Колумна на Виолета Михајловска: Семејното насилство за време на пандемијата

Податоците покажуваат дека иако јавноста знае за зголемениот број случаи на семејно насилство, сепак тие во најголема мера се неевидентирани кај службите од причина што жртвите многу ретко одлучуваат да го пријават насилникот.

Повеќе од една година ден светот живее во услови на пандемија предизвикана од ковид вирусот. Се чини дека крајот на пандемијата сè уште е во недоглед, бидејќи бројките на новозаразени и починати секојдневно растат, се појавуваат нови мутирани видови на вирусот, а сè тоа наметнува суштинска потреба од изменети услови на секојдневниот живот. Пандемијата се одразува значително врз економската и социјалната сфера предизвикувајќи драстично губење на работни места, затворање на бизниси и состојба која доведува на раб на егзистенција многу семејства. Овој проблем подеднакво ги засега сите, мажи и жени. Но, мора да се признае дека новата „нормална“ состојба и пандемиските рестрикции во поголема мера ги погодија жените, кои и пред тоа беа ранлива група со ограничени или нејасни права. Овде зборуваме за бројот на жени кои ги изгубија своите работни места, самохраните мајки кои немаа избор освен да останат дома да се грижат за своите деца на кои им беше прекината наставата со физичко присуство и згрижувањето во установите за предучилишна возраст.

Она што е особено значајно и што претставува вистински проблем е семејното насилство кое евидентно се зголеми за време на пандемијата. Иако бројните женски организации, уште на самиот почеток на пандемијата, предупредуваа за можно зголемување на бројот на случаи на семејно насилство и предлагаа да се преземат поопфатни мерки за заштита на жртвите, сепак тоа не се случи. Исклучок овде се неколку европски држави, како на пример, Франција, која обезбеди буџет од 1 милион евра за превенција на семејно насилство и поддршка на центрите за згрижување на жртвите од семејно насилство. Шпанија и Грција пак, направија шифрирани броеви кои жртвите можат да ги користат како безбедносни кодови при посета на аптеките и супермаркетите и со нив да алармираат дека се жртви на семејно насилство.

Кај нас, за жал, не се направи ништо конретно. А целокупната македонска јавност знае за двата случаи на фемицид, односно жени кои ги изгубија своите животи во случаи на семејно насилство, кои се случија во првите два месеца од воведување на вонредната состојба. Ова е само мал дел од она што навистина се случува во домовите. Жално е да се констатира дека доколку жртвата не го изгубила својот живот, тогаш најверојатно и овие ќе беа невидлива бројка на случаи од причина што најголемиот број од нив не се пријавуваат. Мора само да го споменеме фактот што кај нас со уредбата за забрана за движење за време на полицискио час имаше отстапка за оние кои излегле од домот во кој трпеле насилство, но само доколку е пријавено. Дискутабилно е тоа колку жртвата за време на насилството е во можност да пријави и притоа да излезе од домот. Но, сакам да верувам на совесноста, хуманоста и емпатичноста на службите во ваквите случаи.

Зошто се алармираше за преземање на поголеми и посоодветни мерки за спречување на семејнито насилство на почетокот на пандемијата?

Оние што се занимаваат со оваа проблематика, како и оние кои имале лично искуство или искуство на блиска особа, свесни се за ризикот од насилство за време на карантините кога жртвата останува затворена во ист простор со насилникот. Од друга страна, воведувањето на полицискиот час и забраната за движење уште повеќе создава страв и непријатност од целата оваа ситуација. Податоците покажуваат дека иако јавноста знае за зголемениот број случаи на семејно насилство, сепак тие во најголема мера се неевидентирани кај службите од причина што жртвите многу ретко се решаваат да го пријават насилникот. Кај најголем дел од нив причината за непријавување лежи во недовербата во институциите, немањето адекватен закон за заштита на жртвата, немањето засолништа за жртвата и другите членови од семејството (најчесто децата), како и немањето доволно правна помош за справување со насилникот. Но, суштинскиот проблем во оваа ситуација се наоѓа токму во економската зависност и „немањето каде“ после бегање од насилникот.

Што е потребно да се направи за да се обезбеди поголема и адекватна заштита на жртвите на семејното насилство?

Она што е алармантно кај нас е секако недостатокот од стручен и едуциран кадар во рамки на Министерството на внатрешни работи каде што засега е недоволен бројот на инспектори кои ги водат случаите на семејно насилство. Од друга страна, потребна е соодветна обука на сите релевантни институции и поединци кои имаат удел во случаите на семејно насилство. За сето ова е потребно државата да издвои одредена сума на финансиски средства, а од друга страна поголеми финансии од буџетот на државата треба да се издвојат за да се обезбеди бесплатна правна помош на жртвите, да се отворат неколку безбедносни куќи и засолништа во кои жртвите ќе можат да се сместат на подолг временски период. Во моментот познато е дека имаме само четири засолништа и еден кризен центар кој го води граѓанска организација, а со фактот што Република С. Македонија ја потпиша ратификацијата на Истанбулската конвенција, таа несомнено се согласи и на условот за отворање на минимум осум засолништа и барем еден кризен центар. И да бидам малку подетална, апелирам да се обезбеди бесплатна обука и усовршување за одредени занаети за жртвите, која потоа ќе им помогне да се вработат и да обезбедуваат егзистенција за семејството. Подигнувањето на свеста кај сите луѓе е од особена важност затоа што постојат голем број приватни компании кои би помогнале со вработување и помош на жртвите од семејно насилство. Листата на предлози е долга и комплексна, но најпрво потребно е да се акцентира дека како држава се соочуваме со ваков проблем и државата треба не само да ги охрабри жртвите да пријавуваат случаи на насилство, туку и да им помогне за нивна поголем заштита, безбедност и понатамошна егзистенција.

 

 

Видео на денот