Кој шири лаги за непризнавање на македонскиот јазик во ЕУ?

љубомир костовски
Љубомир Костовски, Фото: Архива

Денес имаме комплетен пресврт во однос на прашањето на македонскиот јазик и идентитет, ама има сили што би сакале целата состојба да ја вратат на таа во 2006-та и поназад и тоа треба да е „вредноста“ поради која некому треба да му ја подариме власта!

Како што се ближеше ноември, кога на дневен ред во Собранието треба да се најде проширување на Уставот во делот каде што се набројуваат малцинствата во земјава, општата нервоза растеше. Во прашање беше доведена иднината на земјата, која требаше да го прифати европскиот предлог за надминување на ситуацијата што ќе значи застој во одот кон Унијата. Станува збор за онаа флоскула за „бугарски ултиматум“ што опстојува подолго време со поддршка на медиумите, кои се залепени за опозицискиот интерес како дел од една анационална опција и кои како својата „аргументација“ го вадат антибугарскиот вокабулар.

Кога се нема „домашна“, се препишува нешто набрзина

Антибугарското чувство се градеше врз прашањето на (не)признавањето на јазикот во доменот на бугарскиот национализам, навистина граден низ векови, но надминуван како низ нашата мудра дипломатија, така и преку европската модерна политичка филозофија која е алергична токму на таквите историски ставови, живи кај софиската десница, секако.
Значи, кога дојде овој пресуден ноември станарите од палатата „Христо Татарчев“ останаа без аргументација во напорите да ја оправдаат својата апстиненција од европскиот, ако не се смета инаетот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, што нашите стари обично го лекувале со валкање во сеното во шталата. Бидејќи се „без домашна“, нашите колеги ќе посегнат по „препишување“ – ќе се земат „факти“ од плакарот за стара облека. Паѓаат во очи два текста во „Нова Македонија“. Првиот е под наслов „Нов предизвик за македонскиот јазик во ЕУ“ објавен на 18 август, кога почна пленарната седница во парламентот на која требаше да се донесе одлука за потребата од отворање на Уставот. Наменска објава, значи!

Европа не е фер само кон Македонија!

Во текстот се вади теза дека според новата методологија за преговарање на ЕУ, го немало поглавјето 34 каде што требало да се впише македонскиот јазик кој би бил еден од службените јазици на ЕУ, кога ќе завршат преговорите. Тоа не е авторски текст, туку само искажување на оваа тема на поранешниот македонски министер, амбасадор и пратеник во македонското собрание Марјан Ѓорчев, кој лоцира „многу мистификации“ кога се говори на оваа тема.
Освен оваа теза, тој открива и „предизвик за официјализирање на македонскиот јазик како рамноправен во семејството јазици на Европската Унија“. Останува нејасно како ќе се реши прашањето со унилатералната изјава од Бугарија дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик. Во тој контекст, чиј вовед е некаква „чадна бомба“ наменета да ја замагли суштината на ова четиво, има враќање на тезата дека преговарачка рамка за Македонија е нефер и не е идентична со тие на другите кандидати, како за Србија и за Црна Гора кои ги имаат поглавјата 34 и 35 во своите рамки, „додека Албанија ги нема“.

Тоа е едно уфрлување во рикверц додека се вози по улиците на посебноста. Да споменеме дека тие преговори ретко кога се фер за било кој кандидат од последново столетие! Да речеме, Бугарија мораше да ги затвори нуклеарките во Козлодуј „поради старата руска технологија“. Истото како ултиматум го имаше и Словачка, која по ултиматум од Австрија мораше да затвори три нуклеарки на Дунав (иако тие никако не можеа да пречат за земја што е спротиводно од Братислава) и така оваа држава од најголем извозник на струја во Европа стана – најголем увозник! А еве сега Грција и става сопка на Албанија која ги има согласностите од 25 европски земји да продолжи сама на патот за Брисел! Толку од аргументите на Ѓорчев за „ферката“.

Во Брисел не заборавале

Неговиот втор изветвен документ од плакарот е прашањето – зошто европските претставници сѐ поочигледно избегнуваат да го споменуваат македонскиот јазик? Јасно, „старата дама“ нема друга работа освен да се занимава со „мацедониште цуштенде“ и да се восхитува на народот што „во Охрид изградил 365 цркви, по една за секој еден!“.
Е сега тука е договорот со Фронтекс, кој Ѓорчев не може да го проголта. Наместо да го негира фактот (дека е потпишан/напишан и на македонски јазик), тој вели со замена на темата дека нашата страна молчела и се правела недоветна (!) претходно неколку години. Да, како амбасадор би требало да знае дека работите во оваа професија одат „чекор по чекор“, а не во трискок. Впрочем, тој беше амбасадор во Бугарија и самиот знае каде ја наоѓа маната за лошите односи со соседот – „ние сме неподготвени“. Демек, Бугарија си е Бугарија, ама ние сме требало да бидеме помајстори. Политичаров е производ на нашите политички матеници, а својата кариера ја градеше со често менување на партиите и, се разбира на – ставовите!

