Кој задолжително ќе оди во пензијата на 64 години, само административците или и приватниците ?

Илустрација: Администрација / Фото: Архива на „Слободен печат“

Законските измени со кои нема да постои можност да се пролонгира одењето во пензија од 64 на 67 години, сè уште не се пуштени во собраниска процедура, како што најави премиерот Зоран Заев. Извори од пратеничката  група на СДСМ објаснуваат дека законските измени со кои се менува само еден член, односно се укинува можноста да се одложи одењето во пензија, треба добро да се осмисли бидејќи во администрацијата може да ослободи работни места за младите луѓе, но во некои сектори како здравство или образование, може да се направи проблем.

Се разгледуваат Законот за работни односи, Законот за здравствена заштита, Законот за јавна администрација, Законот за јавен сектор.

-Со укинување на можноста пензионирањето да се одложува до 67 години може некои факултети да се остават без професори или болниците без лекари, исто проблеми може да се јават и во приватниот сектор за некои дефицитарни струки. Мора добро да се осмислат законските измени – објаснуваат извори од Собранието.

Оттаму сепак потврдуваат дека со ова најмногу ќе бидат погодени административците кои работат канцелариска работа и ја користат можноста уште некоја година да земаат повисока плата, наместо пензија, а со тоа и не го ослободуваат работното место за прием на млад кадар. Се очекува до новата пленарна собраниска седница која ќе биде закажана за крајот на овој месец или почетокот на наредниот да се дефинираат сите опции. Сè уште не се знае дали законот ќе оди во скратена постапка.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска рече дека станува збор за пакет на закони за кои сè уште се прави консултација.

-Ќе се даде можност за вработување на младите. Допрва ќе бидат овие измени во дискусија и дебата и ќе може да разговараме – вели Царовска и упатува во Собранието на повеќе одговори.

Прецизен одговор на прашањето дали овие законски измени ќе важат само за државната администрација или и за приватниот сектор не даде ни премиерот Зоран Заев.

Заев рече дека законот ќе мора да важи за сите и никој не ги ограничува правата на граѓантие да се направи договор меѓу двете страни.

-Законот треба да важи за сите, ако работодавацот и работникот се договорат да ја стопираат пензијата во ред, но ограничувањето на можноста за одложување на пензијата ќе донесе нови работни места за младите и во приватниот сектор и помалку во администрацијата – рече Заев.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот