Германски имунолог Томас Џејкобс верува дека вакцинацијата ќе ја смири глобалната епидемија на коронавирус и дека имунитетот ќе трае најмалку две години. Фармацевтските компании ни дадоа надеж за масовна имунизација од коронавирусот.
Но, дали една вакцинација ќе нè заштити од инфекција до крајот на животот или само неколку месеци?

Вестите за развој на вакцина навистина звучат одлично. Кандидатите на „Модерна“ и „Фајзер“ нудат 90% заштита од ковид-19, а вакцината „Астра Зенека“ најмалку 70%.
И додека внимателно гледаме на животот по пандемијата, надевајќи се дека вакцината ќе ја „претвори“ во меморија, главното прашање е колку долго луѓето ќе бидат заштитени од вирусот?

Сè уште е рано да се одговори бидејќи досега немаше долгорочни студии. Неодамнешното истражување на калифорнискиот Институт за имунологија во Ла Џола, спроведено врз заразени лица, открило антитела и Т-клетки – двете главни оружја на човечкиот имунолошки систем најмалку пет месеци по инфекцијата, дури и кај оние со лесни симптоми.
„Овие се охрабрувачки податоци, имајќи предвид дека нашиот одбранбен систем има повеќе различни начини на дејствување“, рече Томас Џејкобс од Институтот за тропска медицина Берхард Нох во Хамбург.

„Оваа студија укажува на постоење на стерилен имунитет, односно оној што го уништува вирусот уште пред да навлезе во клетките“, рече Џејкобс, нагласувајќи дека соодветните вакцини може дури и да предизвикаат подобар одговор на антитела отколку природна инфекција.
„Покрај тоа, одговорот на Т-клетките, односно специфичните лимфоцити за борба против вирусите, траеше неколку месеци, што укажува на развој на клинички имунитет“, вели Џејкобс. Ова значи дека пациентите ќе имаат само благи симптоми, како оние слични на обичната настинка.

Сепак, врз основа на тоа, не можеме да претпоставиме дека вакцината ќе гарантира доживотен имунитет.
Вакцината создава посилен имунитет
Карстен Вокл, имунолог од Институтот Лајбниц во Дортмунд, вели дека едно лице обично е заштитено од една година до една и пол година откако е заразено со поблаги коронавируси, како што се оние што предизвикуваат настинка.
„Но не можете да го споредите имунолошкиот одговор на организмот по природна инфекција со оној што следи по вакцинирањето затоа што е многу поефикасен“, рече Вокл, генерален секретар на Германското имунолошко друштво, истакнувајќи дека луѓето затоа се надеваат дека вакцините ќе гарантираат подолг имунитет.
За ризичните групи како што се корисниците на домови за стари лица, поважно е да се создаде вакцина која ќе гарантира стерилен имунитет, додека за општата популација, клиничкиот имунитет веројатно би бил доволен, рече Џејкобс.

Засега е непознато дали вакцината ќе спречи ширење на вирусот.
„Во случај на силен одговор на антитела, тоа е малку веројатно“, рече Џејкобс, додавајќи дека може да има таков ризик во клиничкиот имунитет, но ќе бидат потребни дополнителни тестови за да се утврди тој факт.

Имунологот Вокл вели дека вакцините прво ќе ја смират состојбата на глобално ниво.
„Дури и ако населението биде заштитено само две години, секој што сака може повторно да се вакцинира и без сомнение, повеќе нема да имаме пандемија“, рече тој.
Преземено од Еспресо.мк