Колку пари би останале во Србија од „100 динари Рио Тинто“?
Деновиве владата во Србија работи во полн ек. Речиси во сите градови имаше протести поради одлуката владата да го поддржи ископувањето на литиум од страна на светската компанија „Рио Тинто“, суровина за производство на батерии, за електрични возила, пишува српски „Данас“.
Од една страна, владата тврди дека рударството би довело до речиси невиден бум во севкупната економија, притоа избегнувајќи да ја спомене другата страна на активноста, за големиот потенцијален ризик за животната средина, односно уништување на воздухот, водата и почвата, за што предупредува другата страна, пред се сите еколошки организации во Србија.
Интересно е што ниту една од страните во овој спор, не го потенцираше основното прашање: дали ова рударство воопшто има своја економска оправданост.
Имено, вистинското прашање е: кој навистина има вистински интерес и корист од ваков деловен потфат?
Компанијата ја вади таа добивка од Србија и ја насочува кон инвестициски проекти во други земји каде што може да му донесе поголем принос на сопственикот. Дополнително, преку оптимизација, странскиот сопственик ќе ја намали даночната обврска во Србија на околу 5 проценти, плус ќе плати т.н. минерална закупнина за следните 5 проценти. Остатокот од околу триесет динари ќе им биде исплатен на вработените. Значи, се на се во Србија ќе останат само дваесет и пет динари од вкупно остварени сто динари, така што профитот за државата и општеството е минимален.
Ова сценарио е карактеристично за африканските земји, кои се богати со природни ресурси. Знаеме дека ниту една од нив не се збогатила ниту се развивала врз основа на вакви проекти, се вели во написот во медиумот.
Постојат две други, неспоредливо поповолни сценарија за Србија, но тие се речиси невозможни во сегашната ситуација.
Првиот таков случај се состои во тоа што целиот проект би го реализирала српска компанија.
Друго, слично, поволно сценарио би било: во Србија да се произведува литиумска руда, да се преработува дома, да се произведуваат и батерии и конечно да се вградат во производството на електрични автомобили во Србија.
Ваква добра вест не слушаме ниту од владата на Србија, ниту од „Рио Тинто“, ниту од владите на Германија и Франција, ниту од ЕУ, пишува во текстот.