Колоритен спектар од бои на 13. Биенале на млади уметници во МСУ

Биеналето на млади уметници годинава се прошири вон архитектурата на Музејот на современата уметност и според замислениот концепт на кураторскиот тим имаше четири отворања на различни локации.

Отворањето на 13. Биенале на млади уметници во МСУ со наслов „Страст за лутање“, зад чија организација стои дел од кураторскиот тим на Музејот на современата уметност, успеа да го мобилизира на едно место скопскиот уметнички крем. Покрај отворањето во МСУ, дела на млади уметници се изложени и во Природонаучниот музеј, Музејот на Македонија и во Управата за хидрометеоролошки работи. Она што најмногу радува е што покрај вистинските сладокусци и познавачи на модерната и онаа постојана публика, која години наназад верно ги следи сите случувања, МСУ успеа во своите редови да регрутира и надоаѓачки генерации на млада публика, која со својот колоритен имиџ го обои просторот на музејот.

Голем куриозитет е што сѐ почести гости во МСУ се претставници и од политичкиот естаблишмент во земјава, кои на годинашново отворање на Биеналето со големо внимание и интерес сакаа да видат што имаат да понудат младите уметници како свој уметнички продукт. Покрај, министерката за култура, Ирена Стефоска, која редовно ги посетува случувањата во музејот, на отворањето дојдоа и министерот за здравство Венко Филипче и вицепремиерот Љупчо Николовски со неговата сопруга Андријана Николовска.

Сѐ почести гости во МСУ се претставници од политичкиот естаблишмент во земјава / Фотографија: Маја Аргакијева

На поставките изложени се дела на над 30 локални, регионални и меѓународни уметници. Селектирани се дела на уметници од Македонија, Србија, Косово, Хрватска, Босна и Херцеговина, Италија, Аргентина, Турција… Со свои дела се претставуваат: Дарко Алексовски, Стефан Анчевски, Мартин Волман, Сали Ертунч, Филип Ивановски Пепе, Методи Исков, Јован Јосифовски, Соња Јо, Ана Јовановска, Ресул Кабоглу, Никола Кекеровиќ, Ана Лазаревска, Николо Масини, Јулија Манојлоска, Ивана Мирчевска, Ана Марковска, Наташа Неделкова, Доротеј Нешовски, Мила Паниќ, Кристина Пулејкова, Никола Радосављевиќ, Дритон Селмани, Душан Стефановски, Бојан Стојкиќ, Милица Лазаревиќ Спировски, Ивана Самандова, Ана Трајковска, Адриен Ујхази, Елена Чемерска, Миа Чук и Зоран Шекеров.

Биеналето е мултидисциплинарен настан, еден од најзначајните од областа на современата уметност, првенствено поради тоа што негова цел е да наоѓа начини и создава простори, преку кои ќе ги претстави најновите уметнички насоки на надоаѓачката генерација уметници и куратори. На прашањето „Зошто Биеналето на млади уметници е важно?“, кураторката Јованка Попова одговори: „Затоа што, освен што им нуди простор за изложување, Биеналето ги следи младите уметници во клучен период од нивниот професионален развој, кога повеќето се љубопитни, енергични и храбри, односно служи како иницијална платформа за нивната определба како уметници. Секое издание на Биеналето му овозможува на еден млад уметник реализирање на самостојна изложба во важна институција за негово професионално профилирање, каква што е МСУ. Истовремено му овозможува да се стекне со знаење, кое ќе ја подобри неговата уметничка продукција, обезбедува логистичка поддршка и професионално го насочува во сложениот процес на подготовка на уметнички проект. Досегашната практика покажува дека повеќето од имињата на етаблирани македонски современи уметници своите први искуства ги стекнале преку учество на Биеналето. Програмата на Биеналето секогаш предизвикува голем интерес од професионалната заедница куратори, историчари на уметност, критичари, со што им овозможува на младите уметници да бидат препознаени на професионалната сцена“, истакнува Јованка Попова, дел од кураторскиот тим на Биеналето.

На отворањето во МСУ на 19 мај присуствуваше и министерката за култура Ирена Стефоска / Фотографија: Маја Аргакијева

Биеналето е важно и за публиката и за локалната уметничка сцена, а Попова објаснува зошто е тоа така: „Затоа што дава увид во рецентните интереси и правецот во кој се движи современата уметност денес. Темата на годинашното биенале беше во потрага по размислувањата на уметници за актуелна проблематика која сите ја живееме. /wɒndəlʌst/ ја испитува имагинарната и трансформативна сила на уметнички практики со отворени политички, но и интимни, понекогаш скриени наративи на бегство, од состојбата на застој, на истост, на повторувања во чекање“.

Во рамки на Биеналето концепирана е и едукативната дискурзивна програма и ќе бидат организирани серија предавања и работилници посветени на млади куратори и уметници. Така, македонскиот уметник Никола Узуновски, куратор на образовната програма на МСУ, ќе проговори за тоа што е биенале, ќе го претстави хронолошки развојот на Венециското биенале и ќе даде примери од најпознатите интернационални изложби. Познатите куратори од Косово, Леутрим Фишекиу и Ватра Абраши Фишекиу ќе го претстават „Аутострада Биенале“, кое се одржува во Призрен. Нада Прља, една од најзначајните македонски уметници, онлајн ќе го претстави нејзиниот проект изложен на последното Венециско биенале, а Узуновски ќе го претстави неговиот проект, кој беше изложен на Биеналето во 2009та година. Немања Цвијановиќ, еден од најзначајните млади уметници од Балканот, ќе ги покаже своите проекти изложени на „Манифеста“ и „Аутострада Биенале“. Во рамки на Биеналето ќе се одржи и работилница за млади уметници, како да ги претстават своите дела преку дигитални портфолија, која ќе ја води Јане Чаловски, уметник и куратор кој работи помеѓу Скопје и Берлин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 81, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 22-24 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот