Колабираше човек на Зелен пазар: Дознајте што советуваат лекарите за топлото време

Фото: Слободен печат/Арбнора Мемети

Жешкото време и екстремно високите температури ги вжештија и линиите на службата за Итна помош, а најчести пациенти кои се обраќаат се срцеви болни и трудници кои не ги почитуваат препораките за заштита од топлото време. Овие пациенти колабираат на отворено, па дури се случува да треба и да се реанимираат или да завршат фатално.

Денеска на скопскиот Зелен пазар колабираше еден човек, по што интервенираше Итната помош. Пациентот беше реанимиран и префрлен во болница.

– Станува збор за 54-годишен пациент кој имал срцево заболување. И покрај тоа што ја земал редовната терапија, сепак му се слошило поради високите температури. Според интервенциите што ги имаме, срцевите болни, трудниците и децата се најмногу изложени на ризик од влошување на здравствената состојба поради високите температури. Ризикот не е секогаш поврзан со возраста на пациентот, туку со неговата здравствена состојба. Затоа е многу важно овие категории на граѓани да не излегуваат надвор во периодот од 11 до 17 часот, да внесуваат доволно течности и да јадат лесна, но солена храна – вели
д-р Лидија Кучуловска.

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТМЕ

Од Институтот за јавно здравсје даваат општи препораки за заштита. Често туширајте се, за да се лади телото. Поминувајте најмалку 2 часа на ден во климатизирани места (библиотеки, трговски центри и сл.).
Заштитете се од топлина:

– Ограничете го физичкиот напор. Ограничете ја физичката активност, особено во средината на денот, кога е најтопло.

– Носете светла облека и лесна облека, очила за УВ заштита и капа.

– Користете креми со заштитен УВ фактор.

– Избегнувајте непотребно излегување надвор во период од 10 до 17 часот.

– Избегнувајте алкохол и алкохолни пијалаци, како и пијалаци што содржат кофеин како и екстремно ладни пијалаци.

– Избегнувајте премногу масна и висококалорична храна, како и храна која содржи шеќери.

ЗА БЕБИЊА И ДЕЦА

За време на топлотни бранови, здравјето на бебињата и децата може да се влоши брзо. Треба да се преземат одредени мерки на претпазливост за да им биде поудобно и да се намалат здравствените ризици.

Хидрирајте ги деца:

– Давајте им чаша вода на секои 20 минути.

– Почесто доење на бебињата.

– Освежувајте ги децата често во базен или во бања или туширајте ги најмалку двапати дневно.

– Освежете ја кожата со влажна крпа неколкупати на ден.

– Заштитете ги децата од топлина:

– Облечете ги во лесна облека.

– Покријте им ја главата со широка шапка.

– Никогаш не ги оставајте сами во слабо вентилирана просторија.

– Никогаш не ги оставајте сами во затворен автомобил изложен на директно сонце.

– Ограничете ја нивната изложеност на топлина:

– Ограничете ги нивните активности на отворено, како што се спортските натпревари и други физички активности во најтоплиот дел од денот.

КОГА ДА ВИКНЕМЕ БРЗА ПОМОШ

Акутни ефекти како резултат на изложеност на високи температури, како што се сончаница, топлотен удар, топлотни грчеви, функционални нарушувања на централниот нервен систем и други. Сите овие негативни ефекти се превентабилни, односно можеме да ги спречиме. Ако чувствувате зашеметеност, слабост, вознемиреност или имате интензивна жед и главоболка, побарајте помош, преместете се на постудено место колку што е можно побрзo. Веднаш напиjте се вода или негазиран минарален пијалак за да се рехидрирате. Ако имате болен мускулен грч најчесто во нозете, рацете и стомакот, што побрзо одморете се на студено место и напијте се течност која содржи електролити. Лекарска помош е потребна ако топлотните грчеви траат подолго од еден час. Ако некој член на Вaшето семејство или лице на кое му помагате има топла и сува кожа или е во бессознание, веднаш повикајте 194!

Додека се чека итната медицинска помош префлете го на студено место и ставете го во хоризонтална положба, подигнете му ги нозете и колковите; отстранете ја гардеробата, воспоставете надворешно ладење како студени облоги на вратот, пазувите и слабините, постојано ладете го и прскајте ја кожата со вода.

Хронично болните, посебно тие со срцеви, невролошки и белодробни болести потребно е да бидат посебно дисциплинирани во однос на овие препораки и редовно да ја земаат својата редовна терапија. За сите промени во здравствената состојба задолжително да се консултираат со својот матичен лекар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот