Кој крене рака на жена, лета од куќата, дури и да е негова! – Слободен печат
ВестиВи ПрепорачувамеМакедонија

Кој крене рака на жена, лета од куќата, дури и да е негова!

Штом жртвата ќе го пријави насилникот, полицаецот е должен итно да го отстрани и да ја однесе жртвата на бесплатен медицински преглед каде што детално ќе бидат утврдени и опишани сите повреди, а судот без рочиште ќе може да го отстрани насилникот до домот, без разлика дали тој е сопственик на куќата или станот.

Тепачите на жени и семејните насилници ќе бидат отстранувани од домот до една година, без разлика дали тие се сопственици на станот или куќата во која живее семејството и ќе плаќаат надоместок за штетата што ѝ ја нанеле на жртвата. Штом жената жртва на семејно насилство ќе пријави во полиција, полицаецот е должен итно да го отстрани насилникот и да му го одземе оружјето ако го носи, да ја однесе жртвата на бесплатен медицински преглед по документација во која детално ќе бидат опишани сите повреди, да ја придружува во живеалиштето ако има потреба да ги земе личните работи итн. Согласно со проценката на ризикот, полицаецот во рок од 24 часа до надлежниот суд мора да поднесе предлог за привремена мерка за заштита, со која насилникот ќе биде отстранет од домот најмалку 10 дена и ќе добие забрана за приближување. Полицаецот исто така е должен веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа, да го извести надлежниот Центар за социјална работа и надлежниот јавен обвинител за секој пријавен случај на родово базирано насилство и семејно насилство. Ова се дел од одредбите на нацрт-законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство што го подготви Министерството за труд и социјала, што наскоро се очекува да биде усвоен во Собранието.

Секој е должен да пријави

Според законот, секое лице што има сознание за родово базирано насилство врз жени и за семејно насилство е должно да пријави до надлежните институции – МВР, ЈО и центрите за социјална работа, кои мора со должно внимание да постапат по секоја пријава, па и ако е анонимна. Надлежните мора да направат процена на ризикот по животот, телесниот и психичкиот интегритет на жртвата и опасноста од повторување на насилството и потоа врз база на проценката да обезбедат соодветни мерки за координирана помош и заштита и тоа итно, во првите 12 часа од пријавувањето. Ако се процени дека животот и здравјето на жртвата и на членовите на семејството се во опасност, тогаш мултисекторски стручен тим составен од полицајци, здравствени и социјални работници изготвува безбедносен план за помош.

Освен за полицијата, во законот се предвидени итни мерки што треба да ги преземат и центрите за социјална работа, здравствените установи, судовите и општините. Центарот за социјална работа по приемот на пријава, согласно со проценката на ризик треба да обезбеди интервентно сместување на жртвите во кризен центар до 48 часа, да повика медицинска помош и да обезбеди психо-социјална поддршка и интервенција во криза. Во рок од 24 часа центарот треба да поднесе предлог до надлежниот суд за изрекување привремени мерки за заштита и тоа без согласност на жртвата, а веднаш или во рок од 12 часа да го извести МВР за да преземе мерки. Центарот за социјална работа треба да понуди привремено згрижување, психо-социјален третман во советувалиште, помош на семејството за редовно школување на детето и да ја поврзе жртвата со надлежните орани што можат да ѝ најдат вработување.

Здравствените установи бесплатно ќе вршат прегледи на жртвите и ќе им издаваат медицинска документација што јасно и разбирливо ги опишува видот и обемот на повредите. Општините, пак, имаат обврска да обезбедат итен упис на децата жртви на насилство во училиштата или градинките на нивните територии без да се бара согласност од двајцата родители.

На располагање арсенал од забрани

Судот на насилникот може да му издаде низа привремени мерки со цел да запре насилството, да се отстранат последиците и да се превенира повторувањето. Мерките се: забрана да се заканува дека ќе стори насилство, забрана да малтретира, вознемирува, телефонира, контактира или на друг начин директно или индиректно да комуницира со жртвата и забрана да се приближува на растојание помало од 100 метри до живеалиштето, училиштето, работното место или определено место кое редовно го посетува жртвата. Судот може да го отстрани насилникот од домот, без разлика на сопственоста, а може да му издаде и забрана да поседува огнено или друго оружје или да му го одземе сосе дозволата. Судот на насилникот може да му изрече задолжително да ги врати предметите што се потребни за задоволување на секојдневните потреби на жртвата и семејството, да го издржува семејството и задолжително да посетува советувалиште за сторители на семејно насилство или да се лекува ако злоупотребува алкохол и дрога или има психичко заболување. Сторителот, исто така, треба задолжително да ги надомести медицинските и другите трошоци настанати од насилството. Судот може да изрече и која било друга мерка што ќе ја смета за неопходна.

Предлогот за донесување на привремената мерка за заштита до надлежниот суд може да го поднесат жртвата лично или преку полномошник, центарот за социјална работа, МВР, родителот или старателот и тоа со или без согласност на жртвата. Судот веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа, без да одржи рочиште ќе изрече привремена мерка за отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување, врз основа на полицискиот извештај.

Одлуката за отстранување на насилникот од домот и забраната за приближување, судот ја доставува до надлежната полициска станица во рок од 6 часа, а полицијата веднаш, најдоцна во рок од 12 часа, ја доставува до сторителот на насилство. МВР е должно да го отстрани сторителот од домот во рок од два часа по приемот на одлуката, ако не сака доброволно да си оди. Мерките за заштита може да се изречат во траење од три месеци, а најдолго до една година, а за нивното спроведување одговара МВР. Овие мерки може предвреме да се укинат ако ја постигнале целта или повторно да се продолжат.

Во постапките што се однесуваат на заштита на жртвите, судот не може да упати на задолжително спогодбено решавање на спорот.

Жртвата може да ги тужи надлежните институции ако се инертни

Еден од најчестите одговори на жртвите на семејно насилство зошто не пријавуваат е дека надлежните не обрнуваат внимание на нивните пријави, што треба да се смени со новите одредби од овој закон, кој им наложува на надлежните секоја пријава за насилство да ја разгледаат итно и со должно внимание на интересите и потребите на жртвата.

Жртвата има право да поднесе тужба пред парничен суд за утврдување на одговорноста за непостапување, со должно внимание на сите лица кои согласно законот се обврзани да постапуваат на таков начин. Во тужбата жртвата може да побара да се утврди одговорност на тужениот за непостапување со должно внимание, да се досуди надоместок на штета за жртвата поради ваквото непостапување и да се задолжи тужениот да преземе дејства за заштита на жртвата.

Обврската да постапуваат итно и со должно внимание важи за службените лица во институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, внатрешните работи, здравството, детската заштита и образованието, како и надлежните судови.

Ако се утврди дека институциите не постапиле според одредбите на овој закон, ќе им се изрече глоба од 1.000 до 5.000 евра за правното лице и глоба од 100 до 500 евра во денарска противвредност за функционерот, градоначалникот или за службеното лице.

Видови родово базирано насилство врз жените

Насилство врз жените според овој закон е кршење на човековите права, дискриминација врз жените и ги означува сите дејства на родово-базирано насилство што доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и директни и индиректни закани и заплашување, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или во приватниот живот. Терминот „родово базирано насилство врз жените“ означува насилство насочено против жената затоа што е жена или насилство што несразмерно ја погаѓа. Под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејства, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и кон сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот и жртвата се во истото живеалиште или не.

Законот разликува и казнува физичко, психолошко, економско и сексуално насилство, демнење, сексуално вознемирување, присилен брак, женско генитално осакатување, присилен абортус и присилна стерилизација и трговија со луѓе.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Еден коментар

  1. А што правиме кога сторителот на семејно насилство е жената? Дали истите мерки ќе важат и за нив? Кој ќе ги заштити децата од психичкото насилство од мајките и лажните пријавувања од страна на жените што е пракса во повеќето случаи. Значи најстроги мерки за СИТЕ сторители на семејно насилство без родова дискриминација. Само така ќе се стави ред, се друго би било само шминка и без резултат во пракса.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close