Кој шири омраза меѓу пензионерите?!

Одредени добронамерни укажувања преку медиумите за слабостите и недостатоците во работата на Сојузот беа сфатени како ширење лаги и невистини за состојбите во оваа најмасовна пензионерска организација

Обземен од „Предлозите за решавање значајни прашања за пензионерите“ што осамнаа на насловната страница од претходниот број на гласилото „Пензионер плус“ со потпис на претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија (СЗПМ), сакав позитивно да ги искоментирам и да дадам поттик во остварувањето на таквата „стратегија“ на Сојузот како ориентација кон подобрувањето на квалитетот на животот на пензионерите. Меѓутоа, брзо се откажав да ги наведувам и да ги фалам „предлозите“ на претседателката, бидејќи препознав сугерирање и мешање во туѓи надлежности, иако во овој список на набројувања има реални барања и желби на Сојузот, но без негово вклучување за да влијае врз креирањето на јавното мислење кај пензионерите и со својот пример да го гради авторитетот кај членството?!

Привлекувањето на вниманието за „предлозите“ сигурно ќе беше поголемо доколку претседателката во списокот го ставеше размислувањето за сопствената трансформација како неисполнето ветување од предизборната кампања, особено за реформирањето на информирањето во Сојузот, кое никако да тргне на подобро. Некои анализи укажуваат дека дилетантизмот е во прашање, но кој сака тоа да го признае?! Затоа одредени добронамерни укажувања преку медиумите за слабостите и недостатоците во работата на Сојузот беа сфатени како ширење лаги и невистини за состојбите во оваа најмасовна пензионерска организација?!

Барањето вина во другите продолжи и на неодамнешниот состанок со дописниците на весникот, на кој речиси и не стана збор за подобрувањето и внесувањето нови содржини со креативна и критичка мисла (со исклучок на прилозите на една непотизирана „дописничка“), а не затскривање на неспособноста зад наводното „недобронамерно и тенденциозно ширење лажни вести со говор на омраза“?! Така „едукативниот“ состанок помина без никаква едукација или поука, барем таа да беше и за уредничката, која тогаш настапи со својот славоспев за „брилјантноста“ на весникот, но и молба упатена до дописниците како повик да „пишуваат за сѐ, само не текстови со лажни вести и говор на омраза“?!

Како дел од повиканите ги молам одговорните во Сојузот да го оценат и моето пишување, а работата ќе им ја олеснам со сегмент од неодамнешна колумна во која, покрај повеќето наброени слабости, напишав: „При очи да не се правиме слепи и да не гледаме дека во една личност во раководството на Сојузот (исто така и во повеќе здруженија на пензионери) се кумулирани повеќе функции, а надлежните даваат објаснување дека тоа било во функција на штедењето средства од членарината што ја плаќаат пензионерите. Навистина смешни работи?! Потребно е некој да ги отвори тефтерите и да види каде и за кого се трошат парите, да ја провери големината на надоместоците, да види дали има други примања истовремено, па какви се дневниците и хонорарите по разни основи, какви се патните трошоци, како функционираат набавките и кој прави договори и дилови за закуп, продавање или давање под концесии имот на пензионерската организација?! И сето ова да е легално и исправно, треба да се провери за никој да не се сомнева дека има проневери“. Нека ова биде прашање и за активираниот проект „Ало – пензионерски прашања“ за да се расветли или „жигоса“ како ширење лаги и говор на омраза?! Ало, ме разбравте ли?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот