Колатерална добивка

Македонската историја изобилува со примери во кои нашата територија или население биле користени како монета за поткусурување на нашите соседи и на големите сили. Балканските војни, Букурешкиот договор, Првата светска војна се само некои од примерите каде Македонија е колатерална штета во големите договарања и прекројувања на границите.

Она што се случува деновиве, односно донациите со вакцини што ги добиваме од нашиот северен сосед, но и од Руската Федерација, се во спротивност со досегашната пракса, ние секогаш да го извлекуваме подебелиот крај. Овој пат и ние, може да се каже, нешто добивме, а не изгубивме од оваа ситуација. Србија не само што ни подари значителен број вакцини, туку ја стави на располагање и својата медицинска инфраструктура за да обезбеди вакцинирање на нашите граѓани. Без оглед на побудите поради кои е сторено тоа (изминувањето на рокот на важење на вакцините или која и да е друга причина), Србија заслужува една голема благодарност за овој гест.

Столб на сигурноста

Нејзиното раководство успеа навреме да ја согледа констелацијата на меѓународните хаотични односи предизвикани од појавата на пандемијата со вирусот ковид 19 и навремено, а често и во од, да се подготви за предизвиците кои претстоеја, но и кои сѐ уште претстојат. Колку и да не ни се допаѓа авторитарниот стил на владеење на српскиот претседател Александар Вучиќ, мора да му се оддаде признание за тоа како Србија се подготвуваше и се справуваше со пандемијата.

Многу пити бурек се направени во белградските бурекџилници, од времето кога младиот Вучиќ како измеќар на лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, беше праќан да купува од овој традиционален балкански појадок. За тоа време, тој успеа да се профилира од ултра националист во миленик на Ангела Меркел. Првиот негов потег кој „ги стопи срцата“ на европските борци за демократија секако беше поставувањето на Ана Брнабиќ за премиер. Оттогаш натаму, неговиот рејтинг во прозападните европски салони оди само во нагорна линија.

Користејќи го вакуумот што на светската политичка сцена настана со појавата на феноменот Трамп во Белата куќа, односно со свртувањето на Америка кон самата себе и напуштањето на улогата на „светски полицаец“ (ситуација што беше искористена од Кина и Русија, пред сѐ), Вучиќ успеа да ги зацврсти и така добрите односи со Путинова Русија, но и да создаде стратешко партнерство со Кина на која ѝ беше потребен хаб, за влез на нејзините производи на европските пазари.

Во една таква констелација Вучиќ успеа, користејќи го доброто менаџирање на ковид-кризата, да се профилира како столб на сигурноста на Западен Балкан. Со промоцијата на новата вакцинална дипломатија, тој покажа дека Србија не е толку зависна од Западот (бидејќи успеа да обезбеди вакцини надвор од системот КОВАКС), колку што Западот е зависен од Србија, во ситуација кога нестабилноста (предизвикана од медицинската, но и доаѓачката економска криза) демне не само на Западниот Балкан, туку и во самото срце на Европа.

Неразумната политика на косовските власти, пред сѐ, со воведувањето царини за увоз на српски производи на Косово, потоа со организирањето чести избори што резултираа со слаби влади без релевантен капацитет за продолжување на преговорите под покровителство на Европската Унија за иднината на Косово, исто така, одат во корист на Вучиќ, кој се обидува од таа ситуација да излезе како „доброто момче“ секогаш подготвено за разговори и преговори.

Сѐ на сѐ, може слободно да се каже дека Србија многу добро плива во новиот мултиполарен светски поредок кој неминовно почнува да се создава, пред сѐ, како резултат на незапирливиот продор на Кина како клучен играч во меѓународните односи, која како ќе поминува времето ќе биде сѐ поагресивна, стремејќи се да го преземе местото бр.1 на светската политичка сцена од САД. Последните потези на новата американска администрација насочени кон забавување на овој процес се само доказ што оди во прилог на тоа.

Каракачанов во аут

За тоа време, четиристотини четириесет и два километри (ако му се верува на Момчило Бајагиќ Бајага) јужно, во Скопје, нашата дипломатија е фокусирана на сосема други теми. Па, така, албанскиот премиер на Северна Македонија, Артан Груби, целокупниот свој ангажман го насочи кон пребројување и попишување на сите Албанци, кои бегајќи од монополот на ДУИ, засекогаш ја напуштија земјата, барајќи ја среќата во земји во кои законите важат за сите. Додека, пак, министерот за надворешни работи по медицина, д-р Бујар Османи (откако ги реши сите отворени прашања на земјата, која барем номинално ја претставува), наместо да оди да дежура во некоја скопска клиника, се впушти во убедување на своите колеги министри за надворешни работи, да го признаат Косово. Колку малку познавања од современите светски политички текови треба да имаш за да побараш од Шпанија, земја која и самата има слични проблеми со Каталонија, да признае независност на држава (Косово) која настанала со отцепување на територијата од нејзината матична земја (Србија)?

Ете затоа, ние сме таму каде што сме (пред нов локдаун и на самиот почеток на вакцинацијата), а Србите се таму каде што се (пред ново олабавување на мерките како резултат на дваесетпроцентниот број ревакцинирани граѓани).

Во неделата пристигна една убава вест и од нашиот источен сосед. Имено, бугарските граѓани, гласајќи на парламентарните избори што се одржаа на четврти април, на политичката елита ѝ порачаа дека повеќе се заинтересирани за тоа да живеат како европски граѓани во 21 век, отколку да живеат со реториката на 19 век која како предизборен рефрен им ја пласираше лидерот на бугарското ВМРО, Каракачанов, кој среде снежната Софија остана со „куси ракави“ и без ниту еден депутат во Народното собрание и доволно слободно време да почне да го пишува својот политички тестамент. Ако се има предвид дека закочувањето на преговорите на Македонија со Европската Унија, пред сѐ, беше резултат на потребата на Каракачанов да го подобри својот рејтинг, пред изборите, преку националистичка реторика, нешто што, за жал, беше прифатено од неговиот коалициски партнер, премиерот Бојко Борисов, може да се очекува омекнување на тврдиот став на Софија и полека откочување на процесот на пристапни преговори со Унијата. Резултатот од парламентарните избори во Бугарија, односно истиснувањето на Каракачанов од политичката сцена, секако ќе претставува уште една, неочекувана колатерална добивка за нашата земја.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот