Кока-Кола, Нестле и Пепси најголеми загадувачи со пластика

Производите на десетина мултинационални компании се главниот извор на пластичен отпад што ја поплавува Земјата, според вчерашниот извештај на неколку здруженија на активисти за почиста животна средина.

Листата е составена од глобалната коалиција „Ослободете се од пластиката”, во која се вклучени 1.475 организации и вкупно 6.118 лица од целиот свет, предводени од групацијата Гринпис.

Кока-Кола, Нестле и Пепси се на врвот на листата најголеми загадувачи со пластични амбалажи. Доброволците на коалицијата собраа скоро половина милион парчиња пластичен отпад во 51 земја на Светскиот ден за чистење, организиран пред еден месец. Вкупно 43 отсто од собраното ѓубре имало етикети на овие светски брендови.

– Во топ 10 листата загадувачи спаѓаат Монделез Интернационал, Унилевер, Марс, Пи енд џи, Колгејт-Палмолајв, Филип Морис и Перфети Ван Мил… Многумина од нив се обврзаа да ги направат своите производи поодржливи. Но, всушност тие во голема мерка уште го штитат застарениот бизнис-модел на еднократна употреба, поради што и се најдовме во оваа ситуација – се наведува во извештајот.

Компаниите генерално избегнуваат одговорност за отстранување на отпадот, посочуваат активистите за животна средина.

– Иако глобалните брендови на потрошувачи ја прифаќаат одговорноста за својот удел во светската еколошка криза, тие се подеднакво агресивни во промовирањето лажни решенија за проблемот – предупредуваат екологистите.

Промовирањето на рециклирање е нивниот метод за префрлање на одговорноста кон потрошувачите, додаваат тие истакнувајќи дека само девет отсто од пластиката произведена од 1950-тите досега се рециклирала.

Промоцијата на Кока-Кола на пластични шишиња за една употреба, произведени од пластика собрана од океанот и промоцијата за рециклирање на Пепси „не ја одразуваат суштината на проблемот и поскоро гарантираат ескалација на кризата со пластичното загадување”, се истакнува во анализата.

Ваквата состојба е неприфатлива, додаваат економистите, заклучувајќи дека компаниите треба да се откажат од промовирање „лажни решенија”, како што се рециклирање и „биопластика” и од економијата „заснована на фрлање ѓубре”.

Кина, Индонезија, Филипините, Виетнам и Шри Ланка се меѓу земјите што фрлаат најмногу пластика во океаните, но „вистинските генератори на значителен дел од тоа пластично загадување во Азија се всушност мултинационални корпорации со седиште во Европа и САД”, се додава во документот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот