Ако Борисов требаше да се извини, Заев мораше да клекне на колена и да бара прошка!

Да не бидеме малициозни и да се обидеме да ја сфатиме длабоката суштина на овој добрососедски чин на почит кон жртвите на холокаустот на македонските Евреи.

 

Бранко Героски

 

Очекувањето на некои недоволно информирани новинари и на дел од македонската јавност, бугарскиот премиер Бојко Борисов да се „извини“ за депортацијата на македонските Евреи во логорот Треблинка, беше крајно малициозно. И да знаете, ова го кажувам отворено, искрено и без грижа на совеста, патем и како внук на дедо кого никогаш не сум го запознал, затоа што е убиен од страна на бугарските фашисти во 1941 година.

Затоа, немој некој да се осмелил да ми припишува „бугарашење“, аман!

Борисов изрази жалење и осуда за холокаустот на македонските Евреи, на церемонија одржана во Скопје. Претставник на Еврејската заедница во Македонија неговиот чин го оцени како „вистинска храброст“. И треба да ви биде јасно како бел ден дека тоа е вистинската оценка за потегот на Борисов – чин на несекојдневна храброст!

Тој, пак, што сака да ја обвини Бугарија за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, го советувам малку повеќе да чита и да истражува. Не спорам со фактот дека фашистичките окупатори во Македонија се организатори на депортацијата, но факт е и тоа дека еден голем дел од извршителите се луѓе од тогаш назначената локална администрација, Македонци!

И уште еден непријатен факт, кој бара посебно истражување – куќите и имотите на депортираните Евреи се запоседнати веднаш по погромот. Што мислите, од кого?

Дали сте знаеле дека поред процентот на депортирани и неспасени Евреи, Македонија е светски рекордер? Да, да, Македонија е светски рекордер, бидејќи е истребена речиси целата еврејска популација на просторот на тогаш окупираната Македонија. Во исто време, бугарскиот народ од депортација ќе спаси 48.000 Евреи! Тоа Бојко Борисов го кажа во Скопје и замоли да не се замајуваме со пропаганда.
Ако Борисов можеби требаше да изусти збор што ќе заличи на извинување, за да ја задоволи „сензибилизираната“ македонска јавност, тогаш премиерот Зоран Заев мораше да клекне колена и искрено и многу длабоко да побара прошка, во името на својот народ. Но, пак велам, да не бидеме малициозни и сепак да се обидеме да ја сфатиме длабоката суштина на овој добрососедски чин на почит кон жртвите на холокаустот.