Кој споменик попрво ќе го руши Каракачанов?

Фото: Слободен печат

Можеби на Каракачанов му пречи и улицата „Цветан Димов“, именувана според најдобриот другар на мојот дедо Ѓоре, кој по апсењето во Чаир е ѕверски мачен, а потоа фрлен од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје.

Министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов, пред два дена се закани дека во Македонија ќе испрати инженериски полк на бугарската армија со задача да отстрани дел од спомениците во нашата земја. Оваа несреќна изјава ја даде за радиостаницата „Дарик“, а од приложениот материјал, кој е достапен на интернет, не успеав да разберам за кои споменици станува збор. Односно што е тоа што Каракачанов сака да биде срушено? Па, да претпоставиме.

Веројатно на министерот му пречи плочата ставена на спомен-куќата во која живеел и работел Васил Антевски-Дрен, патронот на моето средно училиште. Васил бил истакнат член на Комунистичката партија на Југославија и Македонец и затоа е обесен во Софија во 1942 година.

Можеби на Каракачанов му пречи и улицата „Цветан Димов“, именувана според најдобриот другар на мојот дедо Ѓоре, кој по апсењето во Чаир е ѕверски мачен, а потоа фрлен од четвртиот кат на Обласната бугарска полициска управа во Скопје од страна на Љубомир Јорданов, началник на групата А на државната безбедност. Каракачанов ќе треба да ги руши и двете училишта, основно и средно, што го носат името на Цветан, помеѓу другарите познат и како Целе Чаирчанецот.

Тука е и неговиот прв соработник Орце Николов. На родениот скопјанец, во главниот град на Македонија му е посветена улица и средно училиште. И тој како и претходните двајца народни херои активно учествувал во борбата за слободна Македонија, а загинал во јануари 1942 година во заседа што ја поставил бугарскиот окупатор на планината Кукавица, кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, Србија, во обидот да ја пробие демаркационата линија на територијата на која административно господареле бугарските власти.

Може со министерот да го отвориме и прашањето на Стив Наумов, кој за да не падне во раце на бугарската полиција се самоубил, заедно со неговиот соборец Мите Богоевски. Или да проговориме за братот на Стив, Ѓорѓи, кој е обесен… само да проверам… хм, да – во бугарски затвор.

Улици во Македонија ги носат имињата и на Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кристијан Тодоровски Карпош и Кузман Јосифовски Питу. Сите овие личности ги поврзува заедничката борба против бугарскиот окупатор и сите до еден се убиени од претставниците на бугарскиот окупатор. Едни измачувани, други застрелани во заседа.

А многу е веројатно и дека инженерскиот полк на бугарската војска по брифингот со министерот, ќе се упати во центарот на Скопје, за да го сруши паметникот на најголемиот бугарски срам во Втората светска војна. Меморијалниот центар на холокаустот е музеј на интернираните македонски Евреи, кои со бугарски вагони се однесени во озлогласениот логор на смртта во Треблинка. Од Вардарска Македонија биле иселени повеќе од 7.000 Евреи, додека вклучувајќи ги и оние од Егејска Македонија и Тракија, кои во тоа време се територии под окупација на Бугарија, вкупната бројка е околу 11.400.

Од Треблинка не се вратил никој. Не останал ниту еден сведок да прераскаже за стравотиите на уништувањето на еврејското население од Македонија. Документите, од кои добар дел се наоѓаат во Меморијалниот центар, се единствените сведоци за докажувањето на судбината на Евреите во Македонија.

Со Каракачанов би можел да разговарам со часови, прашувајќи го кој споменик, улица, спомен-плоча, музеј, училиште или студентски дом му пречи и сака да го сруши. А можеби и на крајот би му предложил братските народи – наместо да се караат, што не е паметно – да градат заедничка иднина, се разбира на темелот на историјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот