Колку чини слободата?

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

На ова прашање на покојниот новинарски бард одговорот го даде шефицата на скопското јавно обвинителство за гонење на организиран криминал: пет милиони евра, ете толку чини слободата! Колку сме за жалење, ни самите не сме свесни.

Своевремено, кога во колумни го опишуваше и го критикуваше режимот на поранешниот премиер и актуелен азилант на бреговите на Дунав, покојниот новинарски бард Никола Младенов во една од своите брилијантни колумни праша: колку чини слободата? Потоа цитати од таа колумна беа споделувани во негова чест, по трагичната погибија. Нејсе. Веројатно, после цели девет години, на ова негово прашање одговорот го даде шефицата на скопското јавно обвинителство за гонење на организиран криминал: пет милиони евра, ете толку чини слободата!

Колку сме за жалење ни самите не сме свесни и тоа е најголемата трагика во која перпетуирачки со децении, да не речам со векови, живее овој народ. Сто пати сум ви рекол, ама и уште сто години ќе ви (пре)повторувам дека сме мртви уште пред да се родиме во оваа ваква, никаква, корумпирано-криминализирана дупка од земја. Во која природата дала сѐ за да имаме земско рајско катче, а ние од тоа направивме депонија во секое општествено поле на заедничкото живеење, но и депонија од нашата преубава природа.

Бидејќи, видете, не е суштината на животот вие да го пројдете во задоволување на биолошко-физиолошките потреби и репродуктивните нагони, бидејќи тоа го прават и самите животни во биодиверизтетот и хабитусот во кој егзистираат. Сепак, нели се разликуваме од нив, по тоа што сме луѓе? А по што Македонците (алудирам на сите македонски граѓани) се разликуваат знајачно и суштински од животните? Имаат разум, имаат чувство на емпатија, солидарност, заедништво или пак живеат по „правилата на џунглата“.

Вистината ви ја кажа Черчил

Добро, зарем некој навистина веруваше во оваа држава дека Сашо Мијалков и Орце Камчев ќе „легнат“ во затвор? Целата таа пародична трагикомедија околу (не)затворската сага и судбина на овие двајца шампиони, поранешни господари на животот и смртта во Македонија, е доказ дека нашето кривосудство и јавно обвинителство е една тешка гротеска. И под итно треба да се растури како „бугарска скупштина“. Да не остане камен на камен од него и да почне да се гради „јово на ново“. Од корен да се сосече и наново да се насади. Ама овој пат, не по волјата на политичките центри на моќ, туку под директна команда и туторство на браќата Американци, бидејќи „браќата“ Европејци очигледно не нѐ сакаат да бидеме со нив во нивниот елитен клуб. Источниот сосед Бугарија е само патетично-смешна „пречка“, додека вистинските причини и побуди се многу подлабоки и позагрижувачки. Ете што се случува кога ние самостојно и независно одлучуваме за нас и нашата судбина („народот ќе ја земе судбината во свои раце“ – легендарните изјави од легендарниот на 15 септември).

Па, јас на овој народ не би му дал две кози да води, бидејќи едната ќе ја украде и ќе си замине со неа, а другата ќе ја остави бидејќи не ќе може и таа „под мишка“ да ја стави. Не случајно најголемиот Британец на 20 век, премиерот Винстон Черчил кога тајното воено британско разузнавање МИ 6 му реферирало до детаљ „што е тоа Македонија“, бидејќи претходно бил информиран дека на југот на новосоздадената СФР Југославија ќе се создаде и државно-правен ентитет, составен дел од федерацијата, признат рамо до рамо со останатите пет, тој рекол: „на тој народ може само да му дозволите да биде дел од некоја поширока федерација и друг да го води, никако сам“. Дали Черчил нѐ мразел?! Или бил премногу интелигентен за да ја сфати вистината за Македонија и за македонскиот народ, илјадници километри далеку, седнат во кабинетот на островот?

Ќе ни дојде ли некогаш памет?!

Причините кои ги образложил во таа своја аргументација се дека никогаш низ историјата Македонците немале самостојна држава и немаат мемориски и институционален врежан код во главите за да знаат како се води држава. Многу пати, со многумина сум дискутирал дека ние како менталитетна култура на поимање на нацијата и на државата немаме државотворна свест. Односно, не знаеме како треба правилно да се води држава, бидејќи тоа е сериозна и света работа, а не сермијата од татко ни. Ниту политичките елити ја имаат, ниту пак обичните граѓани.

Мојот вујко, кој потекнува од струмичкиот крај, низ годините кога филозофски сме дебатирале на сите теми од заемен интерес, секогаш ми велел: „а бе Благојче, ако се имало салам луѓе и тогај ќе сме направеле држава“. Алудира на периодот кога сме биле поробени од Отоманската империја и кога сите наши соседи од околу создадоа посебни национални држави, а ние на нивите сме саделе тутин и сме броеле чавки. Или сме биле под „јорган планина“. Значи, да резимираме и да заклучиме: свест ниту имало тогаш, ниту има денес, а најверојатно ќе нема ни во иднина за државност. А како тогаш имаме денеска сопствена независна држава?! Дали Бугарите се во право кога ни велат дека маршалот и другар Тито ни ја дал на подарок?! Не, се разбира. Вистината е дека ни паднала од небо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот