Кој стои зад масакрот во Оленивка?

Доњецк логор/ Фото EPA-EFE/SERGEI ILNITSKY

Утрото на 29-ти јули, само неколку часа откако над 50 украински воени заробеници загинаа во логорот во Оленивка, кој е под контрола на руските сепаратисти од ДНР (Доњецка Народна Република), еден руски новинар кој случајно се нашол на местото на настанот посочи на, како што тврди тој, „остатоците од ракетите од американско производство истрелани од ракетниот систем ХИМАРС“. Со ова тој ги обвини Украинците за нападот, а Си-Ен-Ен пишува дека тоа е почеток на големата руска медиумска офанзива, чија порака е колку цинична, толку и брутална.

Украина, како што тврдат Русите, сама си ги убила војниците во нападот со ракетниот систем ХИМАРС, бидејќи „не сакале да ги признаат воените злосторства, но и да ги обесхрабри другите украински војници кои размислувале да се предадат“. Си-Ен-Ен пишува дека треба да се знае дека во тој затвор имало претежно членови на баталјонот Азов. Таму биле префрлени откако во мај се предале во фабриката Азовстал во Мариупол.

Фото: EPA-EFE/SERGEY VAGANOV

Едуард Басурин, висок функционер на самопрогласената Народна Република Донецк (ДНР), која е поддржана од Русија, тврди дека ракетниот напад следел „откако украинските воени затвореници почнале да ги признаваат злосторствата што ги извршиле по налог на политичките власти на Украина“, пишува во анализата на Јутарњи лист.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски остро ги отфрли ваквите обвинувања, а нападите ги нарече „руски воени злосторства“.

Кај кого е вината?

Заклучокот од истрагата на американски Си-Ен-Ен вели дека руската верзија на настаните најверојатно е лажна, односно дека не постојат речиси никакви шанси нападот да бил извршен од страна на ракетниот систем ХИМАРС.

Експертите со кои разговараше Си-Ен-Ен исто така ги отрфлаат руските тврдења за нападот на Оленивка – но тие не можат со 100% сигурност да знаат што точно направи толкава штета врз затворениците. Забранетиот пристап до локацијата оневозможува да се дојде до конечен заклучок, велат тие. Сепак, според експертите, повеќето знаци укажуваат на пожар, а некои сведоци тврдат дека не се слушнал звук од ракета.

Ракетен систем ХИМАРС
Ракетен систем ХИМАРС / EPA/FRANCIS R. MALASIG

Експертот за оружје Крис Коб-Смит, кој ги прегледал достапните слики и видео снимки од зградата по нападот, тврди дека складиштето со тенки ѕидови и метален покрив не би постоело по ударот на ХИМАРС.

„На видеата никаде нема кратери, креветите не се поместени, столбовите се неоштетени, но видливи се огромни штети од пожар. „Да беше напад со повеќекратно лансирање ракети, ќе видевте кратери, срушени тавани и ѕидови и разнесени тела“, елаборираше Коб-Смит.

Си-Ен-Ен пишува дека не би имало логика Украина со ракетниот систем ХИМАРС да ја цели таа зграда, знаејќи дека тој систем е доста скап и се користи за клучни цели на бојното поле.

Термобарично оружје

Украинските власти веруваат дека пожарот во магацинот бил предизвикан од термобарично оружје. Од Канцеларијата на главниот обвинител на Украина изјавија за Си-Ен-Ен дека досега објавените резултати „јасно ја побиваат верзијата на Русите дека украинските вооружени сили извршиле ракетен напад врз местото каде што се држеле затворениците и исто така ја потврдуваат нашата верзија за употребата на термобаричко оружје“.

Термобаричното оружје е всушност вакуумска бомба, која го вшмукува целиот кислород од воздухот и многу брзо генерира топлина. Руските сили веќе користеа такво оружје во конфликтот во Украина.

Во овој случај, Украинците предупредија дека може да се работи за напад со ракетен пламен фрлач за еднократна употреба со име RPO-A Shmel. Со ова оружје се емитира експлозивен облак кој гори во воздухот и создава огнена топка со висока топлинска енергија на површина од неколку квадратни метри. Во основа ова предизвикува внатрешно крварење и руптура на внатрешните органи.

Професорот Бенџамин Ондрушка, германски патолог кој работел на истраги за воени злосторства во киевското предградие Бух, вели дека само целосната обдукција ќе ја открие причината за смртта, но сликите јасно укажуваат на пожар кој достигнал најмалку 300 степени Целзиусови.

„Како форензичар, се чини дека нешто експлодирало во близина на изгорените луѓе, што резултирало со детонација, која сепак резултирала со пожар“, рече тој.

Ракетен систем ХИМАРС фото: EPA-EFE/TOMS KALNINS

Обид на Русија да изгради своја верзија

Се чини дека Русите планирале да создадат фондации за поддршка на нивната верзија на настаните, пишува Си-Ен-Ен. Така, на руските воени известувачи им беше дозволен пристап до Оленивка неколку дена пред нападот.

„Кога ги интервјуирав нацистите од Азов, додека тие признаа за бројни убиства на цивили, веднаш се појави едно прашање: како Киев ќе ги негира нивните признанија? И се покажа дека тоа беше всушност многу едноставно. Крвожедниот кловн Зеленски нареди нивно погубување“. , изјави Александар Котс, еден од руските новинари кои го посетија затворскиот логор.

Оваа приказна подоцна ја презеде и рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин, кој рече дека „украинското раководство го наредило ракетниот напад бидејќи заробените борци од баталјонот Азов почнале да сведочат, разоткривајќи ги нивните злосторства, вклучително и оние против цивилите“.

Видео на денот