Колку се ефикасни вакцините по првата доза?

Скопје, 17 февруари 2021 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Луѓето помалку се придржуваат на мерките откако ќе ја примат вакцината, со погрешна претпоставка дека тие веднаш се заштитени.

Во Велика Британија, едно од 25 лица кои се наоѓаат на болничко лекување поради ковид-19, примиле барем една доза од вакцината, а повеќето се заразиле пред или многу брзо по вакцинирањето, пред организмот да успее да развие имунитет.

Меѓутоа, како што пренесува „Гардијан“, неколку заразени лица добиле симптоми по повеќе од две недели откако ја примиле првата доза на вакцината, што покажува дека вакцините помагаат во спречувањето на развојот на сериозна болест кога ќе помине доволно време за нивното дејствување.

Податоците, презентирани од Научната советодавна група за итни случаи на британската влада, можат да бидат показател дека луѓето помалку се придржуваат на мерките откако ќе ја примат вакцината, со погрешна претпоставка дека тие веднаш се заштитени.

Другите објаснувања ја вклучуваат можноста дека тие се заразиле набргу по вакцинирањето, во текот на примањето на вакцината, или вакцината ги покренала симптомите кај асимптоматските случаи.

– Утврдувањето дека значителен број луѓе развиваат симптоми неколку дена по добивањето на првата доза може да укаже на промената во однесувањето што следувала по вакцинацијата. Затоа, важно е комуникацијата во текот на процесот на вакцинација повторно да ја воведе потребата за задржување на безбедното однесување – наведено е на состанокот на научната група на британската влада.

Речиси 29 милиони луѓе во Велика Британија примиле барем една доза од вакцината против-19, со одреден степен на имунитет за кој се верува дека се развил две недели по примањето на првата доза, но потребна е втора доза за да се постигне највисокото ниво на заштита.

Според податоците на мрежата на британските ковид-болници, заклучно со 5 март, регистрирани се 1.802 случаи на зараза кај вакцинираните пациенти кои биле хоспитализирани во една од болниците во Велика Британија. Тоа е 4,2 отсто од сите луѓе кои биле примени на болничко лекување од 8 декември минатата година, кога и започна вакцинацијата во Велика Британија.

Просечното време помеѓу вакцинацијата и појавата на симптомите било пет дена, што укажува на тоа дека повеќето од нив биле заразени нешто порано или за време на вакцинацијата, додека останатите биле заразени по вакцинирањето, но пред да се развие имунитетот.

Во извештајот од мрежата на ковид-болниците се додава дека „постарите и загрозените луѓе, кои се придржувале до мерките, ненамерно се изложиле на коронавирусот и се заразиле или во текот на процесот на вакцинацијата или набргу по вакцинацијата поради промени во однесувањето, кога мислеле дека се имуни“.

Податоците од Израел покажуваат дека луѓето, по вакцинирањето, помалку се придржувале до правилата за држење физичкото растојание.

Научниците бараат од британската влада подобро да им објасни на граѓаните колку време е потребно вакцината да почне да дејствува и дека, и покрај тоа што вакцините што се користат во Велика Британија се ефикасни, не постои вакцина која е 100 отсто ефикасна.

Некои луѓе ќе бидат хоспитализирани дури и откако ќе ја примат вакцината целосно. Ќе биде особено важно да се следи која варијанта доминира во оваа група за да се разбере дали постои нешто што би го загрозило имунитетот“, заклучија научниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот