Другар Тито, ние ти се колнеме?!

Многу никовци и зликовци се вплеткани во попречување на здраворазумското просудување и донесување правилна одлука. Но, кој треба да ги стопира во погрешното толкување на Договорот со Грција, ако навистина „толку им сече паметот“?! Сите, како опиени го прифаќаат писмото како налог на водачот, како што кумановци шегобијно го коментираа писмото на Тито во кафеана: „Писмо, писмо, написмо се и се прифатисмо“.

848
Фото: profimedia

Што убаво ни беше порано кога со нас владееше Јосип Броз Тито, најпознатиот комунистички водач и претседател на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија. Тогаш секој си знаеше кој е и што е, секој можеше да работи што сака и да се вика како сака. И името на нашава држава беше Република Македонија и никој не ја уценуваше да го менува. За волја на вистината, имаше предна додавка, најпрво народна, па социјалистичка, но тоа беше општествена одредница.

Откога умре Тито (1980), сè отиде „у божју матер“, како што знаеше тој понекогаш да каже. Остана само надежта дека сепак ќе биде како што беше, дури се измисли една занесувачка девиза „И по Тито – Тито“, што на мнозина им одговараше, зашто сакаа него да го имитираат. Всушност, ние како држава, откако се осамостоивме, си останавме она што си бевме во таа поранешна СФРЈ, само што ни прилепија временска одредница, што ни ја одредуваше минатата припадност, ама барем ни остана името непроменето – Поранешна Југословенска Република Македонија и кратенката ПЈРМ. Таквото решение навистина не соодветствуваше на реалноста, па затоа и ден-денес мака мачиме да ја отфрлиме додавката бидејќи никому повеќе не му е важно што сме биле и со кого сме биле порано. Ако оваа гарнитура на власт не го реши името „ерга омнес“ за надвор и за нас, не знам каде и кој друг за сите ќе бара спас?!

 

Писмо до сите

 

Туку, ниту Тито, ниту СФРЈ, ниту ПЈРМ ми беа во фокусот, ама ме понесоа сеќавањата и не можев сето ова да го пренебрегнам и да поминам директно на намерата. Всушност, сакав да кажам како по Тито, се нараѓаа многу Титоисти, дури и почнаа во негов манир да настапуваат. Познавав еден Јосиф што се викаше, не само што повремено пура пушеше, туку и како Тито се потпишуваше. Еден поранешен министер, пак, многу на Тито потсетуваше, дури косата слично ја зачешлуваше и очила стави како Броз за да личи на него целосно. За жал, уште такви имитатори знаев, ама нивната имитација ми наликуваше на чиста калкулација.

Се сеќавам, кога на Тито ќе му се намалеше владението, најпрво писмо ќе напишеше и ќе го пратеше до сите „разграноци“ на партијата (КПЈ) и ќе бараше поддршка за неговите ставови и решавање на проблемите што се појавуваа. Сè се оставаше да причека, се одложуваа мошне значајни работи и задачи и сите го обработуваа писмото на Тито. Се изградуваше заеднички став и се испраќаше писмена поддршка на лидерот. Откако ќе завршеше процесот, се закажуваше конгрес и се втемелуваше натамошното дејствување на партијата. Усвоените заклучоци и насоки повторно се „обработуваа“ и централно се спроведуваа. Постоеше таканаречен демократски централизам, чија суштина беше во демократската расправа, по која повеќе немаше расправа ниту исправа, туку управа за спроведување на заземените ставови.

Овој метод мислам дека не беше толку лош, а веројатно затоа и ден-денес наоѓа примена во некои општествени структури, иако е мошне видоизменет. Имено, демократска расправа по одредено прашање се води, дури и без да се случи, се спроведува како став на челникот, кој Титовски, со праќање и обработка на писма, добива телефонска и писмена поддршка од најзначајните чинители, која се официјализира преку определен медиум, а потоа се наметнува како став на органите и телата што се под негова управа. Со проверени методи се замолчуваат или отстрануваат противниците и се создава чист терен и атмосфера за едноумие. Сите, како опиени го прифаќаат писмото како налог на водачот, како што порано кумановци шегобијно го коментираа писмото на Тито во кафеана повторувајќи го на својот дијалект: „Писмо, писмо, написмо се и се прифатисмо“. Потоа настапуваат аминџиите, како вистински верници во црква, кои се крстат и аминуваат додека попот отпејува значаен дел од псалмот. Разликата од нив е во тоа што наместо крстење, овие креваат рака и едногласно и едноумно прифаќаат сè што предлага и мисли лидерот. Речиси во целост титоистички, само уште недостасува да се кренат на нозе и да запеат, како што правевме кога Тито ќе се појавеше на телевизија или, пак, во живо, кога пеевме и плачевме од радост сите заедно и се заветувавме: „Другар Тито, ние ти се колнеме“. Е, тоа не беше имитација, туку и со аплауз поддржана вистинска кулминација!

 

Што повеќе титоисти

 

Па, што има лошо во тоа, ве молам, некој денешен лидер да издејствува и да доживее френетично да му аплаудираме, да му се поклонуваме и заветуваме?! Титоисти и аминџии, нека има повеќе ако сакаме побрзо да влеземе во ЕУ и во НАТО! Но, уште еднаш да потсетам: ова не важи при изјаснувањето на референдумското прашање што е поврзано токму за овие две асоцијации со прифаќањето на Договорот со Грција, зашто на 30 септември со одговорот ДА или НЕ, секој сам треба да реши за својата иднина и судбина?!

За жал, многу никовци и зликовци се вплеткани во попречување на здраворазумското просудување и донесување правилна одлука. Но, кој треба ним да им контрира и да ги стопира во погрешното сфаќање и толкување на Договорот со Грција, ако навистина „толку им сече паметот“?! Всушност, никој никому со црпка и насила не може да му дотури нешто, ако тоа не го поседува, а сака да изврши влијание и врз другите. Е, сега да ни беше тој „Тито и по Тито“, немаше да се предомислуваме за тоа што да правиме и да се јадосуваме. Туку, ако имаме таков лидер за сите да му веруваме, ајде сите да му се заветуваме?! Само кој било и да е тој, треба да се предупреди и да си знае: се во залог ставаме, само името и идентитетот не ги даваме!?

Па, референдумот може веднаш да почне!