Кој, всушност, бил Тито: Шокантно сведочење за најголемата тајна на маршалот што се криела со децении
Адвокатот Мирослав Тодоровиќ Шера со години се занимава со ликот и делото на Јосип Броз Тито. Тој тврди дека Тито, кој го знаат сите генерации од поранешна Југославија, има сосема поинаква биографија од онаа што била пласирана, пренесува „Курир“.
Вистинскиот Тито загинал на Велигден 1915 година, како припадник на дивизијата Ландер. Користејќи странски извори од париските државни архиви, од Лондон и од германски извори, адвокатот Мирослав Тодоровиќ Шера вели дека дошол до шокантни откритија за вистинскиот идентитет на маршалот Тито.
„Знам дека Јосип Броз првпат влегол на српска територија на 12 август 1914 година на Дрина, како припадник на Ландер дивизијата. Таа негова формација се викала Ѓаволска дивизија и имала задача да го обезбедува теренот. Кога ќе влезела на непријателска територија, испраќала податоци до главните во војската за тоа какви препреки ги очекуваат. Го имам неговото интервју што го дал за списанието „Лајф“ во 1952 година. Тука Тито вели: „Бев многу добар во таа работа. Учев Подофицирска известувачка школа. Имав големи успеси на непријателската територија“ – вели Тодоровиќ.
Венчавката во Кумровец
Како што вели, единствен пат кога Тито бил во Кумровец, кој инаку сите го знаеја како неговото родно место, било кога се венчал со Јованка.
„Кумови им биле Иван Гошњак и Лека Ранковиќ. И него, всушност, кумовите го натерале да дојде во Кумровец. Љубодраг Ѓуриќ бил шеф на кабинетот на Тито. Ѓуриќ изјавил дека кога отишле таму, никој не го препознал Тито и не му пришол да го поздрави. Тогаш тој признал дека му рекол на Лека Ранковиќ: „Леко, ова не е тој Тито““, раскажува Тодоровиќ и го поставува прашањето: дали човекот што е роден во запуштеното село Кумровец, можел да го свири Шопен заедно со сопругата на англискиот амбасадор?
– Извонредно ги свиреше Верди и Бетовен. Луѓето што се занимаваат со музика, велат дека тоа не е можно, освен ако од мали нозе учел свирење клавир. Каде го научил тоа? Учел кај некоја Лиза од Виена. Играл бриџ, се мечувал и се занимавал со јавање. Бил втор во Европа во мечување. Досега никој не ме негираше. Еве, нека се јават историчарите и нека кажат дека зборувам глупости. Но, нека докажат. Смело тврдам дека тоа не е тој човек. Жестоки борби се воделе меѓу руските сили и таа Ѓаволска дивизија. Тој, вистинскиот Јосип Броз, загинал на Велигден 1915 година – напоменува Тодоровиќ и вели дека овој Тито кој го знаеме, бил проект не само на Коминтерната туку и на Мосад, па продолжува: – Неговиот татко бил полски Евреин, богат и способен човек, кој од Киев отишол во Виена. Мајката на Тито се викала Марија и таа работела кај тој човек. Во француските архиви пишува дека Марија родила машко дете, но нема име на
таткото.
Инстинкт на ѕвер
Според зборовите на Тодоровиќ, Марија го одвела малиот Броз кај татко си, а кога малку пораснал, го испратила кај неговиот вистински татко за да му обезбеди угоден живот и музичко образование.
– Тоа траело сè додека не отишол да се образова за да биде шпион. Сетете се, тој самиот вели дека одел во таа Подофицерска известувачка школа и бил добар во тоа – истакнува Тодоровиќ и додава дека Тито имал женски сојузник од Ватикан.
– Тоа била некоја Франциска. Ги имала вистинските податоци за него, но кога Ватикан тоа го побарал, таа набрзо исчезнала – вели Тодоровиќ и открива дека Тито бил на врвот на масоните, многу близу до кралицата Елизабета Втора.
– Се сеќавам на разговорот со професорката од Филолошкиот факултет, Вида Марковиќ, која била преведувач на Тито на мировната конференција во Париз. Таа ми кажа дека Тито е подготвен на сè, дека има инстинкт за самоодржување како ѕвер. Ми рече дека Тито немал прочитано повеќе од пет книги во животот, но совршено зборува англиски, руски и германски – открива Тодоровиќ.