Колку е реално Украина да го врати Крим?

Украинска специјална единица во Крим / EPA-EFE/OLEG PETRASYUK
Украинска специјална единица во Крим / EPA-EFE/OLEG PETRASYUK

Една од прогласените цели на украинската војна е протерување на руските војници од нејзината територија. Ова го вклучува полуостровот Крим, кој Русија го окупираше во 2014 година. Овие констатации се особено актуелни деновиве отакако деновиве украинскиот претседател Володимир Зеленски на неколку пати во своите изјави јасно стави до знаење дека не сака да се откаже од полуостровот, кој беше незаконски анектиран од Русија во 2014 година. Зеленски ова го изјави непосредно пред новите силни експлозии кои одекнаа во руската воздушна база во близина на градот Новофедоривка на западниот дел од полуостровот. Се верува дека станува збор за напад на Украина, иако засега нема официјална потврда, ниту Киев ја презеде одговорноста.

Во меѓувреме официјална Москва од своја страна тврди дека се работи за „експлозија на муниција“, а не за напад. Според соопштението на Кремљ, муницијата експлодирала „поради невнимание“. Но, ако навистина се работи за напад, тогаш тоа би бил прв напад на окупираниот Крим по потонувањето на воениот брод „Москва“ во април годинава.

Зеленски на пристаниште/ Фото: EPA-EFE/UKRAINIAN PRESIDENTIAL PRESS SERVICE

Опасност од понатамошна ескалација

Паралелно на ова бомбардирањето цели на Крим во суштина би имало сосема поинакво значење за Русија од војната во Донбас или остатокот од Украина. Москва го смета тој полуостров, кој го анектираше во 2014 година со кршење на меѓународното право, за своја територија, односно по меѓународно непризнатиот референдум, дел од Руската Федерација. Според толкувањето на Москва, војната на тој начин би се проширила на руска територија, а тоа сигурно би предизвикало дополнителна ескалација на конфликтот. Но, Украина го смета и Крим за своја територија.

„Ќе ги ослободиме сите наши области, навистина сите, вклучувајќи го и Крим“, изјави украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников за Си-ен-ен во средината на јуни.

Сепак, како што објасни советникот на украинската влада Јуриј Зак, „реалниот минимум“ засега е „руските сили да се повлечат на границите пред 24 февруари“.

Секогаш спорен полуостров

За Москва, Крим е уште поважен од остатокот на Украина. Беше дел од Русија повеќе од 200 години. Назад во 18 и 19 век, императорите населиле етнички Руси таму, а Сталин ја продолжил оваа политика. Затоа мнозинството од населението на тој полуостров сѐ уште е проруско.

Мурал со руски војник на зграда во Крим / Фото: EPA-EFE/STRINGER

По распадот на СССР, Крим официјално остана украинска територија, иако Киев никогаш не успеа да ја замени Москва како вистински владетел, а мнозинството од населението остана проруско. Тоа се одразува и со тоа што Киев на полуостровот му додели автономен статус, но и што склучил договори за закуп со Русија, на пример за стратешки важното пристаниште во Севастопол. Командата на руската Црноморска флота исто така била сместена таму за време на советската ера, а Севастопол е исто така единственото значајно пристаниште што го користи Русија, кое, за разлика од пристаништата на север, е без мраз во текот на целата година. Севастопол е важен и воено и економски.

Крим беше припоен кон Украинската ССР дури во 1954 година – по наредба на тогашниот советски лидер Никита Хрушчов и под околности кои до денес не се целосно разјаснети. Некои веруваат дека причината можеби била тоа што самиот Хрушчов е Украинец. Договорот за изнајмување меѓу Украина и Русија не претставуваше голем проблем до 2014 година.

Сепак, на Мајдан во Киев започнаа проевропски протести, а потоа беше соборен прорускиот претседател Јанукович, кој беше принуден да побегне во Москва. Така, Кремљ се соочи со опасност да ги изгуби Севастопол и целиот Крим на долг рок, кој би можел да му припадне на противникот доколку Украина се сврти кон Западот – особено кон НАТО. И затоа реши да ја анектира таа територија кршејќи го меѓународното право.

Нестабилна врска

Русија се обидува дополнително да го зајакне својот статус на Крим со актуелната војна. Освен освојувањето на Донбас, Кремљ како една од најважните воени цели го прогласи и воспоставувањето копнен коридор до Крим. Набргу по припојувањето на полуостровот, Москва изгради мост од повеќе милиони долари со автопат со четири ленти и паралелна железничка врска. Од 2018 година, тој мост го поврзува градот Керч на далечниот исток на Крим со рускиот полуостров Таман. Без тој мост до Крим до сега не можеше да се стигне по копно од руска територија.

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Досега целата залиха од околу 2,3 милиони жители, колку што живеат таму, доаѓаше од морето или преку тој мост. Со натамошни освојувања во јужна Украина, Путин би го постигнал следново: враќањето на статусот пред анексијата би станало практично невозможно. Украина би била целосно отсечена од пристапот до Азовското Море, а со тоа што Крим ќе се пробие во Црното Море како џиновски клин, Русија би можела да го контролира и блокира целиот бродски сообраќај до Одеса, последното преостанато пристаниште на Црното Море во Украина. Таа стратегија ја потврдуваат и жестоките борби за Змискиот остров кај романскиот брег, пишува германски Дојче веле.

Реално враќање?

Во Украина, пак, не е јасно до каде треба да се оди со цел да се врати Крим под контрола на Киев. Враќањето на полуостровот е „прашање за кое треба дипломатски да се преговара“, рече владиниот советник Зак. Претседателот Зеленски, исто така, е свесен дека повторното воспоставување контрола, дури и под многу подобри околности отколку што е моментално, е речиси невозможно:

Бомбардирани руски воени бази на Крим / Фото: EPA

„Мислам дека тоа би значело стотици илјади жртви на наша страна“, изјави Зеленски неодамна за американскиот портал за вести Аксиос“.

Меѓутоа, во моментов е целосно нејасно како тоа би можело да се постигне преку преговори. Поради сегашната рамнотежа на силите, стратешкото значење на Крим, но и поради јасната лојалност на огромното мнозинство од неговите жители кон Русија, се чини дека тоа во моментов е практично невозможно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот