Која крвна група ве става во ризичната група за развој на два опасни карцинома?

На научниците не им е едноставно да откријат кој спаѓа во ризичната група за развој на некоја болест, а само неколку видови рак имаат силна врска со гените. Но, ако знаеме што е можно повеќе за овој проблем и што може да предизвика развој на карцином, можеме да се обидеме да превенираме да не дојде до тоа.

Неодамна, научниците открија дека една крвна група е особено поврзана со поголем ризик од развој на два вида, особено смртоносни карциноми, пишува порталот „Јадете го ова, а не тоа“ (Eat this, not that).

За која крвна група станува збор?

Во студијата објавена на почетокот на годината на порталот БМС канцер, истражувачите ги прегледале податоците за генотиповите од илјадници луѓе од Кина и откриле дека луѓето со крвна група АБ имаат 34 отсто поголеми шанси да развијат рак на хранопроводникот, во споредба со луѓето кои имаат крвна група нулта. Тие дошле и до сознание дека луѓето кои имаат крвна група АБ имаат и 44 отсто поголеми шанси да развијат рак на желудникот, а луѓето со крвна група А имаат 37 отсто поголеми шанси за развој на оваа болест.

Зошто овие видови на рак се толку смртоносни?

Станува збор за два опасни видови на карцином, а често доаѓа до смртен исход.
Ракот на хранопроводникот е високо на листата на најсмртоносните болести во светот, а ракот на желудникот го зазема петтото место во светот како најсмртоносна болест. Смртоносни се затоа што често немаат симптоми во раната фаза, а кога ќе се откријат, често веќе се прошириле на другите делови од телото и со тоа во голема мерка го отежнуваат лекувањето.

Што е рак на хранопроводникот?

Ракот на хранопроводникот е малигнен тумор со брза тенденција да се шири во околината и со рано метастазирање во оддалечените органи. Епидемиолошките податоци покажуваат дека неговата зачестеност е во пораст. Почест е кај мажите отколку кај жените (5-7 пати), кај лицата постари од 60 години и кај лицата со понизок социо-економски статус.
Во почетниот стадиум, ракот на хранопроводникот обично не дава никакви симптоми. Симптомот на отежнато голтање поради еластичноста на ѕидот на хранопроводникот се јавува дури кога ширината на хранопроводникот, која е околу 2 см, се стеснува за половина или дури за една третина. Прво се појавуваат проблеми при голтањето цврста, потоа полуцврста и на крај течна храна и плунка. Губењето на тежина се појавува во над 50 отсто случаи. Отежнато дишење, гушење, кашлање, засипнатост и болка во градите или грбот се јавуваат поретко и тоа се знаци на веќе напредната болест.

Што е рак на желудникот?

Ракот на желудникот најчесто настанува како резултат на малигна трансформација на клетките во слузницата на желудникот. Овој вид на рак се нарекува аденокарцином. Тој сочинува 90-95 отсто од сите случаи на ракот на желудник. Иако зачестеноста на ракот сместен во самиот желудник опаѓа, бројот на случаи на ракот сместен на преминот на хранопроводникот во желудникот драматично расте. Особено загрижува тоа што овој тип на рак често се појавува кај пациенти помлади од 40 години.

Во раната фаза на ракот на желудник можно е да не се забележат симптомите или само благи непријатности при варењето. Иако симптомите можат да бидат благи и лажни, ако не исчезнат или се влошат, треба веднаш да се упатите на медицински преглед, напоменуваат онколошките хирурзи. Во понапредната фаза може да се појават и симптоми како крв во столицата, повраќање, рефлукс, губење на апетитот…