Постар кадар за уште постари предрасуди

Вториот текст, овој пат авторски, е на некогашниот генерален директор на НИП-от, Панде Колемишевски, под наслов „Македонскиот јазик не е признаен во ЕУ“. Текстот е објавен во почетокот на месецов, пред хипотетичката одлука во парламентот за промена на Уставот, со цел да ја распие сликата на владејачката коалиција дека „бугарскиот ултиматум“ не е вреден како аргумент кога нашиот јазик и идентитет ЕУ веќе ги има верификувано како засебни. „Вие сте такви какви што се чувствувате“, велат во Брисел. А Колемишевски?
Авторот почнува со реченицата: „Не би имало културна смисла да се рече дека именуваното трио (што ја води надворешната политика – Ковачевски, Османи, Маричиќ – н.з.) а не само тоа, ја дезинформира сопствената јавност или дека ги лаже своите граѓани, особено Македонците. Поприфатлива би била формулацијата дека нивните тврдења не се точни“. Ова треба да е некаков „попуст“ за споменатите и ним по ова секако ќе им олесни додека го читаат текстот.
Но, проблем има Колемишевски со својата задача. Најпрвин не може да го одбегне договорот со Фронтекс – „Со тој договор, потпишан лани, а ратификуван годинава, е официјално дозволено дел од македонската граница да ја чуваат и странски полицајци за спречување масовни налети од мигранти. Тој не задира во ништо друго поврзано со односите Македонија-ЕУ. Несомнено дека македонската преговарачка страна вложи многу напори и се избори договорот да биде потпишан и на македонски јазик, без фусноти, покрај другите 24 официјални јазици на Унијата. За тој чин доби и честитки од странците. Меѓу нив и од францускиот претседател Макрон, кој подвлече дека со тоа се признава македонскиот јазик и целосно се почитува унитарниот карактер на македонскиот идентитет. Но, таа Макронова изјава е само дипломатска бела ракавица, официјално не значи ништо, нема општоевропска вредност“.

Од кога Колемишевски проценува дека прашањето на мигрантите не е од битна важност?! Брзо се заборави онаа врвулица од милиони бегалци кои заминаа на Запад преку нашата земја од кои повеќе од еден милион ги прифати Германија. Германија, Британија, Италија… нели небитни земји со огромни проблеми, гледаат ли тие во тоа прашање таква баналност која не може да се види од страна на авторот на текстот. Какви политички и економски земјотреси се сопреа со постоењето на Фронтекс, додека македонската граница стана вистински фронт, место каде се чуваат вредностите и опстанокот на Унијата. Не било битно?! Не ја одредувало битно позицијата меѓу Македонија и ЕУ?

Во поддршката за празната мисловна рамка на Шампитата во отпорот кон промената на Уставот, Колемишевски наоѓа и нов аргумент онаму каде што прашањето на македонскиот јазик и на Унијата е токму најмалку наклонет кон опозицијата. Тој ја споменува декларацијата на германскиот Бундестаг со која се признаваат македонската култура, идентитет и јазик. „И таа има повеќе симболична, а помалку практична вредност. Тие се дел од картотеката на многубројните лицемерни изјави од високи претставници на ЕУ, како и дадените од разни амбасадори. Ваквите изјави се плацебо-пилули да си ја смират својата совест и да ги намалат болните чувства на загрижените Македонци. Во тој кош се и изјавите за јазикот на претседателката на комисијата, Урсула фон дер Лајен“.
Па, да. Нема такви изјави и документи кога се во прашање другите аспиранти. Тие немаат во своите политички простори опортунист како Мицкоски. Ама имаат други проблеми, кои се многу потешки и ги гледаме кај дел од нив подолго од десет години. Впрочем, да не сме им на маката.
Како и да е, и Ѓорчев и Колемишевски се решиле да бранат нешто што не може да се брани со никакви рационални средства и мора да им се оддаде почит – тоа е како некој да ве стави да клечите врз зрна пченка. А зошто: се брани отпорот кон ЕУ на партијата чија основна валута е инаетот на нивниот лидер, да ги упропастува шансите за опстанок на земјава! Да нè вратат многу години назад.

Цивилмедиа

(Авторот е новинар)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот