Кој пука во уличните кучиња?

Кучиња скитници
Кучиња скитници / Фото: МИА

Невладината организација „Зелен хуман град“ на својата фејсбук-страница објави пост со кој ги алармира граѓаните дека во средата наутро на булеварот „Климент Охридски“ во Скопје, во близина на Соборниот храм, наводно било пукано од огнено оружје во уличните кучиња што спиеле во зеленилото на булеварот.

„Вчера утро во 4 часот на бул. Климент Охридски во близина на Соборната црква се пукало од огнено оружје. Вкупно 12 истрели, од кои дел веројатно завршиле во бездомни кучиња што мирно спиеле во зеленилото крај булеварот! Скопје секој ден станува сѐ понебезбеден град за живеење!“, се вели во објавата на оваа организација.

Оттаму ги обвинуваат надлежните институции дека не прават ништо за да ги спречат ваквите инциденти, кои во последно време, како што нагласуваат, се зачестени.

„Град Скопје и Инспекторатот на Град Скопје наместо да го спроведуваат законот и да ги испратат комуналните инспектори во мешани тимови со Министерството за внатрешни работи да спречуваат масакр на животни по улици на очиглед на сите, тие им поставија контејнери на прекршувачите на законот за да го собирале органскиот отпад. Во општество во кое институциите мотивираат прекршување на законите, не може и да се очекува ништо помалку од комплетен башибозук и безредие во кое жртва може да биде секој!“, велат во својот пост од Зелен хуман град.

Активистите ги повикуваат граѓаните да бидат внимателни и доколку бидат сведоци на ваков сличен настан во иднина, да пријават во полиција.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“, велат дека во текот на изминатото деноноќие не бил пријавен ваков инцидент и нагласуваат дека,  доколку добиле пријава, ќе постапеле по неа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот