Која била Марија, мајката на Исус, најпознатата жена на сите времиња: Ѝ прорекле дека животот ќе ѝ биде небо натопено со крв

профимедиа

За неа се напишани над 200.000 книги. Скоро две илјади години по нејзината смрт, жената од Назарет продолжува да привлекува десетици милиони верници на светилиштата ширум светот.  

профимедиа

Податоците за Марија оскудно ги добиваме од четирите евангелија и од Писмото на Свети Павле до христијаните во Галатија, поточно во 152 стихови што зборуваат за Марија. Писмата на Павле велат дека Исус е „роден од жена“, но тој не ја нарекува со име. Секое евангелие дава различни вести за Марија, на пример, најстарото Евангелие, на Марко, ја именува како мајка на Исус и ја претставува во сцена во која Исус, неразбран од своето земно семејство, потврдува дека неговото вистинско семејство се неговите ученици. И Јован не ја нарекува со име, туку ја дефинира како „мајка на Исус“. Лука пак, како историчар на тоа време, веројатно извршил повнимателни истражувања, испрашувајќи ги сведоците, а меѓу нив била и Марија – бидејќи Лука раскажува премногу работи за детството на Исус што само неговата мајка можела да ги знае. Во Евангелието според Матеј, раѓањето на Исус е раскажано како необичен настан: Марија останала бремена пред да замине да живее со нејзиниот сопруг Јосиф. По раѓањето на Исус, кралот Ирод, предупреден од магите кои дошле од истокот да кажат за раѓањето на Месијата (Исус Христос), наредува да се убијат сите деца родени во таа година. Марија, Јосиф и детето се засолниле во Египет. Во приказната на Матеј, Марија немала активна улога – интересот на авторот е да нагласи дека Исус е син на Бога, а не на маж, но во исто време тој е вистински маж, роден од жена.

Марија во најважните моменти од животот на Исус

Марија (на арамејски Миријам) значи возвишена, благородна жена. Таа е родена веројатно во годината во која кралот Ирод започнал со обнова на Храмот во Ерусалим. Од канонските евангелија можеме да добиеме некои детали за нејзиниот живот: знаеме дека живеела во Назарет, далечно село во Галилеја и дека била мажена со потомок на кралот Давид, Јосиф; знаеме дека таа била роднина на извесна Елизабета – сопруга на свештеникот Захарија и мајка на Јован Крстител, и дека секоја година одела на аџилак во Ерусалим за еврејскиот празник Пасха, дури иако законот не ги обврзувал жените на тоа.

Ја сретнуваме и во некои одлучувачки моменти во животот на Исус, на пример, за време на неговото прво чудо во Кана Галилејска, каде што Исус ја претворил водата во вино, како и во собирите на учениците по воскресението, до Педесетница (Духовден). За повеќе информации за Марија мора да се повикаме на апокрифните евангелија, особено на Протоевангелиeтo на Јаков, текст од 200 г. н.е. , на кој историчарите во последно време му даваат големо значење, изучувајќи го, затоа што содржи повеќе сигурни детали. Имињата на родителите на Марија, на пример, се прифатени и од Црквата: Тоа се Јоаким и Ана, кои 50 години живееле во брак, а немале деца. Живееле богоудно и тивко, а од своите приходи – една третина трошеле на себе, а останатиот дел го давале на сиромашните и на Храмот. Сепак, Јоаким и Ана биле очајни што немале деца, дамка за менталитетот од тоа време, толку многу што тој бил протеран од Храмот зашто го сметале за проклет. Јоаким се повлекол во молитва четириесет дена и конечно бил сослушан. Ана зачнала, и во деветиот месец ја родила Марија. Инаку, Јоаким бил богат сточар, а Ана имала најмалку една слугинка. Затоа, се смета дека Марија можела да се роди само во богато семејство, од благородна лоза и да биде во сродство со свештеникот Закарија. Јоаким живеел 80 години, а Ана 79.

Страдања за синот

Протоевангелиумот известува дека на тригодишна возраст малото девојче, Марија, било осветено во ерусалимскиот храм, каде што било воспитувано до 12-годишна возраст. Старите хебрејски документи потврдуваат дека во тоа време некои девици биле регрутирани во Храмот сè додека не ја добијат првата менструација, кога биле сметани за „нечисти“ и биле отстранети од светото место. Марија се верила на дванаесетгодишна возраст. Во Израел, веридбите се славеле на таа возраст за девојчињата и на 18-годишна возраст за момчињата. Тоа било договор меѓу две семејства, таткото плаќал мираз во пари, а девојчето поминувало под покровителство на нејзиниот сопруг. Една година подоцна свадбата на Марија и Јосиф се прославила во куќата на младоженецот, а невестата била покриена со превез.

Ангелот ѝ ја објавил веста на Марија за зачнувањето во периодот на свршувачката со Јосиф. Во Назарет пак, се проширила веста дали Марија и Јосиф направиле грев што биле заедно пред венчавката. Повеќе историчари денес сметаат дека од правна гледна точка според тогашниот Мојсеев закон, соживотот помеѓу свршени парови не бил грев, самиот чин не бил казнив, под услов свршеникот да се признае како одговорен, додека кривично дело било неверството и во тој случај таа би била обвинета за прељуба, односно злосторство. За такво злосторство Мојсеевиот закон знаел само една казна: каменување. Веројатно е дека Јосиф бил повикан на суд и морал да ја брани својата партнерка со припишување на целата вина. Но во сон, еден ангел го уверил да не се плаши, да ја земе со себе неговата невеста Марија, зашто тоа што е зачнато во неа е дело на Светиот дух. И Јосиф верувал во зборовите на ангелот. За време на бременоста, Марија отишла во посета на нејзината братучетка Елизабета каде што останала три месеци.

профимедиа

Марија го родила Исус веројатно во годината 6 или 7 п.н.е, на 7 јануари според јулијанскиот календар, односно на 25 декември според грегоријанскиот календар. Името Исус во тоа време било многу популарно, потекнува од Јехошуа (на хебрејски), односно Јешуа/Јошуа, што значи спасител. Осум дена по раѓањето, Марија и Јосиф го однеле Исус во Храмот за обрежување, како што било пропишано со Законот. Тука Марија се сретнала со еден мистериозен лик, Симеон, кој го земал Исус в раце и прорекол дека мечот на детето ќе ги открие мислите на многу луѓе на кои ќе им ги отвори срцата, но дека тој меч ќе ја пробие и душата на Марија. Ѝ прорекол дека нејзината иднина е небо затемнето од крв.

Марија навистина многу страдала во својот живот, а нејзиниот син останал голема енигма и за неа. Првите недоразбирања меѓу мајката и синот започнале кога таа го придружувала 12-годишниот Исус во Храмот, на церемонија која се правела за премин во зрелоста. Според историчарите, на овој чин, Јосиф го изрецитирал традиционалниот благослов: „Благословен си ти Господе, кој ме ослободи од одговорноста на овој син“. Сепак, при враќањето од Храмот, родителите сфатиле дека момчето исчезнало. По три дена го нашле како разговара со верниците во Храмот, а Марија го прекорила – „Сине, зошто ни го направи ова? Татко ти и јас, во мака, те баравме?, но Исус ѝ одговорил дека мора да се посвети на „работата на неговиот Татко“, дека сега е независен и дека е син на Бога. По оваа случка, Исус се вратил во Назарет и живеел тивко додека не наполнил триесет години, кога го направил првото чудо за време на свадбата во Кана, но наводно, под влијание на Марија – благодарение на молбата на Марија, Исус ја претворил водата во вино и со тоа го покажал првиот знак на чудотворност, а учениците почнале да веруваат во него. Но, зошто тој ѝ се обраќал на својата мајка со „жено“? Во Стариот завет жената е Израел, објаснуваат историчарите, а Марија го претставувала Израел.

Марија многу страдала во својот живот, а нејзиниот син останал голема енигма и за неа. Фото – профимедиа

Медијатор меѓу Исус и „браќата“

На свадбата во Кана галилејска биле присутни и „браќата на Исус“ (на арамејски јазик терминот брат се користи и за братучед и внук). Многу веројатно Марија имала улога на медијатор меѓу Исус и „браќата“, зашто по воскресението ја наоѓаме како се моли заедно со браќата Господови и апостолите, сите собрани во името на Христос. Според некои историчари, Марија била многу активна жена, па сметаат дека таа, заедно со неговите браќа, го убедиле Исус да биде покрстен од Јован Крстител. Некои сметаат и дека, како дете, Исус морал да ѝ ги повторува на својата мајка молитвите и лекциите што ги научил на училиште и дека таа посветено го научила на еврејските обичаи. Секое утро Марија одела на пазарот во Сефорис (модерен град на неколку километри од Назарет), за да продава градинарски производи, а секое попладне одела на молитви во Храмот. И професијата на Јосиф, веројатно не била столар (станува збор за грешка во преводот на грчкиот збор тектон), туку градежен работник.

Смртта на Марија не се спомнува во Библијата, во некои записи се наведува дека починала во Ефес, а во некои дека починала во Ерусалим.

профимедиа

Во 1854 година, безгрешното зачнување на Марија станало догма, односно предмет во кој сите верници мора да веруваат. Во 20 век, размислувањата на теолозите за Марија сакале да го продлабочат значењето на нејзината мисија кон нејзиниот син, но и кон Црквата. За нив, Марија е пред сè модел на совршено соединување помеѓу Христос и Црквата и симбол на мајчинска љубов. Меѓу христијаните Марија е позната и под името Богородица, име кое официјално почнало да се употребува дури по Третиот вселенски собор, кој бил одржан во Ефес во текот на јуни и јули во 431 година.

 

Видео на денот