Колку Украина е вистински пријател на Србија

Една година по почетокот на војната во Украина, во Србија сè уште има многу силна пропутиновска и антизападна пропаганда, поради која дел од граѓаните сè уште веруваат дека руската агресија во соседната земја е оправдана и легитимна.

Украина е една од ретките европски земји која не ја призна независноста на Косово. Кратко време откако Косово прогласи независност, тогашниот украински претседател Виктор Јушченко изјави дека Украина не го признава Косово и дека оваа позиција се заснова на националните интереси на земјата и меѓународното право. Украинската премиерка Јулија Тимошенко тогаш рече дека Украина има неколку соседни земји кои се соочуваат со територијални проблеми и дека, пред да донесе каква било одлука, сака да знае дали Косово веќе станало норма, вообичаена практика или уникатен настан.

Во декември истата година, министерот за надворешни работи, Володимир Охризко, на состанокот на ОБСЕ изјави дека Украина никогаш нема да направи компромис за територијалниот интегритет на која било држава. Две години подоцна, во јуни 2010 година, тогашниот претседател на Украина, Виктор Јанукович, истакна дека никогаш не ја признал независноста на Абхазија, Јужна Осетија или Косово, бидејќи тоа е кршење на меѓународното право.

Оттука, Украина не го призна Косово дури и пред самата да се најде во слична ситуација во 2014 година, кога Русија го анектираше Крим и проруските сепаратисти ја презедоа контролата врз Донбас. Откако започна војната во Украина во 2022 година, прашањето за признавање на Косово од страна на Украина се споменуваше во неколку наврати. Украинскиот пратеник Олексеј Гончаренко до парламентот поднесе предлог-закон за признавање на независноста на Косово и покрена петиција земјата да го признае Косово. Откако Гончаренко лобираше за ова при посетата на Приштина, украинскиот парламент се огради од неговите изјави и позиции.

И Амбасадата на Украина во Србија, во врска со слични барања минатата година, во соопштение наведе дека принципиелната позиција на Украина за нејзиниот однос кон територијалниот интегритет и суверенитет на Србија е добро позната.

Украина беше меѓу првите земји што го осуди бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија

Веќе на 25 март 1999 година, Украина го осуди бомбардирањето на НАТО врз СР Југославија, кое започна еден ден претходно. Бомбардирањето го осудија и тогашниот претседател на Украина, Леонид Кучма, премиерот Валериј Пустовјотенко, како и претседателот на Парламентот. Верховната рада (Парламентот на Украина) побара, меѓу другото, веднаш да се употребат сите средства за политичко влијание врз НАТО за да се стави крај на бомбардирањето на СР Југославија.

Украинските министри за надворешни работи и за одбрана дојдоа во Белград веќе на 27 март 1999 година.

Украина се обиде и да посредува во југословенската криза, но немаше доволно политичко влијание. За време на бомбардирањето од НАТО, Украинците испраќаа хуманитарна помош за граѓаните на Србија и Црна Гора, како и за косовските бегалци во Македонија. Освен раководството на Украина, со Југославија се солидаризираа и граѓаните на оваа земја. Во поголемите градови на Украина се одржаа протести против НАТО, на кои беше осудено бомбардирањето, а протести имаше и пред американската амбасада во Киев.

Претседателот на Украина, Леонид Кучма, на 20 април 1999 година до Обединетите нации поднесе предлог за решавање на косовското прашање, во кој побара прекин на воздушните напади, повлекување на југословенските сили од Косово, како и прекин на воените акции на косовските Албанци. Предвиде и распоредување на мировните сили на ОН, кои ќе вклучуваат војници од земјите кои не учествуваа во НАТО бомбардирањето, а потоа и меѓународна мировна конференција на која ќе се изработи политичко решение за косовското прашање врз основа на 10 точки од Контакт групата и политичкиот договор од Рамбује.

Сојузници по губење на територијата

Украина прогласи независност од Советскиот Сојуз во 1991 година. Во февруари 2014 година, Русија го анектира Крим, област каде што мнозинството од населението се Руси. На референдумот 97 отсто од учесниците гласаа за спојување на Крим со Русија. Голем дел од меѓународната заедница не ги прифати резултатите од референдумот, а во 2014 година ЕУ воведе санкции кон Русија. Есента истата година Владимир Путин доаѓа во Белград. Во 2014 година, проруските сепаратисти ја презедоа контролата врз Донбас, територија која исто така е претежно руска. Оттогаш трае конфликтот меѓу украинската војска и војниците поддржани од Русија. Србија двапати гласаше против резолуциите на ОН за Крим, што предизвика разочарување кај претставниците на Украина во Белград.

Меѓутоа, во 2014 година Србија го измени Кривичниот законик и воведе затворски казни до десет години за граѓани кои учествуваат во војни во странство. Оттогаш, осудени се повеќе српски граѓани кои учествуваа во конфликтите во Донбас на страната на проруските сепаратисти. Кога Владимир Путин ја призна независноста на отцепените украински територии Луганск и Доњецк во февруари 2021 година, Србија не го осуди тоа, што предизвика разочарување кај тогашниот украински амбасадор, кој рече дека очекува Србија да го осуди потегот. Вучиќ, сепак, тогаш рече дека Белград ќе го осуди руското признавање на независноста на сепаратистичките региони кога претседателот на Украина, Володимир Зеленски, на телевизија ќе го осуди бомбардирањето на НАТО. По почетокот на руската агресија врз Украина, Вучиќ изјави дека Србија целосно го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но дека нема да воведе санкции. Србија во Обединетите нации повеќепати гласаше во корист на Украина, но се уште не воведува санкции.

Во ослободувањето на Белград во 1944 година учествуваа и украински трупи.

Во операциите за ослободување на Белград и Србија од нацистичка Германија во 1944 година, учествувале и силите на Третиот и Вториот украински фронт, кои биле во Црвената армија. За време на белградската офанзива, единиците на Третиот и Вториот украински фронт, од кои 65 до 70 отсто беа составени од Украинци, загубија повеќе од 18.000 луѓе. Генералот Владимир Жданов, кој заедно со Пека Дапчевиќ и Фјодор Толбухин ги предводел југословенските и советските сили во ослободувањето на Белград од нацистите, бил Украинец. Роден е во Киев и се приклучил на Црвената армија како волонтер.

Извор: Demostat Автор: Миломир Мандиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот