Гаши, Меџити и Ибрахими во Вашингтон / Фото: Фејсбук

Кој му кажа аферим на Гаши? Трамп сигурно не

Ни од Гаши ни од неговиот кабинет не добивме одговор на ниту едно од прашањата за патувањето во САД – дали е точно дека без придружба и без обезбедување бил во САД и дали како анонимус се шетал по Вашингтон. Според протоколите, тој и неговото семејство треба да се обезбедувани 24 часа.

Претседателот на Собранието Африм Гаши ја одмолчи посетата на САД и инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, иако за тоа отиде во Вашингтон, ако се суди според малкуте фотографии приложени на Фејсбук-страницата на спикерот. Јавноста остана во прашалници дали вториот човек на државата беше на приватна прошетка или во службена посета, на чија покана, на чија сметка – лична, или на граѓаните, како и за тоа со кого се сретнал и каков бенефит од средбите може да очекуваат граѓаните.

Ни од Гаши ни од неговиот кабинет не добивме одговор на ниту едно од прашањата за патувањето во САД. Ниту за тоа дали е точно дека без придружба, но и без обезбедување, што ако е точно, е преседан, бил во САД и дали ова значи дека претседателот како анонимус се шетал по Вашингтон, што е крајно симптоматично и неодговорно, ако според протоколите тој и неговото семејство се 24 часа обезбедувани.
За патувањето на спикерот во САД официјално само од МВР добивме потврда дека биле известени.

Поканети од безимени „организатори“

И додека посетата на владината делегација и нејзиниот состав беа најавени, а лидерите на Вреди еден по еден се изјаснија во кое својство биле на инаугурацијата, само Гаши не објасни за своето патување. Претседателот на Алијанса за Албанците и министер за здравство Арбен Таравари за „Слободен печат“ веќе изјави дека на инаугурацијата бил на покана на пријатели, а трошоците ги покрил лично. Претседателот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими, бил на покана на „организаторите“ без да наведе кои се тие.

За патувањето на Гаши нема ни буква на официјалната веб-страница на Собранието, ниту на официјалната фејсбук-страница на парламентот. Од Собранието немаше најава за посетата на претседателот на САД. Впечатливо е дека на веб-страницата на Собранието, на која буквално се објавува секоја средба на спикерот и на пратениците со меѓународни претставници, воопшто не е регистрирано дека Гаши бил на инаугурацијата на Трамп. На фејсбук-страницата на парламентот последна објава е дека пратеничката Бети Стаменковска е одликувана со „Витез од редот на академските палми“. Само на фејсбук-страницата на Гаши може да се најде информација дека бил во Вашингтон.

„За време на мојата посета на Вашингтон, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, имав задоволство да се сретнам со заменик-помошникот секретар за Западен Балкан во Бирото за европски и евроазиски прашања, г. Александар Касаноф. Го потврдивме стратегиското партнерство со САД, успешната соработка во НАТО, како и непоколебливата визија на земјата за интеграција во ЕУ. Оваа средба, по неговата посета на Собранието на Северна Македонија пред еден месец, беше суштинска за заложбата за зајакнување на врските и сојузништвото со САД“, информира Гаши.

Во друга објава, Гаши е фотографиран со Ибрахими и со првиот вицепремиер Изет Меџити, кој, пак, беше дел од владината делегација. Тој вели дека се во Вашингтон „за да ја докажеме сериозната посветеност во зајакнувањето на ова сојузништво“.

Неофицијално, поканите за инаугурацијата на Трамп за Таравари, Ибрахими и за Гаши ги обезбедило албанското бизнис-лоби во САД, а авионските карти си ги платиле сами.
Според ова, произлегува дека Гаши бил во приватна посета на САД, но нејасно е зошто одбегнува официјално да го потврди тоа.

За премиерот посетата е историска

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е исклучително задоволен од посетата на САД, која ја оцени како историска и на највисоко државно ниво досега. Но, ни тој не прецизира дали поканата е „по приватни канали“, односно од скапо платена специјализирана агенција, или ја добил официјално, по иницијатива од САД. Мицкоски само откри дека престојувал во хотел со три плус ѕвезди. За критиките од опозицијата, премиерот рече дека тоа е политика на опозицијата и на луѓе блиски до неа.

Христијан Мицкоски / Фото: Фејсбук

 

– Бев изолираниот Мицко, па изолираната ВМРО-ДПМНЕ, па слугата на овој, на оној, што се не се изнаслушав од истите тие луѓе. Важно е дека посетата е направена само во интерес на граѓаните и на државата. Измислуваа во кои хотели сум спиел. Ги разбирам, тоа е обид да се направи дефокус на периферна тема. Во Вашингтон спиев во хотел што е со три плус ѕвезди. Тоа се обиди за дефокус од суштината. Сите средби ќе донесат додадена вредност за граѓаните. Историска посета на највисоко ниво што некогаш некој ја направил – рече Мицкоски.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата, за „Слободен печат“ информираат дека оформиле предмет за патувањето на функционерите во САД.

– Во Државната комисија за спречување на корупцијата е оформен предмет. По утврдување на фактичката состојба, Државната комисија ќе донесе одлука што ќе биде јавно објавена – велат од Антикорупциска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот