Која земја е мојот дом!

Бегалската криза официјално одамна е надмината, Балканската рута затворена, а ние суште се вознемируваме со секоја вест во која се говори за зголемен бран бегалци и мигранти кои преку Грција доаѓаат од Турција, од Блискиот Исток, Азија или од Африка. Ние се вознемируваме, но и тие се вознемирени затоа што со години се движат низ земјите во регинот, а никако да се скрасат и да оформат свој нов дом, кога родното огниште одамна го напуштиле.

Тоа веднаш не потсетува на сликите од пред три-четири години кога стотици илјадници луѓе се туркаа кој попрво да влезе во возот во Гевгелија што ќе ги однесе подалеку од урнатините на нивната земја каде беснееше војна.
Возот многумина од нив и однесе во нови живеалишта, некаде во западна европа каде се обидуваат да започнат нов живот.

За жал некои од нив наместо во возот, се најдоа под него. За нив Македонија стана нивно вечно почивалиште.
Во најголемата железничка несреќа загинаа осуммина мигранти кои беа погребани во заедничка гробница на муслиманските гробишта во Велес. Без име, без трага, оставајќи ги своите роднини во неизвесност и бесконечно чекање.

Неколку семејства сепак по долготрајна потрага се вратија да си ги побараат своите чеда, браќа и сестри меѓу загинатите во несреќата. Мајката Сакинех со својот син Реза си го бараа својот син и брат, кој заедно со синот на Фереште исчезнаа во исто време. Кога слушнале за несреќата се посомневале дека можеби тука загинале. Младиот Мади Мохеби ја преживеал несреќата, но немал можност да го побара својот малолетен брат, бидејќи полицијата бргу го собрала и го вратила во Грција.
Сите тие допатуваа со надеж дека ќе ја дознаат вистината за своите најблиски.

За некои од нив соочувањето со вистината беше болно. ДНК анализата покажа дека и братот на Реза и братчето на Мади се погребани на муслиманские гробишта во Велес.

Овие бегалци својата голгота ја започнале напуштајќи ги своите домови во Авганистан бегајќи во Иран пред налетот на Талибанците. Но ниту во Иран каде поминле неколку години, ниту подоцна во Турција, а уште помалку во Грција нашле дом. Сега живеат во посакуваната Германија. Сместени се во пристојни домови, но велат -дома не се.
Овде велат се е различно од дома, начинот на живот, културата на однесување, обичаите, традициите…

Бранот на бегалци и мигранти по стивнувањето на војната во Сирија и по затворањето на Балканнската рута драстичо се намали. Но миграциите на луѓе од други краишта на светот продолжија.
Македонија како аспирант за членство во ЕУ и НАТО мораше и законски да се усогласи со европското законодавство и по прашањето на мигрантите. Беше донесена стратегија и акциски план за справување со бегалци и мигранти.
Овој акт беше крајно непотребно политизиран и создаде внатрешно политичка криза каква што немаше дури и кога низ Македонија транзитираа еден милион бегалци.

Меѓу граѓаните во повеќето македонски градови со подршка на одредени медиуми се создаде масовна хистерија против бегалците. Беа организирани иницијативи за локални референдуми против наводната изградба на кампови за мигранти и бегалци.

Времето покажа дека вистината е далеку од тоа. Во Македонија до ден денеска нема кампови за бегалци. Постојат само двата транзитни центри во Гевгелија и во Табановце во кои има десетина мигранти и две семејства под супсидијарна заштита сместени во станови во Скопје.

Но миграциите на луѓе не се запрени. Само во нашата земја се спречени да влезат или се вратени над 20 000 луѓе.
За полицијата тое се спречени илегални минувања низ земјата. За организациите кои се грижат за правата на бегалците како што се Млади правници, УНХЦР, Црвениот крст, Невладините и хуманитарните организации пак станува збор за феноменот „Пуш бек“ ( push back) или враќање назад без формална процедура.

 

Според Бојана Божиновска Силјановска од „Млади правници“ push back праксата не е легален начин на враќање на мигрантите и бегалците назад во земјата од каде влегле:

-Тоа е всушност еден вид депортација или протерување, бидејќи е враќање без формална постапка. Запрепастувачки е што тоа се прави не само кон една личност, туку кон илјадници. Само во текот на 2019 се вратени над 20 000 луѓе без формална постапка што е дупло од лани, вели Божиновска – Силјановска.

За дилемата дека според полицијата станува збор за спречен илегален влез во земјава, таа вели дека таква дилема не постои:

-За нас нема дилема бидејќи тие луѓе еднаш влегле на територија на државата, а не се спречени на самата граница. Тие луѓе влегле и се регистрирани во транзитниот центар Винојуг во Гевгелија со име и презииме и потоа се вратени. Тие значи стапнале на територија на државата, а потоа се вратени без процедура .

Сепак сите се сложни дека феноменот push back е регионален проблем кој не може да го реши една држава сама. Бидејќи нам бегалците ни ги враќа Србија, а ние на Грција. На Србија пак и ги врќа Хрватска и т.н.
Проблемот е што Европа ги затвори своите граници за нови бегалци и мигранти, а тие сепак доаѓаат и понатаму користејќи илегални премини и шверцерски рути.
Оттаму секоја држава на Западен Балкан мора да внимава и на својата безбедност, но и на почитување на меѓународнот право и истовремено да биде хумана кон оваа ранлива категорија луѓе.

„Млади правници“ е организација која повеќе од девет години се занимава со давање правна помош на бегалците и мигрантите и добро знае што е бегалска криза.

-Она што е забележливо е што Македонија петта година по ред е сеуште во кризна состојба и ова е најдолга кризна состојба во која земјава се нашла. Тогаш ние треба да размислиме дали се работи за криза, за нешто моментално и согласно на тоа се носат ад хок одлуки, или оваа сотојба претставува нова реалност на која и е потребна соодветна стратегија по која државата ќе постапува. Она што ние го очекуваме е владеење на правото. Само така ќе докажеме дека сме над концептот на градење лоши политики.
Треба да се види колку државата може да прими, а колку да врати по легален пат.

Од Млади правници ја објаснуваат процедурата како бегалците и мигрантите можат и легално да останат во нашата земја.

-Согласно законот за меѓународна и привремена заштита се уредуваат повеќе типови заштита кои државата може да ги пружи. Се почнува со поднесување барање за азил. Тоа се разгледува и по разгледувањето се спроведува интервју од страна на секторот за азил при МВР. Ако му се одобри барањето, има две опции. Едната е да му се даде признаен статус на бегалец што е највисок статус на заштита, или да му се даде супсидијарна заштита која е временски ограничена и се продолжува од една до три години. По истекот на овој рок може да се продолжи и натаму ако за тоа постојат условите.
Лицето под супсидијарна заштита или ако е со статус признаен бегалец ги има речиси истите права како и ние само нема право да служи војска нема право да биде гласан и да гласа. Има право да работи и да се образува.
Тие имаат лична карта со матичен број поинаков од нашиот, и имаат право да работат и така да се издржуваат но, има и право на социјална заштита, објаснува Бојана.

Она што при престојот на овие странци е најтешкиот дел е нивната интеграција во општесвото, за да можат барем приближно да се чуствуваат повторно како дома.

-Нашето искуството наше вели дека досега тие добро се интегрираат во општеството, но целосната инклузија оди потешко. Косовските бегалци се тука повеќе од дваесет години и сеуште се немаат целосно институционлно интегрирани, забележува Божиновска Силјановска.

Оттаму овие луѓе кои во текот на неколку години минале низ повеќе земји и смениле разни живеалишта, имале контакт со различни општества, тешко можат да кажат која земја освен родната е нивниот дом.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот