Бојата е иста, во прашање се нијанси!

226

На префинетиот рачен вез на домашната културна сцена, од неодамна се наоѓа уште едно неодминливо монистро од книжевно богатство. Пофалба е и за нашиот нормативен јазик! „Книга на записите“ (Макавеј, Скопје, 2016), е првото дело од областа на политичката философија во древната Кина. Накусо речено, ова дело, преку историската парадигма на првите три кинески династии, дава согледба на политичкото дејствување на човекот во светот.

Пишува Давид Нинов

„Книга на записите“ е составен дел на класичниот конфуцијански книжевен канон и претставува компилација на историско-политички текстови, кои датираат од периодот помеѓу 11 и 7 век, пред Христа. Вдахновениот превод на книгата од древнокинески на македонски јазик, предговорот, белешките, прилозите и хронолошките табели ги има направено пекингшкиот докторант Игор Радев, кој, патем речено, од древнокинески има преведено збир на битни наслови, без кои е невозможно да се замисли една современа култура. Реченово сведочи дека имаме соодветен кадар од областа на кинеската филологија и синологија (Радев и неколкумина други), но, за жал, сѐ уште немаме одговор зошто до ден денешен ниту една високообразовна институција кај нас нема катедра по кинески студии (јазик, култура, историја)! Предоченово ќе остане тема за посебен осврт!

Сега, вниманието се сосредоточува на популарната политичка поделба на два дела, на „левица“ и „десница“, со кои денес најчесто се определува позицијата и идентитетот на граѓанинот, на картата од постоечкиот политички систем. На оваа тема слоевито се осврнува и преведувачот на споменатата „Книга на записите“, токму во предговорот (стр: 63 – 74). За што поточно станува збор? Имено, некаде во периодот до 18 век, чинителите на политичкиот живот, како одраз на нивното длабоко внатрешно настроение, се држеле за стојалиштето дека политичката власт е легитимизирана од начело, кое го надвишува човештвото. Еден од илустративните примери го нуди политичкиот философ Ерик Фегелин, според кој, старозаветниот Израил го устројува поредокот на својата заедница околу откровението Божјо. И во старите европски монархии авторитетот на монархот симболички произлегува од трансцедентното начало, а потоа, од него е делегиран на парламентите и останатите институции. После Француската револуција 1789 г., во новоформираното собрание, оние кои се држеле до гореспомнатата идеја, седеле оддесно на претседавачот на собранието. Тоа биле ројалистите, та затоа се именувани – десница. Од левата страна седат оние, за кои суверенитетот произлегува, не од Бога, туку од нацијата, па затоа тие биле именувани – националисти, односно левичари. Радев вели дека иако популарното верување е спротивно, национализмот всушност претставува прва левичарска идеологија, та поимите „национализам“ и „левица“, изворно се синоними.

Пред отприлика три века, во Европа почнува да бледнее и да се губи идејата за било какво вкоренување на човечкиот поредок во било каков поширок метафизички поредок (Платон, Конфуциј и други). Значи, едноставно речено, политичкиот поредок повеќе не го црпи својот легитимитет „одозгора“, како претходно, туку почнува да се основа, да се темели на „суверенитетот одоздола“, воведувајќи ја идејата за „народот“ како единствен автентичен извор, кој му дава законитост на политичкиот поредок!

Од средината на 19 век, дури и монарсите (доброволно или не), забораваат дека нивниот суверенитет произлегува од Бога, па си ја преобликуваат позицијата од поданици на Бога, пред кого се морално одговорни, во „симболи на нацијата“, со што ја прифаќаат левата позиција за суверенитет одоздола. Веќе станува јасно дека оттогаш сите политички опции на менито се исклучиво „леви“, а изразот „десница“ се употребува, најчесто, погрешно.

На пример: национализмот, како прва левичарска идеологија, си ја определува нацијата како извор на суверенитетот. Но, и марксизмот, „народот“ како свој извор на суверенитет, го определува како „класа“. Конечно, и германскиот национал-социјализам, „народот“ како извор на суверенитет, си го дефинира како „раса“. Денес, кога ќе се каже дека некој е десница, првенствено се мисли на националист, но очигледно историјата сведочи дека таквиот пристап е бесмислен. Доколку, пак, некој се повика на економските политики, тие, бездруго, остануваат надвор од видокругот во однос на изворното разликување на „десно“ и „лево“!

Значи, јасно е како јасна месечина дека помеѓу современото поимање на левицата и десницата, всушност, се наоѓаат само разни подвидови на левицата! Многумина забележуваат, односно се вчудоневидени зошто денес во Р. Македонија нема суштински изразени идеолошки разлики! Од реченото, логично произлегува дека и едните и другите припаѓаат на истото поимање на политиката. Бојата е иста, во прашање се нијанси!