Денацификација на Македонија

Да се продаваат симболи на нацизмот во близина на Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје е, најблаго речено, дрскост и неписменост. И мора веднаш да се тргнат од таму, тоа сигурно. И од тезгите било каде мора да се тргнат.

307

Големо новинарско откритие! Пронајдени се магнети со ликови на Хитлер, Мусолини и други симболи на нацизмот и фашизмот! Каде тоа? На едно супер тајно место – тезга на влезот во Старата Чаршија. Медиумите ги објавија големите вистини и факти за продажбата на магнети со озлогласените симболи. Откритие за Пулицер, нема што.

Да се разбереме. Да се продаваат симболи на нацизмот во близина на Меморијалниот центар на Холокаустот во Скопје е, најблаго речено, дрскост и неписменост. И мора веднаш да се тргнат од таму, тоа сигурно. И од тезгите било каде мора да се тргнат. Продавачите сведочат дека магнетите со злогласните симболи најдобро се продаваат. Оваа информација беше само еден дел од една презентација на неодамнешната конференција “Борба против антисемитизмот и искуствата од Холокаустот”, настан на кој се појавија малку медиуми.

Текстот објавен во онлајн изданието на „Независен весник” е најмалку три пати помал од портретот на Хитлер. Треба убаво да го видите секој дел од лицето на тој тиранин, за да дојдете до информацијата. Мошне „информативно, професионално и неутрално”. Слично постапија и други новинарски Магелани што, практично, ја изрекламираа оваа црна меморабилија. Сѐ си кажаа, каде може да се најде, што сѐ има на тезгите, дека најдобро се продава. Само фалеше да се додаде “Не се пропушта!” и сторијата ќе беше комплетна.

За среќа, имавме можност прилогот на ТВ Телма каде што магнетите ги зема како повод да подготви навистина информативен прилог, со одлични соговорници и нагласување на историски факти за нацизмот и неонацизмот.

Каде е коренот на проблемот? Во една прилика, за време на криминалното владеење на Груевски бев запрашан зошто во Македонија нема екстремни неофашистички структури. Мојот одговор беше дека, прво, не е точно дека ги нема, а уште поважно, тие не можат да дојдат до израз, затоа што самата државна политика го поттикнува и негува етнонационалистичкиот и неофашизмот преку своите дискриминаторски и авторитарни практики.

Македонското општество има итна потреба од денацификација. Во културата, во образованието, во јавниот дискурс… Секаде се вткаени, на суптилен и не толку суптилен начин, пораки и идеологии што се многу слични или дури и се совпаѓаат со најмрачните идеологии во светот. Претседателот на државата и владата на Груевски своевремено беа спонзори на хулигански групи со изразени неонацистички постапки и иконографија. Ним им „парираа“ исти такви, само од другата страна на етничките барикади.

Националистите во Македонија одамна ги поминаа границите на претерана „љубов“ кон сопствениот етнос и сосема отворено ја негуваат исклучивоста и омразата кон поинаквите, на етничка и верска, но и врз основа на други социјални карактеристики, припадности и афилијации. Не е важно дали тоа ќе го наречеме фашизам, нацизам или некако поинаку. Во крајна линија – исто е.

Мора да ѝ се погледне на вистината в очи. Ако овде, дома, се легитимира неонацистичкиот карактер на политички иницијативи, групи, па и партии, тоа ќе стане дел од вообичаениот општествен дискурс.

Продавачот на магнети не е ништо поинаков од повеќето медиуми што се слепи, намерно или ненамерно, за крајно деструктивните тенденции во општеството. Во потрага по кликови, не се колебаат да им дадат видливост на промоторите на омразата и насилството, еднострано, без анализа, без навлегување во суштината, мотивите и позадината. Во потрага по видливост и популарност, медиумите ја промовираат турбо-фолк културата, националистичкиот кич, предрасудите од секаков вид…

И уште полошо. Во име на „дијалогот“, медиумите им даваат видливост и легитимност на ликови што во нормално демократско и медиумско опкружување би биле фрлени на буниште, би биле оставени на маргините, каде што им е и местото. Кај нас, тие се дел од ТВ дебати, а потоа и дел од политички преговори на највисоко ниво. А потоа, се прават компромиси со нив кога се креираат културните и образовните политики. Се кокетира со нивните поддржувачи, се апстинира од јасна осуда, а да не зборуваме за отсуство на законски прогон.

Тоа не е антифашистичка борба, камаради!