Кој со кого на избори!

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

СДСМ на последните парламентарни избори довербата ја побара од сите граѓани на Македонија што значи и од гласачите Албанци, што дотогаш беше „недозволиво“, -и ја доби. Ја доби како партија која им вети „повеќе“ од она што им ветуваа партиите на Албанците. Тоа „повеќе“ беше всушност „исто за сите“, или нешто што Албанците никогаш не го чуствувале како реалност во прака.

Оваа парадигма Албанците за прв пат ја слушнаа од една македонска партија, која во нивното поимање на конзумирање на правата ја доживувале како „раката што дава“. Тоа за нив беше гарант дека ќе го добијат она што го бараат со децении, а го заслужуваат-. еднаквоста.

Се разбира тоа не ги усреќи многу партиите на Албанците, кои задачата да се грижат за „своите“ ја имаат како свое природно право. Но, ја прифатија реалност дека сите заедно можат го да постигнат тоа „повеќе“.

Плурализмот на политичката сцена кај Албанците си го направи своето. ДУИ за прв пат беше здрмана. Доби најмалку гласови и пратеници од своето постоење, или половина од сите албански гласови. Помалку од порано, но сепак доволно да останат во играта како „услов без кој не се може“.

Сепак принципот воспоставен од нив и од ВМРО ДПМНЕ за етничка поделба и етничко владеење со Македонија што значеше тивка федерализација на државата, заврши.

Но за СДСМ со тоа не завршија маките. Напротив, почнуваа. Имено, ако од режимот и криминалот на Груевски успеаја да ги ослободат Македонците, со коалицирање со ДУИ не го постигнаа истото за Албанците. Ефектот беше спротивен. Кај сите. И кај Македонците и кај добар дел од Албанците кои не ја подржуваат ДУИ. За нив ДУИ остана симболот на ВМРОВ- штината меѓу Албанците.

Но во политиката не е се како во животот. Некогаш мораш да се здружиш и со ѓаволот за да опстанеш, или да ги спроведеш целите за кои си се нафатил.

Нужноста наложи да се формира некаков политички- полигамен брак во кој брачните партнери се и невести и јатрви и золви. „Љубов и слога, немерени“! Како во турската серија „Величествениот“,- дворски игри во кои ќе победи најблиската до Султанот , или во случајов-ДУИ.
Така ДУИ му стана зелен гајтан на СДСМ врзан за ногата кој го враќа назад секогаш кога сака да отскокне подалеку, повеќе, подобро.
Но, се додека е со нив има горе доле стабилно „малцинство“ кое го надополнува во мнозинство со другите.

Сега социјалдемократите се повторно пред избор. Како ќе одат на избори, а како ќе коалицираат по изборите. Дали предизборно повторно ќе одат на придобивање на Албанците како гласачи и на тој начин ќе се тркаат со партиите на Албанците?

Но сега е поинаква политичката ситуација. Сега го немаат ВМРО како заедничкиот непријател на власт. Сега сите се власт.

И ВМРО ДПМНЕ е во слична дилема, ако не и поголема. И тие мораат да се подготвуваат за партнерство со некоја од партиите на Албанците. Ако сакаат да бидат власт. Сам во оваа земја не се владее. Но, тоа ќе значат компромиси до „бесвест“ со било која од нив. Дотолку потешко за ВМРО, зашто во јавноста се декларира како „цврста“ патриотска партија која ги штити македонските национални интереси, меѓу другото и од Албанците.

Засега, очигледно е намигнувањето кон Алијансата на Албанците на Села, иако на стенд бај секогаш им стојат старите партнери од ДУИ.

Но, веројатно тешко ќе се „упакираат“ заедно со било која од албанските партии,  кога тие уште од сега се острат со барања кои ВМРО ДПМНЕ тешко ќе им ги „продаде“ на своите гласачи.

Затоа,  засега, секој за себе! А потоа ќе видиме!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот