3.9 C
Скопје

„Кој прв ќе трепне“ договор

Веќе паѓаат облози меѓу коментаторите за брегзит – „кој прв ќе трепне“, дали преговорите ќе продолжат до крајот на неделава, дали следната недела или воопшто нема да продолжат и договорот – нема да важи.

Ова ме потсети на шегата со малото вљубено Ескимче, пубертетличе. Се договара да се сретне со симпатијата околу шест часот попладне пред барот „Рагнарк суровиот и Синиот кит“. Ескимчето доаѓа малку пред време, за да биде вистински џентлмен, за да не чека девојката, на просечно за овој период од годината, од минус два. Чека Ескимчето, чека, а симпатијата никаде ја нема.

Доаѓа седум, ништо. Осум, ни трага ни глас од девојчето, а температурата се спушта уште пониско. Часот девет, температурата минус десет, муштериите од „Рагнар суровиот и Синиот кит“ тргнуваат полека накај дома, некои во придружба на пријателите, некои од членови на потесното семејство кои дошле да ги „приберат“. Ескимчето хука во рацете, цупка со нозете да се стопли и се обидува да не им обрне внимание на потсмешливите  погледи и коментари на минувачите. Температурата слегува на минус дваесет – неколку пингвини со забрзани чекори се прибираат кон иглото, а последниот речиси се онесвестува од што е ладно. Ескимчето – упорно. Гледа на часовникот и вели, се договоривме во шест, се замислив во осум, свртев крукче во девет, цупкав до десет, сега е единаесет, ќе почекам до дванаесет, ако не дојде до еден, некаде околу два богами ќе си одам, па имам и јас свое достоинство. А ќе поминам некаде околу два и пол, три, за секој случај…

Прочитајте и...  Споменикоманија во Србија: Вучиќ ќе има поголем споменик од Груевски!

БоЏо не сака договор?

Политичкиот интернет е преполн со разни теории за претходните, сегашните и евентуално идните преговори меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија. Дали всушност премиерот Борис Џонсон сакал брегзит договор или го одолжувал процесот додека веќе не стане се доцна. Дали БоЏо е всушност девојката која го оставила Ескимчето да чека и се смрзнува и на крај го извисува? Зашто како  љубител на приказни со хепиенд, не ме одушеви крајот на шегата, односно, крајот изгледа беше дека нерешителното и вљубено Ескимче – извисило. Или го примиле пингвините во иглото, да си ги лечи повредените чувства, стуткан до речиси онесвестеното од студ другарче.

Теориите се дека Џонсон, всушност, од почеток не сакал договор со ЕУ, а го направил тоа за да ги добие изборите на домашен план и да им ја затвори устата на Европејците, дека ЕУ не ја искористила шансата на минатонеделниот самит или дека Британците се пресметале, очекувајќи Европејците да попуштат „во минута до дванаесет“ во преговорите. Џонсон минатонеделниот самит си го постави како краен рок, и кога не одеше сѐ како што си замислуваше, го напушти. Ама никој во ЕУ не го сфати неговиот ултиматум сериозно, зашто не му беше прв пат. Има многу примери и ветувања од минатото кои премерот ги направи, ги даде и потоа – ги игнорира. На пример, ги напушти преговорите во јуни зашто не бил направен доволен напредок, а потоа „како попче“ се врати назад на преговарачката маса. А да не зборувам, а ќе зборувам, морам, супер беше кога се завети, а тоа го пренесоа сите светски медиуми, дека попрво ќе заврши во ендек ако ги продолжи преговорите за напуштање на Европската Унија. Борис Џонсон  не го видовме во ендек. Го видовме пак на преговарачка маса, и  него и неговите претставници. И потоа пак, И пак. И пак…

Прочитајте и...  Разговор со Субверзивен фронт: Македонија ја доби првата Национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица

Паѓаат облози

Никогаш не се знае со Борис Џонсон, велат во Брисел. Ќе стори ли нешто радикално? Нешто неочекувано? И да, минатиот месец тој го натера парламентот (има мнозинство) да усвои еднострани амандмани на договорот  за напуштање на ЕУ во врска со Северна Ирска, што ја изненади Унијата и ја натера да поведе правни процедури.

И сега што? Официјално, најголемиот дел од „бракоразводниот текст“ меѓу ЈуКеј и ЕУ е, велат, договорен. Но, Британците сега бараат „фундаментална промена на пристапот од ЕУ“. Унијата досега направи доста отстапки кон Британците, кои, да бидеме искрени, секогаш беа „посебни“ во европското друштво и често им се гледаше низ прсти зашто „е такви се, ги знаеме какви се“. Ако британската влада инсистира ЕУ да се откаже од  договорените правила на конкуренција, тогаш преговорите навистина се завршени. Британците истовремено договараат трговски договори со правила за конкуренција со Јапонците и Американците, па ова со Европејците ми личи малку на инаетење на поранешни љубовници. Но, може да се направат „меки отстапки“. Политика е тоа.

Прочитајте и...  Цените на тутунот нѐ вратија 10 години назад, правилникот - 30 години!

Веќе паѓаат облози меѓу коментаторите за брегзит – „кој прв ќе трепне“, дали  преговорите ќе продолжат до крајот на неделава, дали следната недела или воопшто нема да продолжат и договорот – нема да важи. Не дека сум како  Ескимчето од почетокот на текстот, ама сепак, ако не оваа и ако не идната,  преговарачите ќе се сретнат. Е сега, дали приказната ќе има среќен крај? Па видете, пари се во прашање, а толку многу „среќа“ има за преговарање. Ќе се навратам јас на ова за две и пол, три недели, за секој случај.

Поврзани вести

ВИДЕО кое ги мобилизираше добрите луѓе: Учениците Мите и Катерина од село Стрновац ќе добијат компјутери за настава

Слободен печат

Опасностите и стапиците на градењето мултирасни демократии

Гидеон Рачман/Financial Times

Јованка Орлеанка: Небесните гласови ја воделе низ битките, а ја однеле и на клада, умрела како маченичка за да стане светица

Слободен Печат

Заев: Ако некој мисли дека треба да бидам сменет, бујрум, во април имаме избори

Слободен печат

Споменикоманија во Србија: Вучиќ ќе има поголем споменик од Груевски!

Слободен печат

Разговор со Субверзивен фронт: Македонија ја доби првата Национална линија за советување на ЛГБТИ+ лица

В.Т.

Остави Коментар