Артан Груби, трагачот по сопствениот кредибилитет

546

Не му е првпат на Груби да се глупира со свои фотографии и селфија. И она предизборно „УЧК, УЧК!“ во салата „Борис Трајковски“, спаѓа во истата пропагандна техника на „споделување кредибилитет“.

Пишува Сашо Орданоски

Мислам дека сè уште се кикотам откако вчера за првпат ја видов фотографијата на Артан Груби сликан со празната фотелја на американскиот потпретседател Мајк Пенс. За оние што не мора да знаат, Груби е на прошетка во САД (претседателот на Комисијата за европски прашања во „работна посета на САД“?), каде што некој од „моќното албанско лоби“ (можеби хигиеничарот во попладневната смена во западното крило на Белата куќа?) му овозможил да се слика во празната канцеларија на американскиот потпретседател, потпрен на грбниот потпирач од неговата фотелја, врз сосема празниот потпретседателски работен астал што е толку исполиран, што и мува би се лизнала при слетување!

Мртва природа

Целата композиција на фотографијата би можела да носи наслов: „Мртва природа: Груби на вистинско место, во погрешно време“. (Под услов фотографијата да не е направена во некој вашингтонски шопинг мол, бидејќи Американците знаат да се глупираат и со такви туристички изведби за слики-апарат-за-целиот-град.)

Што може да го натера човек – политичар – да се слика во друштво со празна фотелја, а потоа таа фотографија да ја сподели не само со семејството, како спомен за кој ќе следуваат анегдоти кога ќе се врати дома по патот од онаа страна на Атлантикот, туку со целиот свет!?

Во занаетот на правење пропаганда има една техника која се нарекува „споделување на кредибилитет“: ако, на пример, човек со проблематичен професионален углед го седнете на телевизиска емисија меѓу двајца кои имаат неспорен професионален углед, тогаш кај публиката што ја гледа емисијата нешто од угледот на двајцава „се пренесува“, речиси како првут, и врз „рамењата“ на неугледниот, бидејќи резонот е дека кога ти дале да се дружиш со угледни, мора и самиот нешто да си заслужен!

Погаѓате, оваа првут-техника се употребува кај луѓе со проблематични мотиви, кога експертите за пропаганда имаат потреба да ги „огребат“ од туѓи кредибилитети, токму поради целосен или делумен недостаток на сопствен. На пример, ќе застане Груби да преведува до Али Ахмети и „првут“ лета на сите страни!

Празна фотелја

Но, морам да признам дека е иновативен пристапот „угледот“ на една празна фотелја да се пренесе врз оној што се потпира врз неа – освен ако со ракавите од палтото тој што се потпира нема задача да го избрише првутот од потпирачот, што ме враќа на тезата дека зад целиот овој пропаганден „проект“ сепак стои хигиеничарот од попладневната смена во Белата куќа.

Не му е првпат на Груби да се глупира со свои фотографии и селфија, во погрешен контекст. Па и она предизборно врескање, без ехо, со „УЧК, УЧК!“ во полната сала „Борис Трајковски“, спаѓа во истата пропагандна техника на „споделување кредибилитет“. Дури, би можело да се тврди дека и тепачката на скопското Кале, своевремено, може да има слична, опасна, политичко-пропагандна инспирација…

Всушност, Груби ми личи на политичар што како да е во постојана потрага по кредибилитет! Ете, сега разбирам зошто не престанувам да се кикотам откако за првпат ја видов фотографијата на Груби со празната фотелја на американскиот потпретседател…