Кој курс ќе го фати кошарката

Благоја Георигиевски

Ќе имаме ли драстични промени во кошарката со промена на раководството на Македонската кошаркарска федерација, што се навестува наскоро? Промени на подобро ѝ се потребни на кошарката, која по „експлозијата” во 2011 година кога на ЕП бевме четврти, беше на добар пат да стане наш спорт број еден, но, благо речено, не го искористи моментот.

Пред претстојното собрание се чини кошарката е во ситуација да избере помеѓу нешто ново или континуитет на досегашното. Ќе имаме ли нов стил на раководство или континуитет во стилот на сегашната постава? Тоа е прашањето што ни се наметнува ако ги погледнеме досега декларираните кандидати за претседател.

Перо Антиќ со целиот свој импресивен спортски бекграунд би требало да донесе нова енергија, нов стил на управување, нови амбиции. Мајсторот на паркетот сè уште не се докажал на таа нова позиција, но изгледа кај него има многу ентузијазам. Од друга страна Владимир Темелковски, човек што моментно во МКФ има позиција спортски директор, за очекување е да оди на продолжување на досегашниот стил на раководење. Така засега изгледа ситуацијата иако можно е нови кандидати да влезат во игра.

Ќе има ли пред изборното собрание заткулисни игри, политички влијанија, притисоци преку клубовите? Ако се суди според досегашното искуство во вакви ситуации – ќе има сигурно. Спортот кај нас одамна им е одземен на спортистите особено кога се решава за раководните структури по федерациите. Тоа е така и тешко ќе се измени во блиска иднина.

Она што остави неубав впечаток од стартот на „кампањите” на декларираните кандидати за нов претседател Антиќ и Темелковски, е „препукување” на социјалните мрежи. Во него двете страни не се штедеа при меѓусебните напади и омаловажувања.

Ако двајцата кандидати продолжат во исти стил (до Изборното собрание што наводно треба да се случи во мај или јуни), обајцата возат на погрешен колосек. Затоа и искусниот Лазар Лечиќ реагираше да ги предупреди да го сочуваат нивото. Затоа што не е сеедно кој раководи со МКФ. Од тоа зависи многу.

Да потсетиме, од небесните височини на кои стигнавме со 4. место на ЕП 2011, требаше да се продолжи во исти правец, да се обезбеди континуитет и тоа се правеше одредено време. Но, по „превратот” во 2015 година кога на чело дојде Петар Наумоски (и сега е на истата позиција), работите тргнаа удолу, особено на репрезентативен план, каде имавме речиси неверојатен резултатски пад и сега сме далеку од некогашните височини.

Кој и да дојде на местото на Наумоски, ќе треба да ги засука ракавите, но не за да ги оцрни противниците туку да работи конструктивно. Затоа Антиќ и Темелковски, зборувајте повеќе што конкретно ќе направите за кошарката, а не што не чини кај вашиот противник.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот