Кој си игра со емоциите, на крајот од емоциите (политички) и гине

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Како што одат работите, на добар пат сме НИШТО да не научиме и од оваа трагедија во ковид-болницата во Тетово.

Имено, Владата веќе требаше да издаде соопштение дека им наложила на сите институции под нејзина надлежност во државата да ги проверат сопствените капацитети, опреми, процедури и планови во случај на пожар, а истата постапка да ја препорача и до приватните компании и организации. Надлежната државна институција за противпожарна заштита (мора да има и некакво официјално име) да најави дека ќе започне вонредна инспекција на неколку дузини случајно избрани институции – добро би било на тој список прва да се најде зградата на Владата, а веднаш потоа и Белата палата, каде што е седиштето на опозицијата – за проверка и евентуални санкции на одговорните за непочитување или за пропусти во тие стандарди.

Општините, пак, со овие градоначалници на истек на мандатите, треба итно да смислат некаква шема за поддршка на граѓаните во набавка на противпожарни апарати, како што тоа го прават во случајот со инвертерите, чистењето на оџаците или купувањето велосипеди, макар со важност на таа мерка по изборите.

Само така бесмислието на губењето толку многу животи за три минути во тетовската болница ќе добие некаква посттрауматска општествена смисла.

Во сличен контекст, како што ми се чини, ВМРО-ДПМНЕ е на добар пат да го погоди „дрвото“ промашувајќи ја „шумата“ околу тетовската трагедија: тие се толку силно преокупирани само и само со оставката на Филипче, што ништо друго не ги интересира – а тоа „партиско лешинарење“ на крајот го мобилизира и ја дига кохезијата во СДСМ околу Заев и Филипче многу побрзо и подобро одошто е тоа нормално при вакви непријатни политички собитија.

За реакциите на општата, непартиска јавност, пак, можеме само да нагаѓаме, бидејќи нема релевантно истражување за тоа како и каде сега се движат трендовите во јавноста, но ситуацијата добива на дегутантност и поради, од една страна, многубројните стории за низа болнички искуства на пациенти и нивни роднини во борбата со ковидот, но и поради голата борба на политичарите за освојување на власта. Играњето со емоциите на гласачите – тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, во недостиг (сѐ уште, истрагата е во тек) на елементи за фактичка вина на Филипче – е секогаш деликатно, па затоа и опасно морално-политичко оружје коешто неретко знае да го отепа оној што во политиката посегнува по него. На крајот, јавноста, сумарно, има подобро чувство за прашањата на достоинството и мерката на пристојност од вревата на партиските машинерии и нивните пропагандни кампањи.

 

П.С. Во вчерашната хронологија на политичките оставки во историјата на Македонија, без зла намера – а и поради фактот што некои се случуваа во преддигиталното време во светот на архивите (а мора да се и први знаци за деменција на потписникот на овие редови) – сум пропуштил да наведам уште неколку оставки на македонски функционери.

Првата е онаа на Димитар Димитров, како министер за образование и наука во експертската влада во 1992 година, поради политичките несогласувања со тогашниот естаблишмент во власта. Патем, неговиот син и сегашен потпретседател за европски прашања Никола Димитров, во 2000 година си поднесе оставка од функцијата заменик-министер за надворешни работи во Владата на Љубчо Георгиевски, како резултат на несогласување со „тајванската авантура“. А, како министер за надворешни работи и Денко Малески, во два наврата поднесуваше оставки: еднаш по усвојувањето на Лисабонската декларација во 1992 година (оставката не му беше прифатена) и, потоа, во 1993 година, во владата на Црвенковски, кога оставката му е прифатена, за влезот на државата во ОН под референцата „Поранешна југословенска Република Македонија“, поради големите кавги во македонското собрание и говорот на Малески за потребата од политичко единство во тој историски момент за државата.

За ненамерниот пропуст им се извинувам и на уважените Димитрови и Малески, а и вам, почитувани читатели.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот