Апологија или признание?

Апологија или признание?

221
SHARE

„Мангупите“ се групи во движењето, кои политиката ја сфаќаат исклучиво како ВЛАДЕЕЊЕ, ПРИВИЛЕГИИ, ЛИЧНО БОГАТЕЊЕ.

Пишува Ѓорѓи Тоновски

Социјалните реформи се сложена, долготрајна и макотрпна работа. Тие претпоставуваат квалитетна и комплетна употреба на индивидуалниот и колективниот ум, на креацијата и на визијата… Истовремено, тие налагаат умешност за предвидување, лоцирање и отстранување на сите можни блокади, кочници, недоразбирања, отпори итн. Овие „негативи“ можат да доаѓаат од спротивниот, конкурентскиот политички и социјален табор, кој со успешните реформи ги губи позициите и шансите кај избирачкото тело. Но тие отпори, исто така, можат да доаѓаат од „мангупите во сопствените редови“ на реформското политичко и социјално движење.

„Мангупите“ се групи во движењето, кои политиката ја сфаќаат исклучиво како владеење, привилегии, лично богатење. Иако во изминатиот период од македонската независност немаше некакви сериозни обиди за реформски зафати, сепак и она мало искуство на овој план посочува дека „мангупската“ политика беше доминантна одлика во социјалниот развој на младата држава и дека таа беше една од причините за неуспешните реформи… Но последната деценија, за време на груевистичката фашисоидна диктатура, македонската држава беше плен на политичка клика, која не само што ја „зароби“ државата, туку и ја уништи во многу сегменти на нејзиното функционирање и постоење. Таа се спушти на рангот на неразвиените африканско-азиски земји. Така девастираната земја ги прави реформите уште потешки и покомплицирани. Особено ако се имаат предвид и последиците што диктатурата ги остава врз духот на застрашениот народ.

Последните избори донесоа извесна промена во ставот кон прашањето за социјалните реформи, но и направија поместување во имиџот на македонската политика. Реформите едноставно станаа „крик“ на времето, на општеството и на општествените субјекти. И тој крик излезе од ропскиот оклоп и се разлеа по македонските градови. Студентскиот пленум (аферим!), Шарената револуција, критичкиот ум на македонските граѓани ја разлеа низ македонскиот духовен и географски простор ослободената социјална енергија преку проектот „Нема правда, нема мир“ и Заевиот проект „Живот во Македонија“… Овие настани беа сведоштво за моќта на сплотените граѓани, но и за моќта на искрениот пристап кон луѓето. Таквиот пристап што го манифестираа челниците на движењето, и особено Зоран Заев, создаде нов имиџ на политичар во македонското милје. Заев се доживува како човек со препознатлив, признаен и епски придонес во ослободувањето на општеството од мрачните сили на диктатурата…

Заслугата произлегува од неговата храброст и посветеност на демократската европеизирана иднина на македонската држава. Наспроти „тажната слика“ на довчерашниот „модерен технократ“ и „основоположник на груевизмот како посебна форма на диктатура“ кој сега секојдневно се дружи со адвокати и шета по судските лавиринти. Иронија е дека тоа им го посакуваше (и организираше политички хајки) на своите политички неистомисленици и противници… Тоа е сурова игра на судбината – амбицијата и хвалоспевот дека си лидер-реформатор на Балканот да се замени со куп судски рочишта е пример за аналите на апсурдот, кога од позицијата на прв човек се ротираш во потенцијален осуденик. Ова е добра поука за сите посленици во политиката – таа не е само привилигија, туку е света работа што во преден план го става општото добро. Во спротивно, нејзината злоупотреба обезбедува место во мрачните страни на националната историја.

И уште нешто… Создавањето на животот трае девет месеци… Има некаква симболика во проектот 3-6-9. Деновиве одбројува 9 (деветката), знак ли е тоа за понови, поубави вести во реформите?!

NO COMMENTS

LEAVE A REPLY