Колку е големa цицката на државата?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Степенот на општата патерналистичка државна интервенција во социјалниот и економскиот живот на земјава ќе биде главната тема на наредните избори. Сите ќе ветуваат голема државна популистичка „цицка“ од чија брадавица ќе треба да протече мед и млеко. Но, ако и за само три денари покачена акциза на горивата опозицијата тврди дека е направен „голем удар“ врз стандардот на населението, од кои приливи ќе се полни „вимето“ на државниот буџет?

Значи, да бидеме на јасно: додека не се произведе вакцина или додека не се најде ефикасен лек за вирусов, ќе си останеме во некаков вид на општествена вонредна состојба, со повремени „затегања“ на условите за движење и работа, зависно од неделните варијации во бројот на починати и заразени. На научниците уште не им е јасно ни дали еднаш излекуваните се заштитени од повторна зараза. На пример, читам, американските експерти веќе предвидуваат дека зимово следува нов, уште потежок бран од пандемискава пошаст.

Тоа, барем во догледна иднина, ќе ги промени сите важечки и подразбирливи стандарди и навики за слободата на нашето однесување, за сфаќањето на приватноста, за начинот на кој заработуваме и трошиме пари, што работиме, како и со кого се дружиме, кој ни е односот кон постарите или помладите, што ни прават децата, како излегуваме по кафеани и кафулиња, кога шетаме кучиња, што јадеме, кој ни е распоредот во домовите или во канцелариите, како се транспортираме и каде ќе патуваме, со кого ќе водиме љубов… Дали со социјалната дистанца кај пикадото или пинг-понгот тие ќе станат главните спортови во обложувалниците? И уште илјадници други работи од јавниот и приватниот живот. Меѓу другото, и односот кон нашето здравје, кон незапирливата трка за правење пари, а и односот кон умирачката, како таква.

Да речеме, ако ве прашаат колку смртни случаи месечно во Македонија би ви биле „прифатливи“ за да одржите некаква „нормалност“ во начинот на живеење, за која бројка би се определиле? … Всушност, прашањето е која е таа бројка на починати од вирусот што вам ќе ви го задржи чувството дека тоа им се случува само „на некои други“, а никогаш вам и на вашите блиски?

Лично познавам (паметни) луѓе кои и сега (приглупо) мислат дека сето ова со вирусов е измислена работа, дека напразно се создава паника и психоза, дека зад тоа стојат некои мрачни мотиви на оние кои се на власт или кои сакаат неа да ја освојат, а дека оние што имале лоша среќа или лошо здравје ќе си се разболат, некои и ќе умрат – па што?! … Па тоа.

На пример, како сето ова ќе се одрази на предизборната кампања што наскоро ни следува, бидејќи некаква нова политичка власт ќе мораме да конституираме? Не мислам само на „техничките“ аспекти на предизборието – јасно е дека со партиски митинзи, за догледно време, е завршено – туку и во суштинска, содржинска смисла на политичката понуда. Да тргнеме од неодамна објавените анкети (на пример, оние на „Фајнанстинк“) дека најголемиот дел од населението вели дека ваква социо-економска криза можат да издржат најмногу еден до три месеци… Таман до датумот за изборите.

Јасно е дека степенот на општата патерналистичка државна интервенција во социјалниот и економскиот живот на земјава ќе биде главната тема на наредните избори. Сите ќе ветуваат голема државна популистичка „цицка“ од чија брадавица ќе треба да протече мед и млеко за да се компензираат загубите и неволјите предизвикани од епидемијата. Но, ако и за само три денари покачена акциза на горивата – чија малопродажна цена, патем, е најевтина уште од времето на социјализмот – опозицијата тврди дека е направен „голем удар“ врз стандардот на населението, од кои приливи ќе се полни „вимето“ на државниот буџет? Што правиме, сега, со концептот на „рамен данок“? Со профитите на банките и другите крупни капиталисти? Со нечепнатите плати на државната администрација?

Баш ме интересира врз кои ветувања ќе состават заедничка изборна платформа коалициите, во кои има распенавени левичари и убедени десничари. Моделот на „социјалната држава“ се враќа на голема врата, откако пред неколку децении беше протеран од неолибералниот капитализам како крајно непожелен за „новото време“.

Е, ама сега неочекувано дојде едно друго, уште „поново“ од тоа „ново време“. Да си се подготват нашите политичари за реални одговори на прашањата што нема да можат да се избегнат. На овие избори „патриотските теми“ ќе се пресметуваат со статистички алгоритми и дигитрони: собирање, вадење и делење, помножено со предностите од нашето членство во ЕУ и НАТО.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот