Есеј за вмрото и копрофагијата

Имаме примери и каде што – пошироко сфатен – изметот длабоко се вдишува за животното да се одржи во живот! Погодивте – тоа сме ние, хомо сапиенсот, што удира шлаканици на своите кучиња миленици кога ќе ги фати како се гостат со измет.

378
Фото Слободен печат

Во повеќе пријателски и несомнено добронамерни критики, луѓето ми забележуваат како премногу често – во овие куси есеи – ги употребувам „фекалните метафори“ за да изразам вредносни судови за вмрото и вмровштината. Овие забелешки секогаш ме затекнуваат неподготвен и изненаден, па мојот одговор наликува на оние на сексуалниот манијак од вицот, на кого сите различни мастилови размачкотини од Роршаховиот тест му личеле на женски полови органи: што сум јас виновен кога мотивите што ги обработувам не само што личат, туку и мирисаат на гомно!?

Од друга страна, не сметам дека тоа што ја „хранам со гомна“ историски најштетната појава, што веќе цел век ги убива Македонците и го уништува македонското, е нешто што може да се нарече политички некоректно. Токму спротивно: мое скромно мислење е дека на копрофагијата (како што јадењето гомна стручно се нарекува) со споредбата со вмрото ѝ се нарушуваат основните права и фекалното достоинство.

Специјална копрофагија

Да појаснам. Копрофагијата е појава многу честа кај живите суштества, особено кај животните, и претставува легитимно позиционирање на видот во синџирот на исхраната во секоја биоценеза. И, повеќе од тоа: кај некои животински видови јадењето екскременти од други живи суштества е единствениот извор на прехраната – како што е случајот кај египетскиот симбол на сонцето скарабејот или бубачката лепешкар. А, имаме примери и каде што – додуша пошироко сфатен – изметот длабоко се вдишува за животното да се одржи во живот!

Погодивте – тоа сме ние, хомо сапиенсот, што удира шлаканици на своите кучиња миленици кога ќе ги фати како се гостат со измет, и што „хранењето со гомна“ го смета за најдолна работа, што ја прават само свињи и политички непријатели. Но, доколку поимот измет или екскремент го сфатиме физиолошки исправно – како остаток од процесот на исхрана и варење на храната – тогаш ние живееме од специјален вид копрофагија каде што изметот се вдишува во гасна состојба.

Вие повторно погодивте, станува збор за кислородот, нашиот роден кислород, без кој за само четири минути ќе умре секое од седумте и кусур милијарди човечки суштества. А, кислородот што го дишеме со воздухот настанал и настанува како екскремент од прехраната на дрвјата и сите растенија и алги, што ја произведуваат својата храна со процесот што народски го викаме фотосинтеза.

Се разбира, од деликатност и политичка коректност, за дрвјата и другите растенија се вели дека „ослободуваат“ кислород, а не дека го кењаат, но на крајот се сведува на исто: дрвјата произведуваат гликоза (со која се хранат) користејќи ја енергијата од сончевата светлина, јаглерод двеоксид од воздухот и вода, при што за создавањето еден молекул гликоза се „испуштаат“ шест молекули кислород, како нуспродукт на процесот.

Но, една друга копрофагија што неверојатно драматично се случува – повторно на сметка на дрвјата – е можеби уште подобар пример за легитимноста на овој начин на исхрана. Лисните вошки како едни од најстрвните паразити во животинското царство, се населуваат на листовите од своето дрво-домаќин, и со своите рилки се „приклучуваат“ директно на лисните жилички или капиларите низ кои тече крвта на дрвото, дрвниот сок пребогат со свежо создадената гликоза.

И, бидејќи притисокот на сокот е огромен, а протокот несопирлив, најголемиот дел од гликозата проаѓа несварена низ вошката и излегува од нејзиниот задник како најслаткото и најхранливото гомно во целата шума. Тоа се оние лепливи капки што ќе ве дочекаат на шофершајбната од вашето возило, ако сте го паркирале под дрво што „капе“. Е, тој благословен измет знае да биде најомилената исхрана на шумските мравки: тие оваа шеќерна посластица ја сркаат директно од газот на лисните вошки!

Изметот и медот

Мравките се така „навлечени“ на ова слатко гомно, што со своите пипки ги скокоткаат вошките така што им предизвикуваат пролив, кој, се разбира, шумските мравки го голтаат непосредно од „кладенчето“! Алелуја!

И, како сега да го завршам овој есеј за доблестите на копрофагијата, почитувани читатели, кога толку длабоко се втурнав во тајниот живот на шумата? Како да се вратам назад, до работите на хомо сапиенсот?

Можеби есејот за копрофагијата, што така неконтролирано ми заталка в шума, ќе го вратам на човечката трага преку „случајот“ на шумскиот мед? Да! За љубителите на деликатесниот шумски мед ширум светот, ќе биде особено интересно да слушнат дека медоносните пчели – исто како и шумските мравки – се одушевени од слаткиот измет на лисните вошки, па бидејќи голтањето на цели купови готова гликоза е многу полесно и порационално од копањето по илјадници цветови, економичните пчели го сркаат вошкиниот измет и од него го прават омилениот темен шумски мед!

Така човекот влезе во оваа копрофагиска сага, во уште еден говнојадски циклус – овој пат на истата трпеза со шумските мравки и пчелите – зашто, како што реков (а, кој не ми верува, нека прочита во шумската библија на Волебен) шумскиот мед е исцело направен од изметот на лисните вошки, а не од цветовите на шумските дрва! А, конечно, од каде мислите дека е онаа темна боја, па оној силен вкус и штипкав мирис, што толку ги сакаме, м?