Кој ќе ја загадува и ќе „заработува“ од Шара, ќе плати

Фото: Слободен печат

Во моментов само осум луѓе се вработени во новиот Национален парк „Шар Планина“ и тие се грижат за целиот Шарпланински масив.

Ибрахим Дехари, директорот на оваа установа формирана минатата година, вели дека паркот се екипира, а од владата им ветиле нови вработувања за да можат нормално да функционираат и целосно да ја покријат планината.

„Имаме одговорни лица, ренџери, правна служба, сега некако функционираме, но оваа планина да ја контролираш со 8 луѓе е невозможно. Сепак Шара од 62.702 хектари треба да се покрие со повеќе луѓе, со овие луѓе не можеме Шара да ја имаме под контрола. Оти, првиот столб ни е заштита на природата, вториот столб е развој, сега оваа компонента треба да се развие. Ние сме во контакт со мештаните и со општините. Имаме и совет на засегнати страни, сите општини имаат свој член, со кој дискутираме за заштитата и развојот.За нормално да функционираме ни требаат минимум 25 вработени. Од владата ни е ветено дека сега во 2023 ќе имаме минимум 10 вработувања, плус некои со договор#, рече Ибрахим Дехари директор на Националниот парк Шар Планина.

Националниот парк „Шар Планина“ во првите три години од основањето ќе го финансира Владата, но потоа установата сама треба да изнајде начини финансиски да се одржува. Оттаму велат дека имаат помош и од донатори, но плановите за финансиска независност ги кројат етапно.

„Разговараме да имаме приходи од слободното скијање, односно скијање надвор од скијачкиот центар Попова Шапка. Преговараме со групите кои ги организираат ваквите тури, каде можат да скијаат, каде е дозволено, а каде не, а тие за тоа ќе плаќаат надомест.Ќе имаме надоместоци за влез, односно возилата кои се возат во Националниот парк ќе си платат влез, оти го загадуваат паркот, значи човек што ќе пешачи нема да плати, но тој што ќе биде со возило и загадува тој ќе плати. Или пак активност што е комерцијална, односно ако некој прави профит од Националниот парк ќе си плати. Потребни ни се средства, како на пример за гасење на пожар, ни требаат исто и моторни возила. Моментално имаме само некои комбилозони и кондури. Имаме три теренски возила кои сме ги добиле од странски донатори“, рече Дехари.

Фото: Слободен печат

Ловот во Националниот парк „Шар Планина“ е целосно забранет. Но, оваа сезона, со одлука на Владата, е потпишан меморандум за соработка со ловџиските друштва за лов на дивата свиња на Шара, поради болеста која е појавена кај ова животно.

„Секој друг лов ќе се казни, како неодамна кога група ловџии од Италија и Македонија беа казнети, односно процесуирани до Основниот суд Тетово,“ дополни Дехари.

Од планинарските друштва ги поздравуваат почетните активности на Националниот парк парк Шар Планина за заштита, но и развој на Шарпланинскиот масив. Оттаму посочуваат дека во целиот процес не треба да изостане месното население кое живее на Шара.

„Она што Националниот парк „Шар Планина“ има капацитет да го направи е воспоставување на соработка со месното население и едукација на луѓето на пример кои фрлаат смет на Шара и ја оштетуваат и загадуваат на било кој друг начин. Да воспостави контрола на движењето. Во сето ова можат да помогнат мештаните и самите месни заедници од Шарпланинскиот масив, кои ќе имаат бенефит,“ вели Снежана Новаковска од Планинарскиот клуб „Тетекс“.

На почетокот на месецов голем шумски пожар избувна на територијата на националниот парк над селото Теарце, Тој. проголта над 60 хектари шумска површина. Поради непристапниот терен, но и немање доволно вработени, средства и опрема, вработените во паркот не можеа да го стават под контрола, а пожарот се изгасна дури на чатвртиот ден од избувнувањето, со „помош“ на снегот кој падна на Шара.

ВИДЕО: Пламените јазици три дена беснеат на Шара, проголтани 50 хектари шуми, најавените врнежи се решение

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот