Која е Лорин, победничката на Евровизија? Голема хуманитарка, се изјасни како бисексуалка и „покрена“ тренд

Фото: Инстаграм

Швеѓанката Лорин (39) е победничка на овогодинешниот избор за песна на Евровизија. Пејачката беше фаворит од самите квалификации на шведскиот избор „Мелодифестивален“, а победата ѝ ја донесе емотивната песна „Tattoo“.

Ова е нејзина втора победа на натпреварот, со што стана дел од историјата на Евровизија, а во 2012 година нејзината популарна песна „Euphoria“ беше прогласена за најдобра.

Фото: Wikimedia Commons

Родена е во Стокхолм во 1983 година како Лорин Зинеб Нора Талхауи во семејство со марокански корени, а со пеење почнала да се занимава уште во раното детство. Како тинејџерка настапувала во неколку бендови, а во родната Шведска се прославила во 2004 година кога победила во емисијата „Шведска бара идол“. Веќе следната година, таа го издала својот прв сингл „Snake“.

Нејзината кариера зема замав во 2011 година по нејзиниот настап на споменатиот „Мелодифестивален“, а една година подоцна победи на истиот настан и дебитираше на Евровизија во 2012 година.

Лорин / Фото: EPA-EFE/ADAM VAUGHAN

На тој фестивал таа ненамерно го започна трендот на неизбричени пазуви, и тоа не сама, туку шведската телевизија прикажа краток кадар од библиотекарката Лина Ехрин како ги крева рацете во знак на славење на победата на Лорин, а се гледале нејзините неизбричени пазуви. Тогаш феминистките ширум светот ја започнаа кампањата „Враќање на влакната“, а ги поддржа и самата Лорин.

Фото: Wikimedia Commons

Иако Лорин е позната по својата работа во музичката индустрија, таа исто така, поддржува и бројни хуманитарни иницијативи. Таа беше активна во кампањата на ОН за помош на бегалците во Сирија и ги поддржува организациите кои се борат за човековите права и обезбедуваат помош за ранливите групи ширум светот. Таа проговори и за кршењето на човековите права во Азербејџан, а минатата година јавно застана на страната на Украина.

Кога станува збор за нејзиниот приватен живот, Лорин е многу таинствена. Меѓутоа, во 2017 година таа се изјасни како бисексуалка и изрази поддршка за ЛГБТК+ заедницата. Шведските медиуми пишуваат дека таа моментално е сингл, а се споменува дека имала една сериозна врска.

Интересно е што пејачката дури четири пати се обидела во натпреварувањето да ја претставува Шведска на Евровизија. Првиот пат беше во 2011 година со песната „My heart is refusing me“ кога не се пласираше на натпреварот, потоа во 2012 година кога победи, потоа во 2017 година со песната „Statements“ и, се разбира, во 2023 година.

Фото: Wikimedia Commons

Да напоменеме дека Лорин е активна и на социјалните мрежи, особено на Инстаграм, каде ја следат повеќе од 450.000 луѓе, но таму најчесто објавува фотографии од разни снимања и тешко дека ќе најдете барем една приватна фотографија.

ФОТО+ВИДЕО | Шведска е победник на Евровизија 2023: Лорин ја однесе победата по вторпат

ВИДЕО | Изненадување на Евровизија! Кејт Мидлтон свирејќи на клавир настапи во финалето со украинскиот „Калуш оркестра“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот