Кој кого ќе искорени, ние корупцијата, или таа нас?

Собранието на историска седница со заразени пратеници во скафандери во неделата ја донесе националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси 2021-2025, но уште поисториски ќе биде доколку таа се исполни во практиката, затоа што досега многу е напишано и усвоено, а Македонија и натаму тоне во корупција. Владејачкото мнозинство со своето инсистирање да се одржи седницата по секоја цена за да се изгласа стратегијата уште еднаш упати порака дека борбата со корупцијата им е важна, но, според аналитичарите, таа е само почеток, поставена амбиција, а за реализацијата треба многу да се работи.

Колку пари толку борба

Овој стратешки документ со акциски план долго време се подготвуваше во Државната комисија за спречување со корупцијата, а усвојувањето експресно беше поздравено од амбасадата на САД, која укажа дека ќе ја следи имплементацијата.

– Ова е важен чекор, но вистинскиот напредок ќе биде валоризиран од успешната имплементација на стратегијата. Борбата против корупцијата и организираниот криминал и јакнење на владеење на правото се критични за С. Македонија и клучен фокус на нашето стратешко партнерство – објави Амбасадата на САД на Фејсбук.

Според Миша Поповиќ од Институтот за демократија Социетас цивилис стратешкиот документ покажува добро поставена амбиција на државата, но потребна е реализација „на терен“.

– Идејата беше да се постави амбиција и да се изгради стабилен систем за сериозна борба со корупцијата и тоа го гледаме во усвоената стратегија во Собранието. Можеби и дел од четиригодишната стратегија нема да се оствари и ќе остане и за понатаму, но мора да имаме визија. Сега останува на институциите да ги создадат потребните ресурси, односно да ги најдат и да ги платат, за да се реализира предвиденото. Борбата против корупцијата секако не е бесплатна. Институциите кои се во прв ред во оваа борба се Антикорупциската комисија, Јавното обвинителство, инспекциските служби и Државниот завод за ревизија, и сите со години се кусок на средства за работа и со квалитетен  и едуциран кадар. Платите во овие институиции се пониски од пазарната вредности на струките што им се потребни. Ревизорите, форензичарите, аналитичарите и другите имаат поголеми плати во приватниот сектор. Освен во УЈП и Царина платите во останатите институции се слични. Тој проблем е посистемски, треба да се обезбеди начин повеќе да не се одлева квалитетниот кадар од јавниот во приватниот сектор – вели Поповиќ за „Слободен печат“.

Друг аспект на борбата против корупцијата покрај квалитетно поставената стратешка рамка е немањето на доволно политичка волја за реална борба. И досега Собранието усвојувало стратегии и завршил мандатот на повеќе антикорупциски комисии, па пак редовно се повторуваат слични коруптивни шеми. Според Поповиќ, токму кај ресурсите е клучниот проблем за се, па и за политичката волја.

– Тоа е процес. Усвојувањето на стратегијата на некој начин е демонстрација на таа политичка волја за борба против корупцијата. Следниот чекор што јавноста треба да го види е да се обезбедат се што е потребно. Кога институциите се екипирани со квалитетен кадар и со потребните средства, потребата од политичка волја се намалува. Институциите ќе си ја вршат функцијата. Затоа сега владата и министерството за финансии треба да обезбедат да се релизира превидениот акциски план – вели Поповиќ.

Повторно ќе се менува Законот

Деновиве вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата Љупчо Николовски ја изнесе идејата дека состојбата на имотот и судир на интереси ќе пријавуваат сите административци кои даваат услуги на граѓаните. Неговата досегашна работа во јавноста повеќепати беше оценувана како нејасна и коментирана како паралелна надлежност или упад во надлежноста на Антикорупциската комисија. Во извештатите на стручни организации неговата досегашна работа се оценуваше како недоволна, односно како градење рамка за идни активности, а тој не откри корупција кај ниту еден владин функционер. Напротив, неодамна беше привреден поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски, а Николовски јавно застана во негова одбрана.

Според Поповиќ, Владата има надлежност да постави таков вицепремиер, а неговата работа треба да биде ограничена на избраните и именувани функционери.

– Не е упад во системот. Тоа што досега не постоел таков министер не значи дека не може да се постави за да биде политички авторитет кој ќе ја води борбата протов корупцијата на ниво на владата. Неговата надлежносте во рамките на работата на владата. Во врска со неговата најава дека сите што даваат услуги ќе го пријавуваат имотот, за тоа ќе мора да се направат измени во Законот за борба со корупцијата. Тие се лица со овластувања и според сегашниот закон, не треба да го пријавуваат имотот. Во претходниот закон беше предвидена внатрешна контрола на имотот на сите лица со овластувања, а потоа тоа се укина и само Царина продолжи да го спроведува – вели Поповиќ.

Во Стратегијата е наведено дека силни ризици од корупција има во јавните набавки, вработувањата во јавниот сектор, инспекцискиот надзор, издавањето на разни одобренија, решенија, лиценци и дозволи и при доделувањето на грантови, субвенции и друга државна помош. Исто така ризици од корупција има и во финансирањето на политичките партии, влијанието на интересните групи во изготвување и усвојување на регулативата и во финансирање на медиумите и граѓанските организации. Главни цели на стратегијата се зголемување на политичката одговорност, совесно управување со политичкото влијание во јавниот сектор , отчетност во јавниот сектор, законито, транспарентно, етичко, економично и одговорно работење на институциите, посилен надзор, дигитализација на јавните служби итн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот