Колку протестите на опозицијата се блиску или далеку од нови избори?

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Политичката клима во Македонија е заострена меѓу власта и опозицијата во услови кога владеат и енергетска и економска криза кои се нус последица на војната во Украина, ветото на Бугарија и пандемијата. Во едни вакви околности двата најголеми политички табори не можат да најдат консензус за главните прашања кои ја мачат државата.

Најголемата опозициона партија ВМРО-ДПМНЕ информираше дека се вршат последните подготовки за спроведување на антивладиниот голем протест кој треба да се одржи во Скопје. Според најавите, протестот е замислен да започне во 20.00 часот оваа сабота во центарот на градот, на што ќе му предходат три засебни колони на поворки на луѓе кои ќе маршираат низ улиците на градот и подоцна во вечерта споени ќе протестираат пред Владата.

Во меѓувреме, политичките аналитичари дебатираат за тоа колку на Македонија и се потребни овие случувања во моменти кога државата се соочува со едни од најголемите економски предизвици.

Петар Арсовски за Утрински брифинг
Петар Арсовски / Утрински брифинг

Петар Арсовски смета дека нов изборен процес на државава во овој момет не и е потребен, бидејќи периодот што следи е круцијален за земјава да го троши за одржување на нови избори.

– Ситуацијата секако е тешка, ние се соочуваме со пандемиска криза, војна во Украина и очигледно е дека политичките партии во земјава избрале предизвиците со кои се сооочува државата да не се решаваат со дебата туку со протести. Секои избори се процес од најмалку 6 месеци кога застанува економијата. Не само заради тоа, туку и поради фактот дека Македонија во последните неколку години имаше многу избори, граѓаните не заслужуваат нов изборен процес туку работа, дијалог и решенија за нивните проблеми. Мислам дека опозицијата нема да биде во ќар од протестите, туку таа треба да покаже конструктивност во процесот на економското заздравување кое е неопходно во моментов. Бугарското вето е дополнителен аргумент со кој треба да се свртиме кон решавање на домашните проблеми а не кон протести и деструктивност – вели Арсовски.

Од друга страна, политичкиот аналитичар Владимир Божиновски тврди дека нереагирањето на власта за проблемите на граѓаните и земјата во криза, протестите се единствената алатка за смена на власта и искажување на незадоволсвото од политиките на владејачката коалиција.

проф. Владимир Божиновски / Утрински брифинг

– Протестите в сабота се токму поради тоа што државата е во хаос. Политичката гарнитура која е актуелна го испушти моментот да се направи влада на национално единство и да се превенираше економската и енергетската криза. Случувањата во Украина ее само акселератор на состојбиве во земјава кои одат во погрешна насока. Се добива впечаток дека единствената цел на власта е да остане ден повеќе во фотељите. Во таква една состојба на целосна безориентација и не можност да се испорачаат резултати за граѓаните, протестите се единственото демократско решение со кое може да се тргне оваа власт и се закажат нови избори за нивна смена. Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги подобри состојбите ако и се укаже можност во овој момент не може да се каже, бидејќи она што овие четири-пет години се случува тешко може некој брзо да го реши – оценува Божиновски.

Како што вчера објави „Слободен печат“ владините партнери в недела ќе одржат состанок на кој се очекува да ја потврдат поддршката на владејачката коалиција и да го реафирмираат ставот дека на земјата во овој момент не ѝ се потребни парламентарни избори, велат извори од владејачката коалицијата.

Ковачевски ден по митингот на Мицкоски, на средба со Ахмети и помалите владини партнери

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот