите би им удоволувале на поединци и на тие мали, меѓусебно неповрзани и „неформатирани“ групировки? Зошто политичарите да си ги коваат нозете со некакви ризични реформски резови, кога на пазарот на гласови на избирачите владее невиден попуст, баш како попустиве сега во нашите продавници?

Ете затоа, рецептот за успех во политиката денес се вика перманентна кампања. Перманентна агитација и пропаганда. Нонстоп агитпроп. Првпат  тој феномен го видов во времето на Слободан Милошевиќ. И признавам, ме фасцинираше, ме зграпчи дури за момент таа магија. Овде на Балканот, рецептот го усоврши Никола Груевски и така владееше цела една деценија. Нема Нобелова награда за такви работи, ама да имаше, сигурно ќе ја добиеше. И на Зоран Заев не му оди лошо, ама за човек од таков формат, покрај беспрекорно познавање на „југословенскиот есперанто“, сепак некако тешко се лепи ролјата на „духовен реформатор“. Не можеа ли пиарчиите да му смислат некоја посоодветна, за народот поприфатлива улога?

За крај, да го кажам и тоа дека моите очи во моментов се свртени кон Србија. Мислам дека со новата кампања насловена како „Иднината на Србија“, српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги надмине сите балкански и светски популисти. Уште на стартот, таа кампања ми наликува на еден сумарен практикум на сите досегашни врвни достигнувања на популизмот во овој дел од светот. Ќе биде забавно да се гледа тој циркус… Како и нашиов, бездруго.