Кој  последен ќе го изгасне светлото?!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

И да се појават тие „нови“, ѓомити надежни, политички образовани и чесни политичари, политичкото мочуриште во кое ние тонеме овие триесет години ќе ги повлече прудолу и тие што навистина сакаат нешто да направат за народот и имаат добри намери и енергија да ги подобрат катастрофалните состојби. Чаре?! Нема!

По легендарниот ТВ-дуел помеѓу тогашните титани на македонската политичка сцена Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, за кој и ден-денес се носат легенди и се прераскажува (споделува на социјалните мрежи) повеќе од деценија и половина, македонските граѓани и гласачи паднаа во една дуелска летаргичност, бидејќи најдолготрајниот поранешен премиер Никола Груевски од таквите ТВ-соочувања со своите политички противници бегаше како „ѓавол од темјан“. Колку пати само беше повикуван, провоциран и му беше „фрлена ракавицата“ за предизборно ТВ соочување, но патриотот никогаш не ги прифати. Освен што е класична  кукавица, ако направите една мала лаичка психоанализа на неговиот политички и менталитетен профил, станува(ше) збор и за ретко несигурен во себе политичар, со оскуден вокабулар, политичка интелигенција колку таа на покојниот Амди Бајрам, храброст колку на зајак, но и природна неинтелигенција за снаоѓање сам во времето и просторот. Сигурен во себе беше кога зад него беа братучед му, кој сега е на топол оброк трипати на ден, и мама Наде. Оттука, беше свесен дека ќе биде „прегазен како шлепер жаба“ и не сакаше политичката аура, која режимските медиуми под негова контрола ја беа создавале цела една деценија, дека е најголемиот Македонец од Александар па наваму, родољуб, градител, човек од и за народот, да му биде нарушена.

ТВ-дуелите го исфрлаат на површина целиот примитивизам

Нејсе, по доаѓањето на Зоран Заев на власт, ТВ-дуелите меѓу лидерите на најмоќните политички партии (тие кои ги даваат премиерите кај нас), станаа некако редовна појава, што за чудо, многумина и не веруваа. Дали тоа се должи на специфичниот карактер на Заев, кој во неговото политичко „вјерују“ сака изборни соочувања и покрај тоа што може да одат на негова политичка штета (секој пат, аргументите повеќе превагнуваат на страната на опозицијата, бидејќи власта ја има одговорноста за сите процеси во една држава), тој без проблем ги прифаќа дуелите со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски.

Што можеме да заклучиме од најновото изборно ТВ-соочување на условно кажано политички најмоќните луѓе кај нас, на националната Канал 5 телевизија? Не само што беше ништо особено, туку би рекол дека подобро и да не се случеше, бидејќи од истото може само да им се намали политичкиот рејтинг, како личниот, така и партискиот во пресрет на локалните избори оваа есен. Освен меѓусебни обвинувања, примитивизам, простотилак,  префрлување на топката за тоа кој повеќе ѝ направил штета на Македонија, ниски страсти, никаква ерудиција во говорот, неаргументираност и ламентирање над безизлезната ситуација во која западнавме поради „политиките“ на нивните политички елити/партии во изминативе триесет години независност, кои тие денес ги предводат,  македонскиот просечен гласач и не можеше нешто друго да чуе. И ако некој досега се колебал да гласа за едните или другите, најверојатно ако излезе да гласа, ќе гласа за третите или четвртите или пак ќе си остане дома да прави ајвар. На минатогодишните парламентарни избори двете доминантни политички коалиции, што поради стравот од

ковид-19 пандемијата, но уште повеќе од тоталната разочараност на македонскиот електорат, освоија историски најниски за нив по околу 300.000 гласа, што значи ги освоија оние најтврди гласачки тела, кои традиционално  во овие триесет години излегуваат и цврство гласаат за македонската левица или десница.

На овие локални избори, дополнително таа психолошка граница може да падне, бидејќи на локалните избори заинтересираноста на граѓаните е помала за гласање од парламентарните, нормално. Со тоа се поставува прашањето дали нашите „вечни“ партии не се наоѓаат веќе во зенитот на својата криза на легитимитетот, кој го црпат од нашата маленкост, но светост, а нивен суверен, кој ги бира, т.е. им го пренесува својот легитимитет, за тие да управуваат со раководните институции во државата?!

Дали изборниот резултат ќе остави бришан простор за појавување на нови партии/политички проекти кои со својата понуда во иднина ќе треба да го пополнат тој вакуум простор кој се создава во процепот од неинвентивноста на традиционалните партии, и дали со тоа, конечно ќе им светне црвената светилка, дека веќе се прочитани од граѓаните. А истите тие се уморни од нивните лаги, неисполнети ветувања и „купи ден-продај“ политика, ако воопшто ова може да се нарече политика.

Шанси за коренити промени, за жал, речиси и нема!

Соседна Бугарија, која добрососедски ни го блокираше нашиот евроинтегративен пат, е еклатантен пример како гласачите масовно флуктуираат кон новосоздадени политички партии, преку ноќ, што се вели, бидејќи се гневни, бесни, и целосно разочарани од добропознатите стари, традиционални, кои се менуваат на власт наизменично, а од година на година, Бугарија станува се посиромашна, покорумпирана и поиселена. Големата трагедија таму, а и тука, и секаде на Балканот е што, и да се појават тие „нови“, ѓомити надежни, политички образовани и чесни политичари, политичкото мочуриште во кое ние тонеме овие триесет години ќе ги повлече прудолу и тие што навистина сакаат нешто да направат за народот, имаат добри намери и енергија да ги подобрат катастрофалните состојби. Чаре?! Нема!

Ќе си живееме веројатно и во наредните три децении, вака, „купи година-помини“, сè додека и последниот Македонец (кој било граѓанин, неважно од која етничка припадност), го изгасне светлото, и конечно да ја да ја затвориме оваа корумпирана, импровизирана, карикатурално-фасадна државичка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот