Која е новата шефица на дипломатијата Бербок? Млада, „зелена“ и решена да ја промени Германија

Новата германска коалиција
Новата германска коалиција/ Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Аналена Бербок невообичаено се појави на германската политичка сцена – со патики и кожена јакна се исправи пред група симпатизери во Бохум, пред остатоци од стара кула на рударски комбинат.

Бербок беше кандидатка на Зелените да ја наследи „вечната“ Ангела Меркел. Во кампањата од Германците бараше доверба, признавајќи дека е млада и неискусна, но оставајќи впечаток дека е полна со енергија и идеи. Бараше да гласаат за земја што ќе добива енергија исклучиво од обновливи извори. Бараше глас за иднината.

Меркел и Шолц
Новиот германски канцелар Олаф Шолц со поранешната канцеларка Ангела Меркел/ Фото EPA-EFE/MICHELE TANTUSSI / POOL

– Сега не избираме што ќе се случува само во идните четири години. Ја избираме иднината. Потребни ни се промени за да го сочуваме она што го сакаме и вреднуваме. За сите промени, потребна е голема храброст – порачуваше 42-годишната кандидатка на Зелените за канцеларка во кампањата спроти изборите во септември.

Кабинетот на Меркел
Кабинетот на Меркел/ Фото EPA-EFE/MICHELE TANTUSSI / POOL

Зелените на изборите освоија повеќе гласови отколку што им даваа анкетите и практично решаваа кој ќе ја формира идната влада. Тие ќе бидат зелениот сигнал во коалицијата „семафор“, во која се и социјалдемократите на новиот канцелар Олаф Шолц и слободните демократи.

Бербок ќе се задоволи со функцијата шефица на дипломатијата – позиција што веќе традиционално ја добиваат Зелените што учествуваат во коалициските кабинети.

Новата германска коалиција
Новата германска коалиција EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Ни Германците до неодамна немаа претстава која е Бербок. Се знае дека била гимнастичарка во младоста, станала правник и има две ќерки. Кога пред три години беше избрана за една од новите лидери на Зелените, јавноста прашуваше: „Која Аналена?“. Родена во 1980 година, таа е врсничка на партијата на Зелените. Уште како мала, родителите ја воделе со себе на протести против НАТО. Во зеленото движење се вклучила како студентка, кога партијата го привршуваше своето прво партнерство во владејачка коалиција.

И како шефица на дипломатијата, младата политичарка ќе има можност да ги наметне промените што ги ветува, спротивно на политиката на Меркел „да не се бранува таму каде што е стабилно“.

Во дипломатијата се очекува да се придржува до интернационализмот што со години го вградила во себе. Како млада сакала да биде репортерка од бојно поле. На 16 години била во Флорида преку размена на ученици и одлично го владее англискиот јазик. Студирала политички науки, но партиските обврски ја спречиле да докторира на престижниот Лондонски факултет за економија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот